Во јануари 2021 две млади девојки, Сара и Кате го започнаа Инстаграм профилот @_yesforless каде првичната идеја беше споделување на секојдневни, еколошки навики со нивните пријатели и најблиски и учење едни од други. Идејата се разви и доби на голема поддршка и следачи кои ентузијастички споделуваа совети и факти за екологија и одржливост прочитани на профилот. Денес по победата на натпреварот по социјално претприемништво RISE идејата Yes for less, заедно со новиот член Марко ќе се развива уште повеќе. Се запознавме со Сара, Кате и Марко кои ни кажаа многу интересни работи и идеи за поголема одржливост што може да ги примени секој.
Сара Коцевска е архитект по професија, фотограф по страст, екологист(ка) и патник по природа. Во секојдневниот живот таа се бори против секојдневниот отпад и пред сè, се обидува да ја намали секојдневната употреба на предмети за еднократна употреба со изнаоѓање поиздржливи решенија. Нејзиниот најголем сон е Македонија да стане одржлива земја, да има чиста животна средина, енергетско-независни објекти и урбана мобилност. Таа дипломирала со најголеми почести на Politecnico di Milano во 2020 година и е моментално магистер по архитектура. Во моментов, таа живее и работи како архитект во компанија која исклучиво се занимава со одржлива архитектура (XTU Architects) во Париз. Таа смета дека луѓето треба да се едуцираат и да земат што е можно повеќе знаење од европските поразвиени земји, но тоа знаење да го имплементираат во Македонија.
Kатерина Илијовска е инженер којa се интересира како за техничката, така и за социјалната страна на проблемите поврзани со животната средина. Таа била активист во хуманитарни и студентски организации уште од својата 15-та година и сака да го посветува своето слободно време за да го направи светот едно подобро место за живеење. Нејзините две омилени активности се пешачењето и времето поминато во природа. Катерина има двојна диплома од мастер школата EIT KIC Innoenergy, чија програма е насочена кон одржлив енергетски развој со силен фокус кон претприемништво. Моментално работи во Барселона како логистички аналитичар и е во потрага по нова работа во областа на заштита на животната средина.
Марко Гапо е пејач/музичар по струка, студирал на Музичката академија во Скопје, но се занимава и со актерство, видео продукција и од неодамна со еко-активизам. Ужива во планинарење, кампување, поминување што повеќе време во природа, патување како и истражување на непознати места. Тој е вклучен во многу видови на активизам уште од неговите средношколски денови, борејќи се против обидите за деструктивни образовни реформи кои изнесоа околу 10.000 студенти на улица и предизвикаа бран на студентски активизам. Тој во моментов е дел од граѓанското еко движење (За Почиста Македонија) кое има за цел да ги инспирира и мотивира луѓето да се вклучат во решавањето на проблемите со ѓубрето преку акции за чистење и кампањи на социјалните мрежи. Марко верува дека големи и позитивни промени се можни сè додека има луѓе кои работат на нивно остварување.
Како започна Yes for Less, што ве насочи кон креирањето на ваква содржина поврзана со одржливост и еколошки навики? Како се развиваше со текот на времето?
Сара: Сè започна кога се преселивме во странство поради магистерски студии, јас како архитект во Италија, а Кате пак како хемиски инженер со фокус на енергетика на мастер програма која вклучуваше живеење во неколку држави – Полска, Португалија и Шпанија. Гледајќи како граѓаните на сите овие европски држави живеат и се однесуваат, нè поттикна да размислуваме што и ние во Македонија правиме подобро, а што полошо, и што можеме да примениме и научиме. По правењето на Инстаграм профилот со текот на времето, добивме многу позитивни коментари од страна на поединци кои лично не ги познававме, но со кои поминувавме часови и часови допишувајќи се. Во текот на претходната година разменивме толку многу совети и научивме толку многу и самите ние, што решивме дека имаме нова мисија – воспоставување и креирање на еко заедница во Македонија. Не сакавме идејата да остане само на Инстаграм и сметаме дека има голем потенцијал со оглед на тоа што имаме добиено околу 21.000 прегледи од различни профили на нашите објави по органски пат. Затоа лани во октомври, заедно со нашиот трет член Марко кој ни се придружи тогаш, аплициравме на програмата за социјално претприемништво RISE организирано од страна на „АРНО“ и после 5 месеци бевме избрани како еден од двата победнички тима на овој натпревар при што добивме грант кој ќе го искористиме за доразвивање на нашата идеја во наредните месеци.
