Режисерката Софија Ристевска отворено зборува за секојдневните предизвици на сите луѓе, особено жените, во нашето општество. Преку своите театарски претстави, но и на хумористичен начин преку стендап-шоуа и јавни настапи, таа ги менува вкоренетите перцепции кај нас и се осмелува преку самоироничен и самокритички начин да ги доближи проблемите и да отвори прашања што не ги поставува никој.
Режисерка сте која гласно зборува за општествени, реални проблеми во своите претстави, ги доближува до публиката темите со кои се соочуваат повеќето луѓе на еден или на друг начин. Но, како почнавте со режија, како изгледаа почетоците, каков предизвик беше да се биде режисерка?
Како тинејџерка сакав да бидам актерка, сакав да бидам на сцената, сакав да ги забавувам луѓето, но на крајот сепак се запишав на режија во Националната академија за театар и филм „Крсто Сарафов“, во Софија, Бугарија. Почетокот на студирањето, најискрено, за мене беше од една страна мошне напорен, но од друга страна многу инспиративен. Одеднаш се најдов во друг град, требаше да зборувам на друг јазик, но колегите ми беа многу отворени и многу позитивни, така што заедно се боревме со сите предизвици што студирањето ги носи само по себе. Инаку, да се биде режисерка е навистина привилегија, затоа што ја имаме можноста да креираме свои светови и да ги споделуваме со публиката. Можеме гласно да зборуваме за проблеми што мислиме дека се важни. Можеме да го креираме јавното мислење. Со еден збор, според мене, театарската режија дава можност реално да се влијае врз општествените и социјалните политики и текови, во конкретните поголеми или помали локални заедници.
Од каде црпите инспирација и идеи за претставите и мислите ли дека театарот треба да биде поттик за промени?
Идеите и инспирацијата ги црпам најмногу од луѓето околу мене, од нивните животи и судбини, како и од сè она што се случува околу нас и во светот. Исто така, мислам дека театарот мора да биде поттик за промени, затоа што барем мојот театар секогаш се бори за похуман и посолидарен свет. Свет што го става човекот во преден план. Хуманизирање на ова сурово време во коешто живееме е основната задача на мојот театар. Промените во нашето општество сакам да ги видам токму во таа насока.
Го создадовте и Интимен театар во Битола. На што работите моментално со театарот, на што сте фокусирана?
Да. Во 2010 година го создадов Интимен театар во Битола, а од 2013 година имаме и свој простор, во зградата на хотелот „Театар“, исто така во Битола. Во Интимен театар работиме на три платформи, и тоа: професионални претстави, документарни претстави што ги работиме со натуршчици, луѓе од нашата локална заедница и театарска школа, каде што имаме 40 деца од 5- до 18-годишна возраст. Наши следни проекти се една документарна претстава со возрасни и деца од социјално-ранливите категории, како и театарска претстава за Првата светска војна, што би требало да се случува низ улиците на нашиот град. Во последно време сè повеќе излегуваме надвор од нашата зграда и го носиме театарот директно во нашата локалната заедница.
Како настана проектот „Жени“ што се занимава со две животни прашања, пензионирање и рак на дојка? Како ги одбиравте учесничките кои всушност не се актерки?
Циклусот ЖЕНИ настана благодарение на мојата сестра, доктор психијатар Гордана Ристевска Димитровска. Таа веќе долго време води група за поддршка на жени болни од рак на дојка, која веќе многу години работи во хотелот „Театар“, така што јас ги запознав овие жени и со неколку од нив досега реализиравме две претстави, и тоа ЖЕНИ 1 и ЖЕНИ 2. Работата со овие жени е многу интересна, затоа што, со оглед на тоа што тие не се актерки, процесот на работа содржи едукативен и артистичен дел. Работата на театарска претстава на овие жени им го подобрува квалитетот на секојдневното живеење од една, и им помага во подобрувањето и зацврстувањето на нивото ментално здравје, од друга страна. Од нив бараме единствено и само да имаат желба за настап на сцената.
Последно што ве гледавме беше во рамките на „ПичПрич“ и на стендап во МКЦ за „Прво па женско“. Колку хуморот ви помага да се справите со секојдневието и животните ситуации? Како се подготвувате за овие настапи?
