Tessuti Art е бренд кој дизајнира за стил, удобност и одржливост. Ана Јаким како основач и дизајнер пред празниците ја презентираше последната капсулна колекција ROSETTES која според неа ја отсликува кревкоста и силата во пандемијата и истовремено праќа порака за оптимизам и емпатија.
На таа тема поразговаравме со Ана и дознавме нешто повеќе.
„Колекцијата ја правев во исклучително тежок период за мене. Изработката на дизајните е целосно самостојна. Инспирација црпев од леопардот како симбол за издржливост, сила, моќ, елеганција и грациозност. Тие се животни кои се изолираат и самите одлучуваат кога ќе бидат видени. Се верува дека црниот леопард е знак на стравот на човекот кон непознатото. Ова ме потсети на пандемијата со која живееме, па сакајќи да ја отсликам реалноста во новите дизајни се одлучив мојата естетика да ја надополнам со леопард принт, црна и розева боја. Пораката за оптимизам, емпатија и отвореност ги рефлектирам преку розевата боја која симболично е употребена на рабовите кои со намера се експонирни на некои од дизајните. Драго ми е што и покрај сите потешкотии со кои се соочив успеав да ја изреализирам оваа колекција.
Како бренд кој е дел од Circular Fashion Pledge (платформа за модни брендови кои се грижат за влијанието на модата врз животната средина) моја одговорност е да понудам одржливи дизајни и опции за зголемена одржливост. Затоа и во оваа колекција во материјалите преовладува сертифициран органски памук. Од друга страна пак, сите дизајни со поинаков состав отвораат опција за take-back или враќање на износените парчиња по минимум една година и дополнително намалување при купување на нови дизајни.“
Зошто баш ROSETTES?
„Ако го погледнете крзното на леопардот подобро, ќе забележите кластери од црни, жолти и кремасти форми наречени Rosettes. Овие форми се уникатни, единствени за секој леопард како што се отпечатоците од прстите на секој човек.
Драго ми е што соработував со локални артисти кон чија работа имам навистина голема почит.“
„И за крај, би сакала да нагласам уште еден аспект што е важен во модната индустрија, а тоа е одржливоста. Како дизајнерка и координаторка во СРМ на движење како што е Модната револуција сакав преку еден дизајн да го нагласам редизајнирањето и/или обновувањето на старите парчиња облека. Тоа е секако препорачливо особено доколку се стремите да бидете свесни и одржливи потрошувачи. Како што гледате, ваквите дизајни изгледаат исто толку добро како и ново-дизајнираните парчиња облека.
Испишаните пораки се по желба на клиентите, но мотивот за изработка е продолжување на векот на кој било дел од облеката со истовремено персонализирање на истата.“
° Фотографија: Соња Ставрова @sulleym
° Асистент на фотографија: Наташа Величковска @natas_ah
° Модел: Теодора Ангелевска @t.angelevska
° Шминка: @simsaltirova