Кате: Сега би се запрашале која е нашата мотивацијата да правиме нешто за Македонија иако не живееме таму? Иако се отселивме поради професионални причини и неможноста да го работиме тоа што го работиме сега, сепак ни е важно да придонесеме толку колку што можеме, од таму каде што сме во моментот. Всушност тоа е и нашето мото – да покажеме како СЕКОЈ од нас индивидуално може да направи мала промена, и дека само со мали чекори, можеме да стигнеме до големи промени еден ден. Инаку, никогаш не велиме дека еден ден нема повторно да се вратиме, во овие неколку години со Ковид научивме дека некогаш не знаеме каде животот може да не однесе и што може да очекуваме. Но како и да е, работите не се менуваат преку ноќ, а ние сме подготвени заедно со нашата еко заедница да работиме на подигнување на еколошката свест во Македонија.
Што сметате дека е потребно да менување на навиките кај луѓето, од каде да почнат, како да најдат соодветна замена и услови за поголеми чекори во одржливото живеење?
За секој кој сака да придонесе кон почиста животна средина, прв и најлесен чекор со кој може да започне е проценка на сопствените секојдневни навики и практики и кои од нив може да се променат. Најпрво, производите кои секојдневно ги купувам. Колку отпад создавам со нив? Колку од отпадот е пластика која не се разградува? За кои производи можам да најдам поодржлива замена без непотребно пакување кое ќе заврши во депонија? Потоа, домашните навики. Дали трошам повеќе вода отколку што е потребно? Дали ја оставам водата да тече додека ги четкам забите? Дали другата соба е празна а светлото и телевизорот си стојат вклучени? Дали фрижидерот ми е полн со храна што никогаш нема да ја изедам и најверојатно ќе ја фрлам за две недели?
Сите овие прашања може да нè натераат да размислиме колку и како со нашиот секојдневен живот влијаеме врз животната средина. Од прва можеби изгледаат како премногу работи за применување, но никој не очекува од нас наеднаш да го превртиме цел живот за 180 степени за да ја спасиме Земјата. Чекор по чекор, ден по ден. Бидете искрени со себе и почнете од работите кои ви се чинат најлесни за правење. Ние на пример сè уште не сме 100% еко во сè што правиме, и тоа е во ред. Со секој поминат ден правиме сè повеќе, а најважно е што повеќе луѓе да сме свесни и да правиме мали промени на секојдневна база. На пример, од утре ќе купувам моркови и јаткасти плодови само од пиљара, каде што ги продаваат рефус, наместо спакувани во пластика како во повеќето супермаркети. Следната недела ќе си купам метален брич кој ќе ми трае цел живот, бидејќи досега имам фрлено стотици пластични бричеви за еднократна употреба на кои ќе им треба стотици години да се разградат. Ќе одам пешки 20 минути за да се видам со другарот бидејќи реално не ми треба кола за до таму. А не е лошо и точакот да го извадам од подрум.
Со малку посвета и истражување може да се најдат многу начини како да го намалиме нашето негативно влијание врз средината. Посебно сега, кога во Македонија имаме раст на зелени и еколошки свесни бизниси/продавници имаме шанса полесно да се осврнеме кон поодржлив живот.
Кон кои правила и принципи за одржливост се придржувате вие?
Марко: Јас лично се трудам да живеам минималистички. Купувам само тоа што знам дека ми е навистина потребно. Сè што имам од храна гледам да се изеде на време без ништо да се расипе и фрли. Се трудам да не запаѓам во искушенија да купувам производи што по 2-3 недели ќе ми станат непотребни, а тоа што го имам дома и ми седи само така го подарувам или донирам, наместо да го фрлам или чувам и заборавам во подрум (многу корисна алатка за ова е групата „Дај, не фрлај!“ на Фејсбук). Пробувам да создавам што е можно помалку отпад, а отпадот што го создавам да го селектирам за рециклирање. Низ град кога и да можам користам автобус, велосипед или електричен тротинет, а колата скоро секогаш само за патувања надвор од град. И покрај тоа сè уште имам некои стари навики како користење влажни марамчиња кои ми е потешко да ги отфрлам, но, чекор по чекор, се трудам да се подобрувам секој ден.