Хуморот и самоиронијата се моите основни двигатели во последниве неколку години, затоа што само хуморот им дава смисла на овие бесмислени времиња во коишто живееме. Јас бев многу среќна што Јана Коцевска, Румена Бужаровска и Ана Василева ме поканија на гала-вечерта на „ПичПрич“ во Филхармонија и исто така сум бескрајно благодарна што организаторките на „Прво па женско“ ми ја дадоа шансата по првпат да имам свој подолг стендап-настап, затоа што конечно добив шанса да ги спојам актерката, активистката и феминистката во мене, а овие три определби се директно вградени во стендап-комедијата. Материјалите што ги користам се единствено од мојот живот. Зборувам за семејството, мајчинството, дебелината, храната, домот, сексот, врските, професијата, општеството, феминизмот и за уште многу други теми што се моја секојдневна преокупација. А подготвувањето е мошне напорно, затоа што стендапот бара екстремна концентрација, големо жонглирање со материјалите што се говорат, како и енормна емоционална интелигенција. За мене, овие два настапа беа огромно, огромно, задоволство!
Во вашите настапи се осврнувате на многу теми, меѓу кои и проблемите и предизвиците на plus size жените, но и на други теми, на пример, мајчинството и женската сексуалност. Според вас, колку е важно да се зборува за овие теми почесто и колку избегнувањето и криењето ги зголемува нееднаквостите и стигматизацијата помеѓу машко-женските односи?
Plus size жените или жените со големо (дебело) тело се моја основна преокупација, затоа што и самата сум „дебела“ жена. Ги знам проблемите и предизвиците со коишто се соочуваат овие жени во едно толку затворено, осудувачко и патријархално општество како нашето, така што чувствувам дека е моја должност да зборувам во нивно име, како и во името на сите жени што се константно осудувани заради нивниот изглед. Исто така, зборувам и за мајчинството и женската сексуалност, затоа што ова се теми за коишто секогаш се молчи и не се дискутираат огромните предизвици што мајчинството ги носи за секоја жена. Не се дискутираат проблемите со коишто се соочува една мајка која тукушто родила, затоа што од мајката се очекува секогаш да биде подготвена да ги задоволи сите потреби, како на децата, така и на целото семејство. Исто така и за сексуалноста. За женската сексуалност ретко се дискутира јавно. Нашето општество ги разгледува нештата само преку призмата на хетеросексуалните мажи, така што ние, жените, мораме да зборуваме гласно, токму за да ја намалиме стигматизацијата помеѓу машко-женските односи.
Дали сметате дека кај нас хуморот се поврзува почесто со мажите и колку е потребно да се смени таа перцепција?
Секако дека хуморот кај нас се поврзува основно со мажите, кои многу често си земаат за право да ги коментираат, поточно да им се потсмеваат на жените, и тоа е толку многу дегутантно. Патријархалната перцепција на општеството им дозволува на мажите да бидат тие „посебни“ суштества што имаат право да го создаваат хуморот, да креираат што треба, а што не треба да биде смешно. Вицовите за „плавуши“ се стандардна мерна единица за смешно, а тоа што огромен процент мажи при сексуален чин не умеат да го пронајдат клиторисот, не смее да се изговори јавно! Со еден збор, ние, жените, мораме да се избориме нашиот хумор да биде слушнат, да биде презентиран во јавноста и да биде валоризиран. Преку хуморот, ние се застапуваме за нашите феминистички позиции и преку него се бориме за општествена правда и еднаквост. Хуморот е една од основните алатки за креирање на социјални политики. Хуморот има неверојатна моќ и на последните мои настапи можев и сама да го почувствувам и да го видам тоа.
Сте изведувале претстави и надвор од Македонија. Што особено ви оставило впечаток низ земјите каде што сте биле и што би можеле да кажете за публиката?
Најголем впечаток ми има оставено целокупниот германски театар, заради неговата општествена ангажираност, заради неговата документарност и заради градењето на константната врска со локалните заедници каде што се создава тој. Театарот не смее да биде само зграда, а мора да биде жив простор каде што публиката влегува и кога нема театарска претстава. Тоа го има во германските театри и затоа нивната публика е мотивирана, инспирирана, будна и храбра.