Како секоја светска метропола, така и нашиот главен град добива свој препознатлив фестивал на улична храна. Skopje Street Food Festival ќе се одржува за прв пат од 14.06 до 18.06.2023 во центарот на градот, односно на паркингот на „Театар Комедија“, со почеток во 17:00 часот за време на работната недела и во 13:00 часот за време на викендот. Поразговаравме за првиот фестивал на улична храна, идејата и концептот со организаторите од „Бистро Комедија“. Оттаму велат дека, уште при развивањето на концептот за работа на ова место кое е во склоп на „Театар Комедија“ сакале да вметнат случувања кои се од областа на културата, како музички настани, изложби, стендап комедии.
„Во тој период сфативме дека во нашиот град недостасуваат и настани кои ја претставуваат кулинарската култура, па така почнавме да правиме настани, барем еднаш неделно, каде локалните бизниси (ресторани и бистроа) ќе можат да ја презентираат својата интернационална и домашна кујна на улична храна. Поради големата заинтересираност на овие настани, решивме минатата година да направиме две стрит фуд недели во склоп на бистрото и на кои се претставија повеќе од 15 учесници, распределени по денови. Овие две недели ни беа одличен мотив за креирање на нешто поголемо, уникатно и ново во нашиот град, па така го создадовме Skopje Street Food Festival“, велат од „Бистро комедија“
Skopje Street Food Festival е настан испириран од потребите на градот и ја претставува градската култура. На овој настан се презентираат различни домашни и интернационални кујни и воедно се дава огромна поддршка на локалните бизниси.
Организаторите додаваат дека фестивалот е од отворен карактер и влезот е слободен, па ги покануваат сите луѓе кои се љубители на одлична храна и супер забава, кои сакаат да се дружат и да создаваат незаборавни сеќавања да го посетат фестивалот.
„Гостите можат да очекуваат неверојатни вкусови од 15 македонски ресторани и бистроа кои ги претставуваат различните кујни на сите делови од светот, да се запознаат со начинот на правење на овие специјалитети, да посетуваат работилници, да слушнат одлична музика од македонски бендови и диџеи, како и еден странски диџеј, и да уживаат во чилаут зоната заедно со своето семејство.
Посетителите ќе можат да пробаат храна од италијанската, американската, мексиканската, азиската, македонската, француската кујна, ќе можат да пробаат суши, благи задоволства како сладоледи и вафли, вегетаријански специјалитети и многу други работи. Сите 15 учесници ќе бидат постојано присутни за времетраење на целиот фестивал. Учесници се: Jojo’s BBQ, Matto Napoletano, Bubble Waffle’s, Fat Kitchen Bistro, Scoop Artisan Gelato, Taco’s Jam, Three Hundred Rabbits, Oljo’s Street Food, Mustacos Taqueria, Moremania, Thai Box, Jes Pasta, Dren, Brunch Box Eatery и FJ Culinary Consultants.
Како прв фестивал на улична храна од овие размери секако дека се инспириравме од фестивали во други градови. Досега ги имаме посетено Thessaloniki Street Food Festival, Street Food Festival во Белград, Street Food Festival на Кипар, Food Halls во New York и Minneapolis…
„Она што најмногу нѐ испирираше на овие фестивали е позитивната енергија и широките насмевки на посетителите, па затоа сакаме овој фестивал да го предизвика токму тоа, да донесеме среќа и убави чувства на сите посетители. Во иднина се надеваме дека овој настан ќе преасне во традиција, ќе поттикнеме уште многу други вакви случувања и дека ќе донесеме свежина во градскиот простор. Музичката селекција е направена со цел да се долови фестивалскиот дух и да биде прифалива за сите посетители. Бендовите во живо, Session Selection и Day Off – The next generation свират претежно големи хитови од рок и поп музиката, додека In The Mood се нашиот најпознат блуз бенд. За време на викендот (петок и сабота) посетителите ќе можат да слушнат повеќе disco, funk и soul музика од диџеите Double G, Bojan Chakra и DJ Pari. DJ Pari е американски диџеј и продуцент кој во текот на својата кариера има соработувано со огромни светски имиња како Marva Whitney, Gwen McCrae, Lyn Collins, The Impressions и James Brown меѓу другите“, велат организаторите.
Логото и дизајнот на постерите го содржат веќе препознатливиот стил и елементи, најмногу камиончето за храна, кои ги имаше на креативите на претходните Street Food Weeks.
„Како што напоменавме, овие недели имаа огромна посетеност и одличен фидбек, па сакавме луѓето да препознат дека станува збор за истата организација и квалитет на настан. Работевме со тим на професионалци со долгогодишно искуство во дизајн и маркетинг кои ни сугериираа за тоа кои се светски трендови за дизајн, бои, елементи, типографии кога станува збор за вакви настани. На крај стигнавме до решенија кои ги задоволија нашите барања и се надеваме дека им се допаѓаат на публиката“, објаснуваат од „Бистро Комедија“.
Уште едно изненадување е отворената интерактивна работилница на FJ Culinary School за изработка на традиционален македонски колбас со домашни првокласни состојки, која ќе се одржи на 16.06.2023, Сабота со почеток во 11:00 часот. Поканата за овој Masterclass е отворена за сите оние кои сакаат да и се доближат на македонската традиционална кујна и да се стекнат со нови кулинарски вештини.
За повеќе информации следете го Инстаграм профилот на Skopje Street Food Festival.