Во време на пандемијата, во која најмногу беше погодена клубската култура, меѓу единствените платформи кои се грижеа за домашната сцена беше проектот на СлободанкаТренчева, „Терапија“. Слободанка Тренчева -Боте е долгогодишна промотерка во рамки на електронската, клупска сцена чиј индивидуален печат е заснован на креативен микс меѓу електрoнската музичка сцена, уметноста и јавните и семи-јавните простори.
Како започна вашата кариера, кога започнавте да работите на промоција на клубската сцена, кога се роди љубов за електронска музика?
Својата кариера ја започнав како промоторка на брендот Lavazza, во скопската кафуле „Кала“ каде што преку спој меѓу дадениот комерцијален бренд и настапи на диџеи успеав да создадам социјален простор во кој се промовираше домашната, независна, музичка сцена. Потоа работев на платформата „Win Music Freedom“ за брендот Winston која доживеа интернационален успех.Истовремено, оваа платформа се користеше за поддршка на македонски проекти кои ја промовираат и унапредуваат независната, музичка сцена и клупската култура. Вреди да се споменат имињата на Miss Kitten, Gus-Gus, Matthew Johnson, Heidi, Tale of Us, Ben Klock, Moodymann, Ellen Alien, Vaal, Kink, Acid Arab Тијана Т и др. Значајно е да се истакне дека платформата „Терапија“ доминантно ги поддржува домашните артисти, македонските диџеи, како Нино Флудер, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ Андреј Мицајков и др. Сакаме да ги следиме светските трендови, но не треба да заборавиме на нашите културни работници, кои верувајте дека имаат квалитет, знаење и енергија за да бидат дел од светската сцена. Промоцијата на артисти во оваа држава е тешка и деликатна работа, особено ако се работи за оние кои се тука години и години наназад. Настојувам да работам со љубов и искреност, без разлика на тоа дали и должи објаснување на клупската или естрадната сцена. Да не заборавиме, без здрав мејнстрим не постои негов одговор, алтернативна урбана сцена. Секој кој го одржува овој баланс е вреден за почит и поздрав. На крајот на денот, искреноста е онаа која ќе не одржи, љубезноста е таа која ќе не спаси.Моето мото е да престанеме со празни муабети и да почнеме да работиме.Платформата „Терапија“ ја разбира актуелната глобална криза како почетна точка за неопходната социјална трансформација и како можност за пренесување на вредностите на солидарноста што се манифестираат се’ повеќе во нашите општетсва. Токму затоа, јасно се спротивставуваме на кои било политики на исклучување.
Пандемијата, а сега и глобалната економска криза, покажаа колку е важна регионалната соработка за локалната клупска сцена и за нашата заедница
Како младите и претставниците на недоминантната култура можат да се зајакнат меѓусебно транснационално и да помогнат да се врати нивната позитивна улога во културниот и општествениот живот на градот?
Периодов некако сите зборуваме за враќање на тој урбан, градски дух во нашата средина, на таа позитивна атмосфера и шмек кој придонесуваше Скопје да има достоинствен културен, но и ноќен живот. Не сакам да звучам носталгично, затоа што сметам дека секоја генерација си остава свој печат и ужива во својата младост. Но, дефинитивно недостасува онаа динамика и пулс во градот. Прво, важна е соработката меѓу сите претставници на културниот живот: младите, поискусните, возрасните. Спојот на младоста и искуството мора да бидат реалност. И тука треба суетите да ги оставиме на страна и да се поврземе, да работиме, не само на домашно туку и на регионално, европско ниво. И токму тоа е една од целите на „Терапија“. Поврзуваме домашни и странски артисти, не само за да се забавуваме и социјализираме туку и да бидеме солидарни и да дадеме поддршка на различни заедници. Како што напоменав и претходно, живееме во ек на војна, постпандемиска криза – работи кои се новост за помладите и оттука мора да изнаоѓаме алтернативни форми за соработка и меѓусебна поддршка.
Како може локалните традиции да се засилат на меѓународно ниво и да се спојат со знаењето и искуството од иновативното, урбано и просторно планирање?
Изминативе месеци воведовме малку поинаков пристап и сакав на цела оваа работа да дадеме дополнителна вредност. Верувам знаете дека имавме повеќе перформанси на значајни објекти во Скопје, но и во други градови низ Македонија. Дел од објектите се дел и од нашето културно наследство, а дел се важни градби, симболи на одреден град или општина. Започнавме со‘’Мaкедонуим’ Крушево Имавме диџеј сетови на објектот Железничка продолживме со „Пошта кој проект беше глобална промоција на македонски артисти … Тоа што сакам да го најавам е дека на 30 септември, ќе ја организирам и седмата изложба, која ќе биде малку поинаква, односно ќе биде перформанс на Споменикот на слободата во Кочани – дело на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ. Ова спомен обележје е дел од културното наследство на Македонија. Зошто се одлучуваме на вакви локации? Патувајќи низ градовите, гледаме голем дел на запуштени јавни простори, а во голема мера и објекти кои се дел од колективната меморија на граѓаните. Затоа, се решивме да дадеме малку „живот“, боја и енергија на овие градби. Преку диџејсетови и светлосни ефекти на овие локации, сакаме домашното културното наследство да го доближиме до помладите генерации, да ги едуцираме, но и да овозможиме промоција на домашни и странски диџеи.
Затоа, ве повикуваме да нè следите периодов. Ќе имаме многу интересни и уникатни настани, кои ќе предизвикаат емоции и позитивна енергија кај сите. Да, позитивна енергија е тоа што особено ни фали.