Хелсиншкиот комитет за човекови права веќе три децении претставува важен столб во заштитата и промоцијата на човековите права. Основан со мисија да ги следи, документира и унапредува правата на сите граѓани, Комитетот игра клучна улога во градењето на праведно и инклузивно општество. Во ова интервју со Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, разговаравме за предизвиците што ја обликуваат нивната работа, но и за постигнатите резултати во овие 30 години.
Неодамна, Хелсиншкиот комитет за човекови права прослави 30-годишен јубилеј, бројка што говори за квалитетот на оваа организација. Како го оценувате напредокот на нашата земја, едно кратко резиме за најголемите предизвици со кои се соочивте?
Демократскиот развој на едно општество најдобро се отсликува низ состојбите со човековите права, односно свесноста за потребата од нивно почитување и, секако, степенот во кој се остваруваат тие. Секако дека постои напредок во законодавната рамка, па и во свесноста на граѓаните за нивните права и начините на кои можат да ги заштитат, но сè уште не постои навременост и квалитет во остварувањето на човековите права. Не постои континуитет во тој напредок, бидејќи тој најчесто зависи од политичката волја и моменталните интереси на партиите на власт. Партизацијата, клиентелизмот, корупцијата и неказнивоста сè уште се феномени што се присутни во голема мера и ниту една влада досега не презема категорични мерки за нивно искоренување. Граѓаните и нивните потреби и благосостојба се на маргините на интересот на политичките чинители.
Човековите права честопати се користат како алатка во политички дискурси, но дали мислите дека постои вистинско разбирање за нивната примена или тие се сведуваат на политичка реторика?
Политичките партии милуваат да кокетираат со јавноста декларативно залагајќи се за човековите права и слободи, но за жал, најчесто тоа останува само на декларативна волја и многу малку од тоа се преточува во практиката. Не станува збор за разбирање, односно неразбирање. Многу е просто, сè зависи од внатрепартиските интереси или политичките договори помеѓу партиите. Звучи сурово, но за жал тоа е реалноста.
И покрај постоењето на правна рамка, институционалната ефикасност честопати е спорна во нашата држава. Дали сметате дека институциите се доволно подготвени да се справат со дискриминацијата и што недостига за ефикасно функционирање на системот?
Правната рамка, иако непотполна во одредени области, сепак не е главниот проблем во нашата држава. Имплементацијата, односно нејзината реализација во практиката, секогаш била проблем. Тоа не изненадува ако се има предвид дека нашата администрација е апсолутно партизирана и оттука државните службеници, односно оние што одлучуваат за правата на граѓаните, не се водат од нивните интереси, туку од интересите на партиите кои ги вработиле. Дискриминацијата е присутна речиси во сите сегменти од нашето живеење и во еден период Комисијата за спречување и заштита од дискриминација претставуваше светла точка поради фактот што неколку нејзини членови беа непартиски избрани, односно доаѓаа од граѓанскиот сектор. Во моментов, поголемиот дел од членовите на оваа комисија се избрани по партиска основа и останува да видиме како тоа ќе се одрази на нејзината ефективност и непристрасност во борбата против дискриминацијата.
Каква е вашата визија за иднината на граѓанското општество во Република Северна Македонија и неговата улога во зачувување и унапредување на човековите права?
Граѓанскиот сектор во клучни моменти за државата одигра значајна улога како од аспект на активизмот и подигнувањето на свеста на граѓаните за нивните права, така и од аспект на експертизата што ја даваше при конципирањето на важни закони и политики. И покрај тоа што по Шарената револуција, голем дел од активистите преминаа да работат за Владата, а по пандемијата со КОВИД-19 голем дел од организациите се соочуваа со финансиски тешкотии, сепак секторот остана доследен на своите вредности и својата улога на watch dog или коректор на власта. Сметам дека, и покрај сите тешкотии, граѓанскиот сектор ќе успее повторно да се консолидира и ќе остане прибежиште и заштита за граѓаните и особено оние најранливите во нашето општество. Сервисите што граѓанскиот сектор ги дава на здравствено ранливите категории, жените жртви на родово базирано насилство, ЛГБТИ-заедницата, лицата со попречености, Ромите – се од непроценлива важност и се пополнување на празнините во сервисите на системот.
