СТАР е првиот колектив на сексуални работници на Балканот, со чиста визија и мисија да се декриминализира работата на сексуалните работници во нашето општество. Со Лила Милиќ, претседателка на Управниот одбор на СТАР поразговаравме за нивните цели, за промените што треба да се направат, за почитување на човековите права, како и за насилството и дискриминацијата кон најстарите работници во светот.
1 јануари е Меѓународен ден за видливоста на сексуалните работници. Кај нас „СТАР“ е прв колектив на сексуални работници на Балканот, па според тоа колку се има променето перцепцијата за сексуалните работници во нашето општество?
СТАР во изминатите десет години навистина постигна многу и успеа значително да го подобри општествениот статус на сексуалните работници во Северна Македонија, меѓутоа дискриминацијата и стигмата кон нашата заедница сè уште постојат кај општата јавност, што значи борбата за унапредување и промовирање на правата на сексуалните работници продолжува и понатаму. Како клучни елементи во процесите на нашето застапување на сексуалната работа и подигнување на јавната свест е пред сè организирањето на голем број јавни настани и активности, како кампањи, културни настани и видео активизмот. Меѓу најзначајните такви настани е „Маршот на црвените чадори“ кој традиционално се одржува секоја година на 17-ти декември во рамки на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници и уметничкиот перформанс СКОПЈЕ РЕД ЛАЈТ ДИСТРИКТ кој ги актуелизира и нормализира прашањата за декриминализација на сексуалната работа преку шармот на црвените фенери и танцот на сексуалните работници.
Заедницата на сексуални работници одбележува 4 значајни денови во годината, преку спроведување на јавни кампањи за одбележување на 3-ти март – Меѓународен ден на правата на сексуалните работници, 2-ри јуни – Меѓународен ден на сексуалните работници, 14-ти септември – Меѓународен ден на гордоста на сексуалните работници и 17-ти декември-Меѓународен ден за стопн на насилството врз сексуалните работници. Од оваа година, по иницијатива на сексуална работничка, се одбележува и 1-ви јануари- Меѓународен ден за видливоста на сексуалните работници што воедно претставува и годишнина од датумот кога за прв пат беше имплементиран Шведскиот модел во 1999 год. од страна на Шведска, а кој има за цел да ја едуцира јавноста за насилството и стигмата врз сексуалните работници, дискутирајќи за недостатокот и споделувањето на ресурси за намалување на штети, како и едукација против Шведскиот модел.
Во декември минатата година се одржа 14 Марш на црвените чадори во Скопје. Кон кои цели се стремите како колектив и дали се има нешто променето за правата на сексуалните работници низ годините?
Во рамки на кампањата, по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, ние, сексуалните работници, здружени во СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот заедно со нашите поддржувачи го организиравме четиринаесеттиот Марш на црвените чадори во Скопје. На маршот присуствуваа околу 100-ина учесници, сексуални работници, активисти и наши поддржувачи. Пред почетокот на Маршот, кој започна пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза и заврши на плоштадот Филип II, претставник на нашата заедница даде изјава за медиумите, испраќајки порака до општата јавност и институциите, дека ние, сексуалните работници сме дел од ова општество и треба да ги уживаме нашите човекови и работнички права подеднакво како и останатите граѓани и да ја истакнеме потребата од итно донесување на нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија и да ги прашаме носителите и спроведувачите на законите ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА КОГА?
Сексуалната работа сè уште не е правно регулирана во Република Северна Македонија. Вршењето дејност поврзана со сексуална работа се смета за нарушување на јавниот ред и мир, додека други активности поврзани со сексуалната работа се третираат и казнуваат како кривични дела. Во вакви услови, ние како маргинализирана заедница не сме во можност да работиме во безбедни услови, што пак влијае негативно врз нашата општа благосостојба.
Оттука, бараме итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права на најстарите работници во светот.
