Во рамки на 21то издание на фестивалот Танц Фест, вечерва (5 мај 2025) со почеток во 20:00 часот, на сцената на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи уште една значајна вечер посветена на современата танцова уметност. Публиката ќе има можност да проследи четири моќни и концептуално различни изведби во продукција на Скопје танцовиот театар, во соработка со домашни и меѓународни уметници.
Ќе се изведат кореографиите “Ехо на баронот“, во кореографија и концепт на Дејан Битровски, на музика на HERZEL, сценографија на Матеа Мијановиќ, а ќе настапат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска. Претстава која ја истражува психолошката манипулација во современото општество преку темите на синдромот Минхаузен и неговите модерни манифестации. Танцот, музиката и визуелните елементи прикажуваат како под влијание на медиумите и социјалните мрежи, луѓето создаваат искривени верзии од себеси, борејќи се да го задржат својот автентичен идентитет. Примиерата на оваа претстава беше изведена на малата сцена на Националната Опера и Балет на отворањето на „Денови на македонски кореографи“. Потоа следи „Џез Токата“ во кореографија на Рисима Рисимкин, настапуваат Илина Костова и Моника Шолевска. Ова е дипломска изведба на студентки од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Претставата е инспирирана од музичка експресија и импровизација, со фокус на техничка прецизност и енергична динамика. Веднаш потоа е дел од „Госпоѓиците од Авињон – Бунтот на Венерите“ во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи. Инспирирана од истоимената слика на Пикасо, оваа фрагментарна балетска претстава ќе се изведе од студентки на Катедрата за балетска педагогија – УГД Штип. Преку бунтовнички движења и силен сценски израз, танчерките истражуваат женскиот идентитет и неговата еволуција во уметноста и општеството. На крајот, премиерно ќе се изведе кореографијата “Несовршен Превод” на Гилда Чезарио, гостин кореограф од Италија и Скопје танцовиот театар 2. Претставата истражува „што се случува кога се обидуваме да пренесеме чувство, мисла или движење од еден јазик во друг? Оваа претстава ја истражува токму таа транзиција – местото каде што настануваат грешки, празнини и нови значења. „Imperfect Translation“ е прослава на недоразбирањата како потенцијал за нова креативност, автентична комуникација и поетски израз.“
Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk.
Учеството на студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ е дел од проектот “УГД – Чекор кон светот 2025”.
Скопје танцовиот театар е единствената современа танцова компанија кај нас, која во континуитет работи од 2011 година, а чија работа е во организација на Интерарт културниот центар. Компанијата има продуцирано над 70 претстави во четиринаесетте години на своето постоење. Во 2022 година оствари историско гостување на сцената на
Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, а гостувањето на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин, париската критиката го оцени како „брилијантна претстава на авангарден кореограф“. Скопје танцовиот театра гостувал и на престижни сцени ширум светот: на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД, „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Meet in Beijing“ во Пекинг, Кина, Верона Шекспир Фринге Фестивал, Верона, Италија, како и во многу други градови низ Европа и Азија. Работата на Скопје танцов театар е поддржана од Министерството за култура.
Програмата на Танц Фест Скопје е организирана од Интерарт Културниот Центар и поддржана од Министерството за Култура и Туризам, како и од долгогодишните поддржувачи Виталија, Бовин, Втамини.мк, Францускиот Институт, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Македонскиот Народен Театар, МКЦ, Националната Галерија.. Особена благодарност до сите медиумски покровители кои ги споделуваат нашите носвости со вас!