Copenhagen Fashion Week (CPHFW) заврши, а градските улици, како и секоја година, беа подеднакво инспиративни како и модните писти. Оваа сезона беше посебно значајна, со 44 брендови на официјалниот распоред и враќањето на дизајнерката Сесилие Бансен (Cecilie Bahnsen), која како гостин дизајнер ја прослави 10-годишнината од постоењето на нејзиниот бренд.
Иако колекциите беа главната атракција, вистинското срце на CPHFW се крие во уличниот стил. Гостите покажаа дека модата во Копенхаген е многу повеќе од трендови, туку е начин на живот кој ја спојува удобноста со високата мода.
Оваа сезона, уличната мода ја дефинираше насоката на следните трендови, а овие парчиња се издвоија како инспирација:
Путер жолта кожа
Еден од највпечатливите трендови на улиците беше употребата на путер жолта кожа. Оваа боја, која е мека и нежна, се појави на јакни, мантили и чанти, давајќи луксузен и модерен изглед. Наместо силни и интензивни бои, оваа пастелна нијанса на жолто внесе доза на софистицираност и топлина во секој аутфит.
Точкаст дезен
Точкастиот дезен се врати на голема врата, ослободен од своето традиционално, детско значење. Беше присутен на сè, од елегантни проѕирни здолништа носени над кошули, до големи принтови на костуми. Точките внесуваат разиграност и ретро шарм, но беа стилизирани на модерен и зрел начин.
Бели панталони
Оваа сезона, белите панталони се наметнаа како задолжително парче. Совршени за пролет и лето, беа носени во различни варијации – од широки ленени панталони до елегантни панталони со висок струк. Тие даваат свеж и чист изглед, а лесно се комбинираат со различни бои и материјали.
Риги
Дезенот со риги, или линии, е класика која се врати во фокус. На улиците можеше да се забележат и вертикални и хоризонтални риги, најчесто на кошули, здолништа и широки панталони. Овој дезен е одличен за додавање динамика и структура на изгледот.
Чипкани здолништа
Чипката е материјал кој обично се поврзува со романтика и формалност, но оваа сезона беше видена во многу поопуштено издание. Чипканите здолништа во миди должина беа стилизирани со oversized сакоа, џемпери или спортски обувки. Ова создава интересен контраст кој е елегантен, но во исто време лежерен и модерен.
Домат црвена
Иако пастелните и неутралните бои доминираа, домат црвената се појави како силен акцент. Оваа жива и интензивна боја беше видена на палта, statement парчиња, па дури и како целосна монохроматска комбинација, докажувајќи дека скандинавскиот минимализам може да биде и исклучително храбар.