Што се однесува на промените во насока на почитување на правата на сексуалните работници, сметаме дека СТАР во изминатите години има создадено нераскинлива врска помеѓу гласот на сексуалните работници како здружен колектив од една страна, и медиумите, јавноста и институциите, од друга страна. Преку застапување за правата на сексуалните работници во здравствениот, социјалниот и правниот систем во државата, истовремено промовирајќи ги нашите аспирации и на меѓународно ниво, успеавме да го кренеме гласот на сексуалните работници и повеќе не сме скриени во општеството. Денес сексуалните работници се видливи и јавно и гласно зборуваат за своите проблеми и предизвици и бараат промени, особено преку вакви јавни настани како што е традиционалниот Марш на црвените чадори. Сепак, и покрај одличните резултати и успеси од нашето посветено и упорно работење, нашите Мисија и Визија не се ни приближно остварени – останува уште многу долга и макотрпна работа за да ги оствариме нашите цели и да ја направиме заедницата на сексуални работници рамноправна.
Најчесто кога се зборува за сексуалните работници, во нашето општество владее мислење дека повеќето сексуални работници се жени. Колку мажите и транс лицата кај нас се дел од сексуалните работници и како може да се промени мислењето дека не се само жените сексуални работнички?
Покрај жени сексуални работнички, СТАР контактира и мажи и трансродови сексуални работници кои се дел од нашата заедница. Се повеќе трансродови сексуални работници говорат јавно за своите проблеми со кои секојдневно се соочуваат како од страна на клиентите, така и од страна на општата јавност и институциите. Со јавното излагање и говорење за проблемите и предизвиците на сексуалните работници, при тоа истакнувајќи ги карактеристиките на своите подгрупи, би можеле да влијаеме врз промената на перцепцијата кај општата популација.
Со какви предизвици секојдневно се соочуваат сексуалните работници кај нас, колку им се кршат човековите права, кои се тешкотиите и опасностите кои демнат над нив?
Сексуалните работници во Северна Македонија се една од најмаргинализираните категории на граѓани, кои се соочуваат со повеќеслојна дискриминација и осуда кои пак водат кон насилство и прекршување на нивните основни човекови права. Најчесто поради јавната и институционалната стигма поврзана со сексуалната работа, насилството врз сексуалните работници поминува недокументирано и непроцесирано и сексуалните работници немаат доверба во институциите. Дополнително, поради конзервативните и застарени општествени вредности кон сексот и човековите тела, сѐ уште постои родова нееднаквост, хомофобија и трансфобија кои интерсекциски се испреплетуваат со дискриминацијата кон сексуалните работници со различни идентитети. Непризнавањето на сексуалната работа како труд и занимање преку одземање на основниот човеков императив за интегритетот над сопственото тело води кон економска и социјална ранливост на сексуалните работници, а нивната маргинализација го отежнува пристапот до пазарот на трудот и ја загрозува нивната егзистенција, но и на нивните семејства. Дополнително стигмата и дискриминацијата ги оддалечува сексуалните работници од редовната здравствена заштита, а особено од јавните сервиси и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кои поради видот на работата се повеќе од неопходни.
СТАР во 2020 година воведе регионален параправен сервис за заедницата на сексуални работници со цел идентификување на нивните проблеми, давање на потребната помош и нивно поврзување или упатување до адекватни здравствени, социјални и правни услуги и сервиси. Преку параправниот сервис, сексуалните работници имаат можност да документираат случаи на прекршување на нивните човекови права и истите доколку сакаат можат да бидат процесирани до релеванти институции. Но многу често, сексуалните работници се обесхрабрени и немаат доверба во институциите, и поради тоа не ги продолжуваат процесите понатаму. Неодамна, имавме случај, во кој две трансродови сексуални работнички беа тајно снимани и јавно прикажани на една национална телевизија, при тоа им беа откриени идентитети и локацииите каде што најчесто работат. Ги мотивиравме за да го пријават случајот и да поведат постапка против сторителите но нажалост судот не ги препозна прекршувањата врз нивните човекови права, па покренавме постапка до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во однос на здравствените услуги, каква е ситуацијата со здравствените права особено во време на пандемија со Ковид 19, на какви тешкотии наидуваат сексуалните работници?
