Марго Роби ја оживува иконската кукла во новиот филм „Барби“ во режија на Грета Гервиг. Номинираната актерка за Оскар во филмот глуми заедно со Рајан Гослинг во улога на Кен, Но тие двајца не се единствените Барби и Кен во филмот. Новиот трејлер, што беше објавен вчера заедно со официјалните постери, ни ги покажа и другите Барбики и Кенови во филмот. Во визијата на Грета Гервиг, Барби е сè. Таа има разни професии и е претседателка, има добиено Нобелова и Пулицерова награда, таа е судијка, докторка, авторка, дипломат, адвокатка, сирена… додека Кен е само Кен.
Иако трејлерот не дава јасна слика за приказната и содржината, откриено е дека Барби и Кен ќе заминат од Барбиленд во реалниот свет и ќе се судрат со разни предизвици поради тоа што веќе не се само кукли.
Филмската екипа е со познати актерски имиња, меѓу кои се Вил Ферел, Хелен Мирен, Конор Свинделс, Никола Кофлан, Емералд Фенел, Кејт МекКинон, Ана Круз Кејн, Америка Ферера, Иса Реј, Александра Шип, Шерон Руни, Кингсли Бен-Адир, Ема Меки, Скот Еванс, Симу Лиу, како и пејачката Дуа Липа.
Иако Грета Гервиг изјави дека овој филм може да „ѝ стави крај на кариерата“ сепак тоа го сметала како знак дека треба да го режира. Филмот изобилува со светли, шарени, неонски бои, но и многу музика и танцувачки сцени, а минатата недела „Барби“ имаше тест скрининг пред одредена публика и доби восхитувачки критики. Иако познатата кукла служи како бастион за дотраени и нереалистични стандарди за убавина, во режија на Гервиг се очекува нејзина постмодерна рехабилитација во филмот.
Филмот „Барби“ ќе ја има премиерата на 21 јули, а во прилог погледнете го трејлерот.