Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје со помош на УНИЦЕФ и УСАИД изработи студија за „Менталното здравје на адолесцентите и нивните старатели за време на пандемијата Ковид-19“. Во студијата биле вклучени 506 адолесценти (31,4 проценти машки, 68,6 отсто женски) и 492 старатели (29,9 проценти машки, 70,1 отсто женски).
Од вкупниот број испитани старатели, 10,4 отсто имале депресија, а 22 проценти имаат самоповредувачки мисли. Истражувањето покажа дека 30 отсто од адолесцентите имаат умерени до тешки симптоми на депресија. Кај адолесцентите истражувањето покажа дека една четвртина од нив имаат самоповредувачки мисли, а 42,1 отсто имаат умерени до тешки симптоми на анксиозност. Стравот од КОВИД-19 бил поприсутен кај помладите адолесценти, особено од женски пол.
Сите овие податоци укажуваат дека адолесцентите страдаат значително повеќе од депресија, анксиозност, самоповредувачки мисли, нарушено функционирање поврзано со депресија и страв од КОВИД-19 во споредба со возрасните.
Најголема поддршка на испитаниците за време на пандемијата им биле членови од семејството, а на второ место пријателите. Значително повеќе адолесценти (7,7 проценти), во споредба со старателите (4,5 отсто) имаат потреба од помош и поддршка од областа на менталното здравје, но повеќе од половина на оние на кои им била потребна не ја побарале.
Пред неколку дена на конференција насловена „Менталното здравје ги засега сите“ на која меѓу другото беше презентирана и студијата, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани во своето обраќање истакна дека десет проценти од децата на глобално ниво се соочуваат со проблеми со менталнто здравје, а проблемите со менталното здравје кај три од четири возрасни лица започнале во детството.
„И покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за ментално здравје, не побарале такви услуги. Многу деца и адолесценти се борат во тишина, поради стигмата или затоа што нема доволно иницијативи кои го промовираат и го штитат менталното здравје и грижата за оние на кои им е најпотребна. Цената на оваа тишина може да се пресмета во изгубениот човечки капитал, а тоа влијае врз хармонијата и просперитетот на семејствата, заедниците и државите“, рече Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ.
Заклучокот од студијата е дека итно се потребни инвестиции во соодветни мерки, преку кои ќе се подобри и заштити менталното здравје кај адолесцентите и кај нивните старатели. Влијанието на индиректните последици од коронавирусот врз менталното здравје и квалитетот на живот имаат поголема улога отколку влијанието на стравот од КОВИД-19. Се препорачува и спроведување јавни кампањи коишто ќе ја намалат стигмата поврзана со барање помош и поддршка за подобрување на менталното здравје.
Во текот на својот живот децата и младите искусуваат различен степен на ментално здравје и добростостојба. Според глобалните податоци, 1 од 10 ќе искуси и проблеми со менталното здравје.
Освен студија за адолесцентите, изработена е студија за менталното здравје на жените во перинаталниот период, која покажува дека повеќе од 54 отсто од младите мајки што пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето, а токму тоа е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.