Минатата недела уметникот Доротеј Нешовски ја промовираше својата книга „Секоја работа надвор од уметноста е губење време!“ со посебна изложба и инсталација специјално подготвена за книгата. Изложбата се одвиваше во КСП ЈАДРО каде публиката имаше можност да ги види и искомуницира цртежите и уметничките изјави, инсталацијата и уметничката книга.
„Целта на изложбата е да се прикаже малиот простор на уметниците во кој создаваат, во кои има експериментални цртежи и истражувачки мисли кои го допираат уметникот и неговиот светоглед, создавани во мол со интеракција на луѓето и нивните реакции. Изложбата беше со намера посетителите и да си ја пробаат среќата, да гребат грепка или да си земаат уплатено лото ливче со намера да биде перформативно во средина каде и самиот јас ги имам создадено тие дела и комуницирано со луѓето. Задоволен сум од посетата на публиката и ме радува нивната комуникација и интерактивноста со делата каде веројатно и самите тие се препознаа во дел од изјавите“, ни кажа Доротеј.
Во книгата на Доротеј Нешовски има експирементални визуелни цртежи и „ефемерни“ мисли создадени на корпоративни хартии, продлабочени со неговите линеарни сетила.
„Насловот на оваа книга не е ни малку едноставен, туку е рефлексивен стожер фокусиран во мотивот. А тој наслов е „Секоја работа надвор од уметноста е губење време! Тука станува збор за презентирана компонента на секој уметник во моментот кога треба да работи надвиснат над уметноста и во истражувањето на истата се занимава со егзистенцијален проблем и е принуден да создава компромиси. Со тоа уметникот сака да го испита нерешавањето на проблемите со кои се соочуваме. Но, нашето општество не се ни труди да се разбереме!
Се прашуваме: – Дали уметноста е храна или болка? Оттука доаѓа: – „Секоја работа надвор од уметноста е губење време!“ И, дали кога разговараме со себе, разговараме со црната дупка? Уметноста е лотарија, никој ништо не добива! А мижењето е добра причина за да се биде на друго место. Простор за азбука, простор за комуникација за да се прикаже честичката на малиот субатомски простор на уметникот. Тоа е најчистиот облик на комуникација. Со борам со јазикот на визуелниот свет, извлечен од хаосот на световите и научив како да ги артикулирам моите мисли визуелно на начин што може поразбирлив“, вели уметникот.
Доротеј Нешовски е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник, истражувачки практики и детска едукација. Особено се труди да им ја доближи уметноста на малите деца и да им помогне да ја развијат својата креативна страна преку најразлични работилници.