Во Скопје по четиринаесетти пат се одржа 48-часовниот маратон во креирање видеоигри Global Game Jam 2026 Skopje, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ. Настанот годинава бележи најголем интерес досега: бројот на учесници е зголемен за 38 проценти, а на една локација учествуваа рекордни 132 креатори.




Поради зголемениот интерес, настанот се прошири на два спрата во Base42, каде беа формирани 25 тимови. За само два дена и две ноќи тие создадоа вкупно 25 игри – 22 видеоигри и три друштвени игри.
Годинешната тема беше „Маска“, која учесниците ја интерпретираа преку различни жанрови, стилови и наративи. Паралелно, Global Game Jam се одржуваше во 132 земји низ светот, со повеќе од 474 илјади учесници и над 101 илјада креирани игри. Настанот традиционално се случува на последниот викенд во јануари и претставува еден од клучните двигатели на локалната индустрија за развој на игри.
Стручната комисија ги додели наградите за најуспешните проекти:
- Награда за најдобра игра ја доби тимот CBT за играта „SAM“
- Признанието „Епско кодирање“ му припадна на тимот The Unfortunate 7 за „Dalewood’s Masquedare“
- „Пиксел перфект изведба“ освои тимот Elon Mask со „Maskof Life“
- Наградата за саундтрак, именувана по композиторот Мик Гордон, ја доби TeamNespieny за „Disguised Gladiators“
- За најдобра друштвена игра беше избрана „Warmask“ на тимот Luku Kroko
- Во категоријата „Ѕвезди во подем“ беа издвоени Lab Rats со „MaskedDescent“
Организаторите изразија благодарност до учесниците, како и до спонзорите и поддржувачите: IndiumPlay, Isotope by CodeChem, А1 Македонија, Halkbank, 42.mk – Base42 и sindex, како и логистичките партнери RedBull, Pizza Jakomo, KFC, LioCafe и „Седмица“.
Global Game Jam е најголемиот светски џем за видеоигри – тридневен креативен предизвик во кој учесниците истовремено низ целиот свет создаваат нови игри. Неговата цел е поттикнување на креативноста, соработката и размената на знаење, а во македонски контекст настанот веќе претставува важна платформа за развој и вмрежување на новата генерација гејм-девелопери.






