Очигледно е дека креативноста постојано ви поставува нови предизвици и го проширува вашето поле на интерес во музиката, дизајнот, новинарството. Што ве исполнува најмногу и каде се чувствувате најслободна?
Начинот на кој се изразувам е вроден сензибилитет за естетика, љубопитност, набљудување и своевидна опсервација на добрите и лошите карактеристики на кој било субјект. Без таа интуитивност, не би можела да креирам. Секако, од голема помош е неизбежниот факт дека сум израсната во семеjство во кое преовладувала уметноста, културата и образованието. По природа сум човек кој талка по разновидни сфери на изразување. Уште од рани години сум била приврзана кон разни медиуми на експресија, било тоа преку тинејџерски едиторијали за „Мај спејс“, шминкање за матурски, студирање дизајн и мултимедијалност, но како еден од најформативните периоди во мојата адолесценција ми била музиката, т.е. формирањето на мојот бенд, со кој имав многу настапи, па дури и еден албум. Во соло-кариерата одбележав неколку изданија, а можеби најголемото достигнување ми е што стигнав до полуфиналето на „The Voice of Albania“. Преку фотографијата како втора љубов, секојдневно и на еден суптилен начин ги зграпчувам моментите во моето опкружување, тоа е мошне евидентно од моите визуелни записи, насловени „Afternoon Meltdown“. Taa можност да ги задржам тие моменти за себеси е слобода.
На кој начин ги избирате соговорниците за рубриката „Слободно со Агнеса Чаволи“?
Имајќи искуство со водење на телевизиски емисии и често појавување пред камерите, во сферата на медиумите дојдов до идеја да застанам зад камерата и да го ставам во фокус соговорникот, како еден вид на терапевтска сесија. Пред да го повикам гостинот, ја следам неговата професија, интересите и на тој начин подготвувам интригирачки прашања, со кои соговорникот би се чувствувал опуштен и слободен – тоа е концептот.
Кои моменти од вашето лично растење и созревање најмногу ве измениле како личност?
Сѐ уште се пронаоѓам себеси и се развивам како личност, така што сѐ уште не се сметам за финален производ. Секој нов предизвик, промена и шанса се добредојдени во мојот живот, таа слобода е нешто што ме градело и продолжува да ме гради.