Василка Димитровска е магистер по археологија, консултант, сертифициран интерпретатор на наследство и креативен директор на ХАЕМУС. Љубовта кон Скопје ја натерала да ја создаде програмата „Скопје раскажува“ (Storytelling Skopje) преку која на интересен и автентичен начин им ги доближува приказните за Скопје на луѓето кои се заинтересирани да научат нешто повеќе за историјата на главниот град. Приказните ги собира по пат на научни истражувања, долгогодишна работа во архивите, читање на старите весници или книги и преку разговори со мештаните. Поразговаравме со неа за целиот проект, но и за суштината и важноста да се зачува културното наследство.
Со оглед на вашето долгогодишно и обемно искуство како археолог и интерпретатор на наследство и многубројните проекти, научни истражувања и награди, како започнавте со проектот „Скопје раскажува“?
Проектот „Скопје раскажува“ (Storytelling Skopјe) се градеше постепено низ мојата професионална кариера. Скопје e град во кој сум родена, град кој го сакам, го живеам, го сонувам, го проучувам и публикувам за него. Ја промовирам неговата култура и културно наследство секаде каде што можам. За мене Скопје е љубов, но и вечна инспирација која сакам да ја споделувам со луѓето на секаков можен медиум, вклучувајќи и огромен број на научни публикации, монографии, книги, водичи и прирачници кои досега сум ги напишала. Токму од таа инспирација се изнедри и овој проект чијашто основа е интерпретацијата на наследството. Се работи за интерактивни игрифицирани едукативни активности во коишто посетителите се активно ангажирани за време на некое искуство коешто го создавам. Имајќи го предвид моето богато научно-истражувачко портфолио комбинирано со алатките за интерпретација на наследството, многу ми е лесно да креирам гамифицирано искуство низ коешто учесниците ќе научат многу работи за нашето наследство преку игра и забава, загатки, тајни насоки и дешифрирање на кодови. Обрнувам исклучително внимание нивното учество да биде активно во секој момент и проткаено низ авантурите, со што се создаваат трајни сеќавања и длабока врска со локалното наследство.
Ќе може ли да ни објасните повеќе за проектот, кој може да биде дел од искуствата и да ги слушне приказните, за какви приказни станува збор, зошто е важно да се знаат овие приказни со цел зачувување на наследството?
Мирисот на липата е мирисот кој сите ги потсетува на Скопје. Од таа причина логото и слоганот на „Скопје раскажува“ се визуелизација којашто ја отелотворуваат мојата длабока поврзаност со градот, неговите жители низ вековите и приказните кои се поврзани со разни личности, настани или анегдоти. Преку автентичните искуства кои авторски ги создавам, се обидувам на сите љубители на наследството да им ја пренесам љубовта кон Скопје истовремено споделувајќи ги приказните до кои сум дошла по пат на научни истражувања, долгогодишна работа во архивите, читање на старите весници или книги и преку разговори со мештаните. Секој заинтересиран за историјата на Скопје може да биде дел од овие искуства. Нив ги градам преку валидни податоци кои самата ги прибирам, но честопати се дообликуваат и со информации кои посетителите ми ги споделуваат како лично сведоштво. Приказните се нематеријално колективно културно наследство. Нивното расажување и преточување во игрифицирани искуства овозможува многу лесно секој да ги разбере, да се идентификува со нив, да ги запомни и да ги пренесе на следните поколенија како вредност.
Кои приказни досега од вашето искуство оставаат посебен впечаток и се најинтересни за заинтересираните посетители? Имате неколку искуства кои може да се доживеат и слушнат преку „Скопје раскажува“. Ќе може ли да ни кажете по неколку зборови за секое искуство што значи и што може да се научи?
Би рекла дека дефинитивно најголем интерес побудуваат „Љубовните приказни на Скопје“ бидејќи тое е искуство низ коешто поминал секој човек во животот и може да допре длабоко на индивидуално ниво. Тоа се некои универзални вредности кои луѓето ги препознаваат и со нив се идентифуваат. Во меѓувреме преку овие приказни низ активна игра, забава и едукација посетителите исто така учат и за локалното наследство на Скопје. Голем интерес побудува и „Митската авантура: Скопските шумски жители и како да ги пронајдеш“, бидејќи преку неа се учи за нашето богато нематеријално наследство, поточно за македонската народна традиција, обичаи, ритуали и верувања кои се дел од нашето секојдневие. На мое големо задоволство, огромен интерес кај публикaта побудија и „Авантурите низ Старата скопска чаршија“. Овие авантуристички потраги и игрифицирани прошетки во соработка со мојата организација ХАЕМУС ги создадов специјално за проектот „Чаршијата: галерија на занает и уметност“ поддржан од Europe House Скопје со цел достојно да се одбележи Меѓународниот ден на уметноста. За таа цел повторно посегнав по алатките за интерпретација на наследството со цел да дизајнирам искуства кои посетителите ќе ги поврзат со занаетите и уметноста во историскиот дел на Скопје, притоа откривајќи го нивното подлабоко значење.
Што ви значат овие приказни лично на вас, историјата на Скопје, како ги учите вие, на што особено обрнувате внимание?
Секоја приказна за Скопје за мене е подеднакво важна, независно од кој период потекнува и независно дали доаѓа како информација од артефакт пронајден на археолошки локалитет, архивски документ, книга, патеписна белешка од минатото или коментар на социјалните мрежи. Потекнувам од старо скопско семејство и јас сум веќе петта генерација која е дел од битисувањето на градот. Куќата во која се родил и израснал мојот прадедо се наоѓала на местото близу Камениот мост покрај Вардар, на почетокот на денешен ГТЦ. Покрај мојата стручна наобразба во полето на археологијата и генерално во менаџментот на наследството, од мала растев со приказните за Скопје и неговите интересни жители кои имале привилегија да изградат дел од идентитетот на градот. Кога имате толку многу информации на располагање, тоа ви ја олеснува постапката при креирање на вакви тематски искуства кои се дел од програмата „Скопје раскажува“ за да можат луѓето индивидуално, во групи или со семејството квалитетно да го поминат своето време.
Ја споменавте неколку пати, кажете ни што точно означува интерпретацијата на наследството?
Како лиценциран интерпретатор за наследство и тренер за обучување на кадри, но и како некој којшто со децении се занимава професионално со ова тематика можам да потврдам дека познавањето на оваа одлична бизнис алатка може да ја зголеми видливоста за одреден проект, продукт или програма, бидејќи се разликува од дузина навидум слични модели поради уникатноста на својата презентација и реквизитите кои се дел од неа. Интерпретација на наследството е моќна алатка за менаџмент, визуелизација, едукација и пред сѐ комуникација која се употребува за да се облагороди природното и/или културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување бидејќи треба да овозможат искуство за локалното наследство коешто посетителите ќе го запаметат доживотно.
Василка Димитровска