Annie Leibovitz и нејзината работа имаат посебен однос кон жената и женското тело. За прв пат во 1991 година беше поставена нејзина фотографија од голата и трудна Demi Moore на насловните страници. Исто така и нејзината последна серија на фотографии се истакнува со посебен пристап кон нејзините женски субјекти.
Од 1999 година, таа работеше на долгорочен проект наречен „Woman“ што го создаде заедно со покојната партнерка Susan Sontag, која беше светски позната писателка. Проектот имаше за цел да сними интимни портрети на жени лидери во политиката, спортот, бизнисот и културата, како Hillary Clinton, балерината Misty Copeland и писателката и режисерка Lena Dunham.
Родена е во Конектикат, на 2 октомври 1949 година, како трето од шест деца на Marilyn Edith и Samuel Leibovitz. Таа е Американка од трета генерација, родителите на нејзиниот татко биле романски Евреи. Нејзината мајка била инструкторка за танцување, а нејзиниот татко бил потполковник во американските воздушни сили. Семејството често се селело со должностите на нејзиниот татко и таа ги направила првите фотографии кога живееле на Филипините за време на војната во Виетнам. Фотографирала околу воената база и околните локални жители. Страста за уметност се родила од нејзината мајка која се занимавала со танц, музика и сликарство.
Таа била студент на Институтот за уметности во Сан Франциско, каде студирала сликарство со намера да стане наставник по уметност. Додека студирала ја имала својата прва работилница за фотографија и тоа го променило нејзиниот план да биде сликарка. Инспирирана од работата на Robert Frank и Henri Cartier-Bresson, неколку години подоцна, таа ќе продолжи да ги развива своите вештини за фотографирање. Во 1970 година, таа започнува да работи како фотограф во магазинот „Rolling Stone“ и за брзо време станува првата жена што е прогласена за главен фотограф на истото списание. Таа ја напушта редакцијата и започнува да работи за „Vanity Fair“ каде го развива својот сопствен стил на осветлени портрети и до денес го работи истото и редовно придонесува за списанието како соработник, како и за многу други светски модни списанија како Vogue.
Во 2008 година, ја објавува книгата ”Annie Leibovitz at Work”, која детално открива како се создадени нејзините најпознати фотографии. Нејзините дела се во колекциите на Уметничкиот институт во Чикаго, Музејот за модерна уметност во Њујорк и Музејот на уметноста во Лос Анџелес, меѓу другите. Во моментов живее и работи во Њујорк.
За Annie, една од задачите на фотографијата е да го открие и да го обликува нашето чувство за разновидноста на светот. Не постои фотографијата само за да се претстават идеали. Не постојат правила, поентата е да се претстави разновидност и да нема предрасуди.
Според неа, фотографијата е во служба на општеството чии норми се извлечени од барањата на потрошувачите и гледачите. Камерата ни покажува многу светови, а поентата е дека сите слики се валидни. Жената може да биде кралица, архитектка, домаќинка или физичарка. Разновидноста е сама по себе цел. Постои многу модерна верба во можноста за постојана само-трансформација денес. На крајот на краиштата, животот најчесто се темели на стилот и начинот на кој го живееме, а стиловите се менуваат. Ова славење на разновидноста, на индивидуалноста, на индивидуалноста како стил, го менува авторитетот на родовите стереотипи и станува незапирлива противтежа на фанатичноста која ја негира женственоста и жената.