Сара: Инвестиција во производи кои ќе ми траат подолго, наместо еднократно. Секогаш купувам нешто што ќе ми трае подолго, наместо нешто што во моментот изгледа евтино, но потоа за некој период ќе треба повторно да го заменам. Верувам во тоа дека ние како потрошувачи имаме неверојатно огромна моќ преку парите да влијаеме кон која насока ќе се движат бизнисите. Пред да купам било што размислувам кого всушност поддржувам и секогаш избирам некој локален занаетчија/производител наспроти некој огромен ланец на бизниси. Купувам подароци кога нешто ќе ме потсети на некој, а не само затоа што е роденден и морало да се добие подарок.
Кате: Кон сè што е погоре напишано од Марко и Сара и дополнително се трудам да купувам и внесувам што е можно повеќе сезонска храна со познато потекло и од локални производители.
Што би издвоиле како најдобро решение во градовите каде што живеете? Колку градските власти се трудат да понудат и да направат соодветни услови за сите жители?
Сара: Од Париз конкретно може да се научи како градот се справува со намалување на сообраќајот. Целиот град е одлично поврзан со велосипедски патеки, а едни од најглавните улици како на пример пред познатиот музеј Лувр, две од четири ленти се исклучиво за велосипеди а другите две за јавен превоз или автомобили со специјални дозволи. На пример тоа може да се изведе кај нас на Рекорд и од четири ленти да се направат две за велосипеди. Секој прв викенд од месецот центарот е исклучиво наменет за пешаци и велосипеди, а сè повеќе и повеќе ја прошируваат мапата и затвораат одредени улици. Најново е што во 2022 воведоа нови рестрикции за автомобили и моментално максимална брзина за возила е 30км/ч. Со оглед на тоа што еден велосипед оди до 25км/ч, мислам дека е повеќе од јасно зошто сè повеќе и повеќе луѓе ги заменуваат автомобилите за велосипеди. Јас лично секојдневно користам сервис кој се вика Velib од и до работа, како и останати прошетки. Во метро или такси влегувам многу многу ретко, скоро никогаш, дури и кога врне дожд јас сум на велосипед. Овој сервис на споделување велосипеди е распространет насекаде низ градот, а секоја станица е оддалечена на само 5 мин пешки една од друга. На секоја се поставени минимум по 10 велосипеди, каде секој може да земе велосипед но треба да го остави или пак замени во рок од 30 мин. Особено ми е важно што не произведувам скоро никакви емисии на јаглерод диоксид со користењето на велосипед, а во исто време не се плашам дека може да ми го украдат доколку го оставам бидејќи е заклучен на јавен паркинг. Исто така, ми се допаѓа моментот што не ме обврзува да морам да чекам автобус / метро за да стигнам или да се вратам од дестинацијата. Целта на овој сервис е велосипедот да е достапно средство за секој, во секое време од денот.
Кате: Во Барселона случајот е сличен како во и во Париз. Претходниве неколку години постојано се воведуваат разни мерки кои имаат за цел да ги обесхрабрат граѓаните да користат автомобили и да го стават човекот и неговите потреби како централна точка околу која ќе се редизајнира градот. Освен беспрекорен јавен превоз, дел од мерките се: данок за постари автомобили кои испуштаат издувни гасови во големи количини при што собраните пари одат во климатски фонд, претворање на прометни сообраќајници во зелени површини со пренасочување на сообраќајот под земја, пренаменување на одредени раскрсници во т.н. „суперблокови“ каде што луѓето може слободно да печашат, а автомобилите може да циркулираат само на надворешните ленти со максимална брзина од 10km/h.
