Во новата колекција „The Tenth Wagon“, модната дизајнерка Стефанија Капсарова не нуди само облека, туку целосна нарација за жената како жив, подвижен систем – дом што патува, се распаѓа и повторно се составува. Преку архитектонски кроеви, внимателно избрани материјали и длабоко промислен визуелен јазик, Refined Rebel отвора разговор за трансформацијата како лична, естетска и општествена состојба.
Ова интервју не се обидува да ја „објасни“ жената, туку да ѝ се доближи – низ прашања за движењето, идентитетот, наследството и правото на сопствена мистерија.
Фото: Филип Бојковски




Во „The Tenth Wagon“ куќата станува метафора за жената – подвижна, слоевита, носителка на историја. Кога го градевте визуелниот и текстилниот јазик на колекцијата, кои „простории“ од женската внатрешност сакавте да ги отворите, а кои намерно ги оставивте затворени?
Во „The Tenth Wagon“ куќата ја користам како метафора за жената – како жив, подвижен систем што постојано се обновува, преместува и прераскажува себеси. Во визуелниот и текстилниот јазик ги отворам просторите на ранливост, местата каде жената се крши, но и повторно се составува; просториите во кои се чуваат нејзините наследени приказни, стравови и мали бунтови што ја обликуваат. Истовремено, одредени „простории“ намерно остануваат затворени. Не како тајна, туку како право – право на мистерија, на недостапност, на сопствена сенка. Колекцијата не настојува да ја објасни жената, туку да ја допре. Така „The Tenth Wagon“ ја гледа жената како дом што не може целосно да се прочита: слоевит, сложен и свесно недовршен.
Колекцијата постојано говори за движење – помеѓу земји, сезони, идентитети. Како изгледа процесот на „преведување“ на движењето во материјалност — од идеја, до ткаенина, до силуета?
Движењето за мене не е само физички премин – тоа е внатрешна вибрација, тивко зреење. Процесот започнува со чувство, со звук, со промена на светлина, со премин од една емоција во друга. Размислувам како би изгледала ткаенина што дише, што се витка, што носи тежина, но и леснотија. Кога ја бирам ткаенината, се водам од динамиката што сакам да ја раскажам. Цврста волна за стабилност и структура; пофлуидни свилени мешавини за миговите кога жената се води по инстинкт; тантелата е за нежност и мистерија. Ткаенината секогаш доаѓа како одговор на идејата – како да ја наоѓам нејзината физичка форма.
Силуетата го носи крајниот гест – дали движењето е праволиниско или кривулесто, дали е строго или ослободено, дали е прикриено или демонстративно. Кога ќе се спојат идејата, ткаенината и формата, движењето станува реалност – нешто што живее на телото, а не само на скицата.










Во текстовите што ја придружуваат кампањата доминираат архетипови: Storykeeper, Dreamer, Wanderer, Nightwatcher. Колку тие фигури се одраз на вас како креаторка, а колку се алегории на вашите клиентки?
Архетиповите не ги создадов како фикции, туку како огледала. Тие се различни состојби што сите ги носиме во себе, само во различни фази, интензитети и прагови на зрелост. Storykeeper е потребата да се чува историјата и да се почитува она што дошло пред нас, но и сознанието дека стилот не е само наследство. Dreamer е интуицијата и потребата животот да се живее како сон што тивко го градиме.
Wanderer е немирот што турка напред – жената што балансира меѓу улоги, градови и идентитети.
Nightwatcher е тивката будност – силата што се крие во свесно задржаното.
Тие се и делови од мене, и делови од жените за кои создавам.
Куќата што патува во десет вагони носи столетна историја. Кои елементи од тоа минато свесно ги вградивте, а кои ги „препишавте“ во нов контекст?
Од минатото ја зедов структурата, занаетот и почитта кон трајноста. Во кроевите има траги од стара архитектура – јасни линии, прецизни агли, чувство дека секој слој има причина да постои.
Но, наместо повторување, избрав превод. Она што некогаш било фиксно, денес е прилагодливо. Она што било стабилност, денес е сила во движење. Минатото не е реплика, туку продолжение.
Зборувате за жена која не одбегнува движење и промена. Како Refined Rebel ја разбира трансформацијата?
Трансформацијата е и личен чин, и естетски процес, и општествена потреба. Како личен чин – тоа е тивка храброст да си дозволиш раст. Како естетски процес – тоа е линија што се менува, форма што се адаптира. Како општествена потреба – тоа е одговор на животот помеѓу многу улоги и очекувања. Refined Rebel ја гледа трансформацијата како постојана усогласеност меѓу внатрешното и надворешното.
Материјалите имаат силна тактилна присутност. Како одлучувате кој материјал ја носи вистинската „тежина“ на приказната?
Материјалот е првиот носител на приказната. Секогаш почнувам од емоцијата: какво чувство треба да остане на кожата? Волната е стабилност и присуство.Тантелата е ранливост и тишина. Dead stock ткаенините се избор за иднината – свесност и одговорност. Секој материјал има своја вистина и своја тежина.
Како се гради симбиозата меѓу дизајнот и просторот?
Во „The Tenth Wagon“ локацијата ја обликуваше приказната. Просторот не е сцена, туку партнер. Светлината, сенките и околината влијаат на тоа како облеката дише. Дизајнот и просторот се дијалог што никогаш не завршува.
Кое е најпредизвикувачкото поглавје во самоградбата на современата жена – и како модата може да помогне?
Најтешко е да се постави граница меѓу очекувањата и сопствената желба. Модата тогаш станува алатка – поддршка на внатрешната одлука, не украс. Таа може да даде сила, јасност и самодоверба.
Што ве поттикна токму сега да проговорите преку модата?
По речиси десет години во корпоративниот свет сфатив колку лесно се губи личниот израз. Низ лични пресврти дојде јасно сознание: животот е еден. Модата отсекогаш била со мене – од баба ми што шиеше, до моите детски обиди. Овој период беше момент кога сè се спои. Не како бегство, туку како враќање кон себе.
Со каков јазик влегувате во дијалог со публиката?
Со јазик на различност, квалитет и свесен избор. Сакам да поттикнам размислување за материјалите, потеклото и односот кон облеката. И да охрабрам храброст – да се биде свој, без страв од осуда.
Што сакате жената да понесе по првата средба со Refined Rebel?
Здрав немир. Јасност. Сила.
И едно прашање:
„Дали се облекувам според тоа што сум – или според тоа што се очекува од мене?“
Тој сомнеж е почеток на свесен бунт. А бунтот, кога е свесен, е форма на слобода.


