Третото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“ ќе се одржи од 6 до 8 јуни 2025 година во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Главен гостин на годинашниот фестивал е реномираниот германски стрип-автор Рајнхард Клајст, познат на светско ниво по своите графички биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв и Џони Кеш, како и по графичките романи Боксерот и Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар.
Клајст ќе се претстави со изложба, панел-дискусија, цртачка сесија и уникатен цртачки перформанс со музичка придружба од Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ.
Фестивалот ќе ги угости и познатите стрип-автори од регионот: Марко Дјешка (Хрватска), Марко Стојановиќ (Србија) и Гани Сундури (Косово).
Македонските автори што ќе учествуваат се Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Давор Драмиќанин, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев и Стефан Николовски.
Во рамки на фестивалот, писателот и теоретичар Томислав Османли ќе ја прими наградата „Македонско стрип наследство“, со која се оддава признание за неговиот значаен придонес во развојот на македонската стрип-култура.
Ќе бидат објавени и добитниците на конкурсот за најдобар краток стрип, кои ќе се закитат со финансиски и нефинансиски награди.
Програмата вклучува три изложби со стрип-табли и илустрации од гостите и учесниците на конкурсот, панели, презентации на нови домашни и регионални изданија, како и работилница за цртање со Здравко Гиров. Посетителите ќе можат да уживаат и во „џем“ цртачка сесија со сите гости, подкаст во живо со Дебели Гикови и низа други интерактивни содржини.
Ќе бидат прикажани и долгометражниот анимиран филм Јон Вардар против Галаксијата на Гоце Цветановски, како и кратките анимирани филмови на Марко Дјешка. Диџеј сетовите на Костадин Шурбановски – Шурбе и Владимир Благојевиќ – Владодлак ќе ја заокружат мултимедијалната програма.
Повеќе информации и дневни програми ќе бидат објавени на официјалните Фејсбук и Инстаграм профили на „Стрип Трип“.
Како дополнување на програмата, на 7 и 8 јуни од 12 часот на платото пред МКЦ ќе се одржи стрип-берза, на која ќе учествуваат следниве издавачи и продавачи на стрипови и графичка литература:
- Бункер
- Макстрипови
- Стрип Квадрат
- Арс Ламина
- Темплум
- Флип Бук Букс
- Артконект
- Гаврош
- Катран Комикс
- Парагонс Комикс
- Крипто Комикс
- Жарко Миловановиќ – Жбрц
Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар. Спонзори се Гете Институт, Скопско Смут и Арс Ламина.
Коорганизатори на „Стрип Трип“ се МКЦ, стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението „Макстрипови“, издавачката куќа „Стрип Квадрат“, како и поддржувачите на македонската стрип-сцена: „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“ и „Катран Комикс“.
Настанот е отворен за сите посетители.