Младите уметници и креативци до 29 години имаат можност преку својата уметност да проговорат за корупцијата, политичката одговорност и потребата од транспарентност, преку јавен повик „Осмели се, инспирирај, промени – Политичкиот интегритет низ очите
на младите“.
Повикот е наменет за визуелни уметници, дизајнери и креативци кои работат со илустрација, постер, графички дизајн, дигитален колаж или други форми на дигитален визуелен израз. Учесниците треба да изработат дело во А3 формат што на јасен и разбирлив начин ќе го прикаже влијанието на корупцијата врз секојдневниот живот, ќе ја разоткрие врската меѓу политичката моќ и одговорноста и ќе ги мотивира граѓаните, особено младите, жените и малцинствата да бараат отчетност и транспарентност.
Организаторите наведуваат дека се охрабруваат храбри, оригинални и провокативни дела кои ќе ја доближат сложената тема на политичкиот интегритет до пошироката јавност и ќе поттикнат критичко размислување.
Избраните дела ќе бидат дел од јавна групна изложба, а авторите ќе добијат можност нивниот глас да допре до медиуми, институции и граѓани. Дополнително, предвидени се и парични награди за најдобрите три дела: 200 евра за прво место, 100 евра за второ и 50 евра за трето место.


Право на учество имаат сите полнолетни млади до 29 години. Делата ќе ги оценува комисија составена од претставници на „Лице в лице“ и „Транспаренси Интернационал Македонија“.
За пријавување потребно е на е-пошта licevlice@public.org.mk да се испрати визуелното дело во висока резолуција, краток опис на идејата (до 200 зборови) и контакт информации за aвторката/авторот.
Рокот за пријавување е 12 јануари 2026 година, до крајот на денот.
Организаторите, Платформата за одржли развој „Лице в лице“, порачуваат дека ова е можност младите преку уметност да покажат дека имаат став, глас и визија за пофер и поодговорно општество.
Сите детали за овој повик се на овој линк.