КОВИД-19 пандемијата придонесе кон зголемување на многубројните здравствени и социјални нееднаквости помеѓу ранливите популации како што се сексуалните работници. Ние, како маргинализирана група на граѓани се соочивме и сè уште со соочуваме со низа проблеми и потешкотии бидејќи сме исклучени од владините мерки за помош и заштита од КОВИД-19. Пандемијата влијае негативно врза нашата општа благосостојба, меѓусебната интеракција, финансиските средства, основните средства за живот, како што се домување, храна, и сл. Дополнително, постоечките законски казни, политики и воспоставената пракса на непризнавање на сексуалната работа како работна дејност, не само што во услови на здравствена криза ја онеспособуваат нашата економската моќ, туку и jа зголемуваат нашата ранливост на КОВИД-19. Во услови кога сексуалната работа не е конкретно правно регулирана и признаена како дејност, ние како маргинализирана заедница не сме во можност да ги користиме економските мерки кои важат за останатите граѓани, и не можеме да работиме во здравствено контролирани околности кои овозможуваат заштита и придонесуваат кон спречување на ширење на пандемијата.
Во многу земји сексуалните работници се борат да се стави крај на фобијата која владее кон нив и да се прифатат како дел од општеството. Која земја е репер за почитување на правата на сексуалните работници и како всушност треба да се решат отворените прашања?
СТАР како колектив предводен од самата заедница на сексуални работници во Северна Македонија бара декриминализација на сексуалната работа, по примерот кој го имаат Нов Зеланд и Нов Јужен Велс, кои се познати по декриминализацијата на сексуалната индустрија и каде што се препознаени работничките и сексуалните права на сексуалните работниици.
Декриминализацијата ќе ги воочи потребите на сексуалните работници и ќе ни овозможи заштита на нашите човекови и работнички права, ќе обезбеди безбедни услови за работа, ќе го подобри пристапот до правда и здравствените услуги и секако ќе влијае позитивно врз нашата благосостојба и достоинство. Сметаме дека декриминализацијата на сексуалната работа како најдобра правна рамка за регулација, ќе придонесе за намалување на насилството врз заедницата на сексуални работници, особено родово базираното насилство, намалување на стигмата и дискриминацијата која е присутна секојдневно во нашите животи, ќе не охрабри да пријавуваме насилство.
Потоа, со декриминализација на сексуалната работа, нашата работа ќе се препознае како слободен избор на професија, ќе овозможи оттргнување на заедницата од работ на општествените маргини и ќе придонесе за препознавање на нашиот труд, па на таков начин можеби и ќе влијаеме врз намалување на фобијата која ја има општата јавност спрема маргинализираните заедници.
Ние веќе го отпочнавме процесот за барање на декриминализација на сексуалната работа заедно со ХОПС и МАРГИНИ. Во име на неформалната Платформа за декриминализација на сексуалната работа доставивме предлог иницијатива до надлежните органи за измени на веќе постоечките закони кои ги таргетираат сексуалните работници во нашата земја, односно Кривичниот законик (Член 191) и Законот за прекршоци против јавен ред и мир (Член 19) по кои се казнуваат одредени активности поврзани со сексуалната работа. Последователно како одговор кон доставената предлог иницијатива, од Министерството за правда како надлежен орган за измени на Кривичниот закон нè информираа дека постапката за декриминализација на сексуалната работа треба да започне од Законот за прекршоци против јавен ред и мир, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи. Меѓутоа, не застануваме тука, продолжуваме понатаму да го водиме процесот, со цел што е можно поскоро да се донесе правна рамка за регулација на сексуалната работа преку измени и дополнување на постоечките закони и пишување на нови.