По големата популарност на мачата, новото откритие што го освојува светот се вика хоџича. Станува збор за јапонски зелен чај со специфичен, печен вкус, кој полека, но сигурно станува омилен избор меѓу љубителите на чаеви и кафе-алтернативи.
Хоџича се добива од истото растение како и сите зелени чаеви – Camellia sinensis – но, за разлика од другите сорти, листовите и стебленцата се печени на висока температура. Тоа печење му дава длабока, оревеста арома, со топли ноти на карамела, лесен чад и тостирани житарки. Вкусот е нежен, смирувачки и лесно се комбинира со растителни млека, мед или природни засладувачи.
Она што го издвојува хоџича од другите чаеви е и неговата ниска содржина на кофеин. Благодарение на процесот на печење, тој е полесен за желудникот, не влијае на сонот и е погоден за консумација и во доцните часови. Овие карактеристики го прават идеален избор за оние кои сакаат да го намалат внесот на кафе, но сè уште уживаат во топол, ароматичен напиток.
Популарноста на хоџича расте и поради неговиот уникатен визуелен и вкусовен идентитет. За разлика од мачата, која има интензивна зелена боја и тревкаст вкус, хоџича нуди земјени, потопли тонови и арома што потсетува на печено семе, зрела есен и домашен спокој. Угостителите што ја имаат во своите локали велат дека Хаџича не е агресивен тренд, туку ненаметливо уживање што освојува преку суптилноста.
Се подготвува лесно – со топла вода, а често се комбинира и со млеко за да се добие она што многумина го нарекуваат „јапонско латте без кофеин“. Но, може да се најде и во форма на сладолед, десерти, па дури и во печива. Благодарение на неговата лесна арома, хоџича е благодарна основа за различни гастрономски експерименти.
Додека мачата продолжува да биде симбол на енергичност и свежина, хоџича претставува посмирена и поблага алтернатива – со ниска содржина на кофеин и високо ниво на антиоксиданси, што го прави одличен избор за оние што се грижат за здравјето и сакаат природен начин на опуштање.