Овие мерки особено се засилија откако почна пандемијата, бидејќи потребата на граѓаните за поголеми пешачки зони се зголеми после три месечниот карантин во Шпанија и уште многу месеци со затворени ресторани и кафулиња. До 2030 Барселона има за цел да ги зголеми пешачките зони за ~33 хектари кои моментално се улици наменети за автомобили.
Што според вас е потребно за Скопје да стане еко-град, која точка според вас е итна за решавање?
Пред да зборуваме за еден еко-град, веруваме дека Скопје треба да се децентрализира и да се активираат останатите градови и села. Едно од најважните нешта според нас е инвестиција во функционална железничка станица со чести и брзи возови која ќе ги поврзува повеќето поголеми градови. На тој начин, нема да има потреба луѓето да се доселуваат во Скопје поради работа, туку би можеле да патуваат на дневна база. На овој начин функционира Белгија, која како мала држава е одлично организирана во поглед на транспортот помеѓу градови. Така, многу луѓе работат и патуваат по 1h до Брисел, но потоа се враќаат во своите градови каде го поминуваат остатокот од денот и викендот во своите домови. Доколку зборуваме за еко град како концепт, дефиницијата е многу опширна и некогаш субјективна, бидејќи има многу полиња и критериуми според кои еден град може да се смета како одржлив.
Конкретно за Скопје, не постои едно единствено решение кое ќе ни го трансформира градот наеднаш. Но, еве да замислиме дека имаме едно магично стапче: правилно постапување со био-отпадот, производство на обновлива енергија во објектите, инфраструктура која нема да го стави автомобилот на прво место пред пешаците и велосипедистите, приоретизирање на дрвја и зеленило бидејќи секое едно дрво значи живот. Од досегашното искуство властите не обрнувале многу внимание на еколошкото влијание кои го имаат нивните политики и најчесто иницијативите кои резултираат со позитивни промени во овие полиња доаѓаат од активистички движења.
Кај нас, едно такво движење е Зелен Хуман Град кое е можеби првото граѓанско здружение што добило доволно поддршка од јавноста за да ја има можноста активизмот да го донесе во советот на градот. Како за пример, МамаОргана, кои се дел од ЗХГ, донесоа предлог за воведување на општински компостари во градот. Овој предлог за среќа беше прифатен од Советот на Град Скопје, па во блиска иднина може конечно да дочекаме компостари кои ќе го обработуваат и компостираат органскиот отпад во нашиот град. Бидејќи био-отпадот претставува околу 60% од вкупниот отпад, со овие компостари би се преполовило количеството на отпад, би се намалиле емисиите на метан (гас кој произлегува од био-отпадот во депониите и придонесува кон глобално затоплување и загадување на воздухот) и био-отпадот би се пренаменил за производство на ѓубриво.
На Балканот, запознаени сме со урбанистичкиот проект Тирана 2030 чија визија е до 2030 година Тирана да стане зелен и паметен град. За време на своите магистерски студии во Милано во 2018 година, Сара имаше можност да биде дел од конференција каде главниот архитект на проектот Стефано Боери заедно со градоначалникот на Тирана Erion Velia ја објаснуваа трансформацијата на овој град во повеќе детали. Дел од темите на кои веќе се работи се поврзани со одржлива мобилност, зелени простори и биодиверзитет, одржлива енергија, менаџирање на ресурси, итн. Конкретно, како дел од високо приоритетните акции спаѓаат: релокација и решавање на транспортот и коловозните ленти за автомобили, автобуси и зголемување на патеките за велосипеди. Воведување на систем за изнајмување на велосипеди, садење на 3 милиони нови дрвја како и реставрација на езерата во близина, воведување на така наречени џебни паркови помеѓу зградите, намалување на ѓубрето кое завршува во депонија преку воведување на повеќе контејнери за рециклирање. Понатаму, замена на улични лампи со паметни и енергетско ефикасни лампи, итн. итн. Силно веруваме дека ваков план е потребен и за Скопје. Исто така, веруваме дека воопшто не е ниту страшно ниту пак срамно да побараме стручна поддршка и можност за соработка од професионалци и од другите држави, како што имаат направено во Тирана.