Здружението „Еду Центар“ – Скопје реализира значаен проект насочен кон популаризирање на иновативната методологија „Сугестопедија“, со која образованието и комуникацијата можат да бидат инспиративни, креативни и ослободени од стрес. Разговараме со претставник од Здружението, кој ни открива повеќе детали за целите и активностите.
Што претставува проектот што го спроведувате и која е неговата суштинска идеја?
Проектот носи наслов „Супер учење за супердеца“ и опфаќа повеќе активности: обуки, практична работа со менторство и промотивен настан на кој ќе бидат презентирани резултатите од проектот и афирмирање на современи педагошки и комуникациски практики. Методот Сугестопедија е развиен од проф. д-р Георги Лозанов и е одобрен од УНЕСКО, и овозможува учење без замор и стрес, со голем психолошки и педагошки бенефит.
Кои се клучните цели и вредности што сакате да ги постигнете преку овој проект?
Општата цел е популаризирање на методот Сугестопедија со цел подобрување на комуникацијата и квалитетот на едукација – како во формалното, така и во неформалното образование. Преку неговата примена се елиминира стресот од класичниот модел на едукативен процес предавач–ученик. Со овој проект сакаме да поттикнеме нови педагошки и комуникациски вештини кај едукаторите, а кај учениците да развиеме љубопитност и позитивен став кон учењето. Целта е наставниците и учениците да добијат поинаков, поослободен и покреативен начин на стекнување знаење.
Кои групи ќе бидат опфатени и на кого најмногу му е наменет проектот?
Целната група се наставници од основно и средно образование – почетници и искусни, наставници од специјализирани и стручни училишта, како и оние кои работат со деца со посебни образовни потреби. Дополнително, проектот е отворен и за лица од бизнис-заедницата, јавниот сектор и сите заинтересирани кои сакаат да развијат подобра и поефективна комуникација во својата професионална средина.
Кои активности се предвидени за реализација и на кој начин ќе се спроведуваат?
Проектот опфаќа три главни активности:
- Обука на наставници и едукатори – запознавање со принципите на Сугестопедија и примена на нови методи на предавање и комуникација;
- Практична работа и менторство – поддршка на обучените учесници при примената на методологијата;
- Промотивен настан – каде ќе се презентираат резултатите и позитивните ефекти од применувањето на оваа методологија.
Можете ли да ни објасните подетално што претставува методот Сугестопедија и како функционира?
Методот ја спојува педагогијата, психологијата и уметноста, овозможувајќи учење и комуникација во позитивна, слободна и креативна атмосфера.
Во сугестопедското учење, знаењето се стекнува:
- на пријатен и спонтан начин
- со помош на уметноста и естетиката
- преку ментална релаксација и ненапрегната концентрација
Сугестопедијата го елиминира стресот од процесот на учење, го активира потенцијалот на личноста и ја поттикнува природната љубопитност, меморија и креативност.
Какво е вашето видување за значењето на Сугестопедијата во современото образование и комуникација?
За нас Сугестопедија е повеќе од метод за едукација и комуникација – тоа е уметност и начин на создавање слободна и радосна атмосфера за учење и комуницирање. Веруваме дека преку неа ќе изградиме поколение ученици и возрасни кои ќе учат и ќе комуницираат со љубопитност, разбирање и почит.
Кога и каде ќе се одржат првите обуки во рамки на проектот?
Првите обуки ќе се реализираат на 21 и 22 октомври 2025 година, во просториите на Здружението Еду Центар, кои се наоѓаат на втор кат во ОГУДУ „Кочо Рацин“ – Скопје.
Проектот „Супер учење за супер деца“ претставува значаен чекор во модернизацијата на образованието и личниот развој во Македонија. Се спроведува со помош и поддршка од Програмата Бугарска помош за развој, а носител е Здружението „Еду Центар“ – Скопје, кое преку својата работа покажува дека образованието може да биде инспиративно, креативно и одржливо.