Во нашето општество преовладува политички амбиент што често се карактеризира со поделеност и притисоци. Како Хелсиншкиот комитет ја задржува независноста од политички влијанија?
Хелсиншкиот комитет до 2017 година беше мета на сериозни притисоци, говор на омраза како и закани, поради нашето јавно критикување на политиките на тогашната власт. Независноста и отпорноста на какви било влијанија се должи на вистинската верба во вредностите за кои се залага и, секако, финансиската независност од државата. Јавното говорење за погрешните политики на која било власт, односно критичката мисла, секогаш била и ќе остане основно обележје на Хелсиншкиот комитет.
Стигмата и дискриминацијата длабоко се вкоренети во многу аспекти на општествениот живот во нашата држава. Кои мерки би ги предложиле за долгорочно намалување на овие предизвици?
За жал, нашето општество е општество со многу стереотипи и предрасуди и, секако, нетолеранција кон оние што се разликуваат од мнозинството. За да се искоренат овие феномени што директно влијаат на правата и слободите на маргинализираните заедници, потребен е севкупен реформски зафат, во сите области на нашето живеење, односно кај образованието, односно наставните содржини што треба да ги обликуваат децата во личности кои ќе ја разберат различноста како богатство на една земја, потоа санкционирањето на говорот на омраза, кој, всушност, е дискриминаторски говор, соодветното третирање и санкционирање на кривичните дела од омраза.
Раководењето со ваква значајна организација бара огромна посветеност и визија. Што ве мотивира да останете доследна во вашата работа и дали чувствувате дека постигнувате промени?
Борбата за човековите права е моја работа речиси 30 години. И покрај сите предизвици и разочарувања, никогаш не престанав да верувам дека секој чекор напред, колку и да е мал, е многу значаен. Секое остварено право на еден граѓанин за мене е голема работа. Менувањето на свеста е процес и особено менувањето на свеста на политичките партии и сите оние што одлучуваат за правата на граѓаните. Задоволна сум дека успеавме низ нашето дејствување да разбиеме одредени стереотипи, успеавме да одржиме пет успешни Паради на гордоста и оваа година наградата „Мето Јовановски“, освен Центарот за граѓански комуникации, ја доби и Лила Милиќ, транс жена и голема борка, што за мене претставува голема работа и показател дека не се залудни сите наши напори.
Хелсиншкиот комитет секогаш е во првите редови на борбата за правата на граѓаните, унапредувајќи ја состојбата на човековите права. Кои се главните приоритети на вашата работа во моментот и какви резултати очекувате од тековните иницијативи?
Хелсиншкиот комитет ги следи состојбите со човековите права во сите области, а секако дека особен фокус има на ранливите групи и негативните феномени во нашето општество. Од тие причини, години наназад во комитетот функционираат две веб-платформи – една за регистрирање на говорот на омраза и веб-платформа за кривични дела и инциденти од омраза. Бесплатната правна помош функционира секојдневно и им дава можност на граѓаните да бидат ислушани, да им се даде соодветен правен совет или да се отвори постапка со цел да им се помогне во остварувањето на нивните права. Подружниците на Хелсиншкиот комитет, ЛГБТИ центарот за поддршка, Сигурната куќа и социјалниот центар „Комитет“, се наменски востановени, со цел да им овозможат сервиси на граѓаните со поинаква сексуална ориентација, сервиси што не ги дава државата. Секако, родово базираното насилство и заштитата на жените жртви од родово базирано насилство се многу важен сегмент. Во таа насока, од следната година ќе биде востановена уште една платформа поддржана од Мисијата на ОБСЕ и во партнерство со Мрежата против семејно насилство, платформа за регистрирање на фемицидите во нашата држава, што сметам дека ќе биде значаен чекор во борбата против родово базираното насилство. Сите наши активности сега и во иднина се раководат од потребите на граѓаните и од негативните феномени во општеството што директно влијаат на остварувањето на човековите права. Тоа е основната водилка при конципирањето на нашите проекти и активности. Визијата за општество во кое секој поединец, без оглед на неговите карактеристики, ќе биде еднакво третиран и почитуван е она што нè води и нè насочува, но и она што ни ги дава потребниот ентузијазам и енергија да се справуваме со сите предизвици.