Под мотото „Тука сме и без закон“, Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Северна Македонија – „ТрансФорма“, и оваа година, марширајќи се приклучи кон глобалното движење за одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица – 31 март.
Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе – 31 март се бележи насекаде во светот со цел зголемување на видливоста на трансродовите лица, кревање на јавната свест за прифаќање на оваа заедница и поттикнување еднакви човекови, здравствени и трудови права за овие лица од страна на државата.
„Со жалење мораме да констатираме дека во нашата земја оваа заедница сè уште е една од најмаргинализираните, најстигматизираните и најдискриминираните, така што, работењето во насока на зголемување на нејзината видливост е од витално значење, бидејќи тоа е првиот чекор кој води до прифаќање и интегрирање на трансродовите лица во општеството“ изјави Лила Милиќ од „Трансформа“.
Таа посочи дека не може да се забележи никаков напредок или исчекор во оваа смисла и потсети на повлекувањето на предлогот на Владата за правно признавање на родот, со што, според неа, трансродовата заедница е дополнително турната на маргините.
„Иако државата декларативно се залага за унапредување на човековите права, во суштина и во пракса, прави сè да не го признае најосновното човеково право на трансродовата заедница – правото на сопствен идентитет, со што оваа заедница не е во можност да остварува какви било права во државата и има сериозно ограничен пристап до институционални услуги“, кажа Милиќ.
Од „ТрансФорма“ апелираат до пратениците и сите релевантни институции непристрасно и професионално да ги исполнат своите обврски преземени пред европските институции така што трансродовите лица би можеле на брз, транспарентен и лесно достапен начин да добијат усогласени документи, а со тоа и институционален третман како и сите други граѓани.