На 30 јуни во Кинотека се одржа работилница и демонстрација на Бунраку, традиционален јапонски професионален куклен театар, впишан на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО.
Настанот започна со поздравни обраќања на амбасадорката Кавахара и деканот Владимир Павловски, по што следуваа демонстрација и работилница посветени на оваа единствена театарска уметност. Преку прецизната анимација на куклите, впечатливата нарација и традиционалната музика, публиката имаше можност да се запознае со вековната јапонска театарска традиција.
Бунраку е една од четирите форми на јапонскиот класичен театар, заедно со кабуки, но и кјоген. Својот најголем развој го доживува во текот на 17 и 18 век, а името го добива по „Бунраку-за“, единствениот комерцијален театар за Бунраку што опстанал до денес.








Овој театар е познат и под називот „Нингјо Џорури“. „Нингјо“ значи „кукла“, додека „џорури“ е традиционален стил на драмско наративно пеење придружено со трожичниот инструмент шамисен. Иако главните ликови се кукли, Бунраку не е детски театар, туку комплексна драмска форма наменета за возрасна публика.
Од околу 700 драмски дела создадени во периодот Едо (1600–1868), околу 160 и денес се дел од активниот репертоар. Претставите, кои некогаш траеле цел ден, денес најчесто се изведуваат во скратена форма, со два или три чина.
Нингјо Џорури Бунраку е прогласен за нематеријално културно богатство на Јапонија во 1955 година, а во 2008 година е впишан на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО, по првичното прогласување во 2003 година.
Организатор на настанот е Koten-goten, во соработка со Факултетот за драмски уметности во Скопје и Кинотеката. Настанот е реализиран со поддршка на Агенцијата за култура на Јапонија, The Tokyo Club, Japanese Heritage Society и Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.





