Според најновиот извештај на Фондот за население на Обединетите нации-УНФПА, „8 милијарди животи, бесконечни можности: случај на права и избори”, објавен вчера, во светот е раширен стравот за населението па владите сè повеќе усвојуваат политики насочени кон зголемување, намалување или одржување на стапките на фертилитет. Но, напорите да се влијае на стапките на фертилитет најчесто не се ефикасни и може да ги поткопаат правата на жените.
44 проценти од жените кои имаат партнер, во 68 земји немаат право да донесуваат информирани одлуки за своите тела кога станува збор за планирање на семејството и барање здравствена грижа.
Дополнително, околу 257 милиони жени ширум светот имаат незадоволена потреба за безбедно и сигурно планирање на семејство.
УНФПА повикува на радикално преиспитување на тоа како се обликува бројот на населението, апелирајќи до лидерите да ги напуштат преобемните наративи за бумот и падот на бројот на населението. Наместо да прашуваат колку брзо луѓето се репродуцираат, лидерите треба да прашаат дали поединците, особено жените, имаат можност слободно да носат одлуки за своето репродуктивно здравје – прашање чиј одговор, премногу често, е не.
„Женските тела не треба да бидат заробеници на целите за населението. За да изградиме просперитетни и инклузивни општества, без оглед на големината на населението, мора радикално да преиспитаме како ги планираме и зборуваме за промените на населението“ вели Наталија Канем, извршната директорка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.
Оттаму истакнуваат дека политиките за плодност што се дизајнирани за зголемување или намалување на наталитетот најчесто не се ефикасни и можат да ги поткопаат правата на жените.
„Многу земји воведоа програми за креирање поголеми семејства нудејќи финансиски стимулации и награди за жените и нивните партнери, но и покрај тоа, нивните стапки на наталитет се под две деца по жена“, се вели во извештајот.
Дополнително, посочуваат наодите, планирањето на семејството не смее да се користи како алатка за постигнување на целите за плодноста – тоа е алатка за зајакнување на поединците. Жените треба да имаат можност да бираат дали, кога и колку деца би сакале да имаат, без да бидат принудени од експертите и службениците.
„Алармот што доминира во јавните дискурси за стапките на плодноста претставува вистински ризик и нè спречува да најдеме конструктивни решенија за сериозни, но решливи проблеми. Исто така, ризикува тоа да стане причина за одрекување на правата и телесната автономија на жените и девојчињата,“ вели Флоренс Бауер, директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.
Извештајот препорачува владите да воспостават политики чија суштина ќе бидат родовата еднаквост и правата, како што се програми за родителско отсуство, даночни кредити за деца, политики што промовираат родова еднаквост на работното место и универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права.
Во однос на животниот век на жените во светот, најдолг животен век имаат жените во Јапонија – 88 години, а мажите просечно живеат 82 години, а по Јапонија е Франција каде што жените живеат просечно 86 години, а мажите 80. Во Македонија животниот век на жените е 77 години, а на мажите 73 години со што земјава се најде на средината на листата земји во светот.
Во регионов најголем животен век имаат Грците – 80 години за мажи и 84 кај жените, потоа е Хрватска каде што жените имаат животен век од 82, а мажите 77 години, во Албанија жените живеат просечно 81, а мажите 76 години, во Црна Гора животниот век на жените е 81, а на мажите 75, во Србија жените живеат просечно 78, а мажите 72 години и на крајот на листата на земјите од регионот се наоѓа Бугарија со 76 години просечен животен век кај жените и 70 години кај мажите.