Актер, изведувач и автор на театарски и видео-перформанси, Петар Милошевски негува особен однос кон уметноста и актерството. Тоа се покажало низ годините преку неговите проекти, настапи и награди, било да е на нашата сцена или таа во Лондон, каде живее и твори. Негови последни проекти се видео-перформансите You Will Marry Me и My Dreams Will Be Your Dreams во кои ги претставува својата уметност и изведби во карантински услови.
Раскажете ни ја накратко вашата животна приказна, како стигнавте до Лондон и развојот на вашата пасија за уметност, актерство и перформанс?
На сцената сум уште од осумгодишна возраст. Тоа ми беше првото сценско искуство во родната Битола. Без двоумење го следев својот повик уште од тие рани години, преку неколкуте претстави во Битолскиот Народен Театар како дете, нашата тогашна аматерска сцена при Центарот за Култура во кој експериментиравме најхрабро и најлудо, а сега веќе голем број од истите сме професионални глумци и режисери. Дипломирав актерска игра на Националната Академија за Театарска и Филмска Уметност во Софија, каде што во меѓувреме играв и во некои претстави во тамошниот Народен Театар. Бев вработен две години во благоевградскиот драмски театар, каде што играв во речиси сите претстави на тековниот репертоар, но жедта за откривање нови хоризонти беше посилна од сѐ. Оставив сѐ зад себе, отпатував во Лондон, почнав од апсолутен почеток и малку по малку го откривав тамошниот животен тек, култура, сцена, начин на живот. Магистрирав Перформанс на Royal Central School of Speech and Drama во Лондон. Во тие години почнав да експериментирам со соло перформанси кои ги играв на алтернативни простори – во галерии, во ве-цеата на галерии или, на пример во Proud Camden кој е простор од преобразени поранешни коњски штали итн. Преоткривав сила и комфор во таквиот начин на изразување и од кратки перформанси, почнав да развивам целосни соло-претстави кои имав среќа да ги играм на бројни европски фестивали, за кои што добивав фантастични критички осврти и бројни награди.
Колку е вашата работа признаена во Лондон, со кои театри соработувате и на какви проекти работите? Кои тематики ви се најинтересни за перформансите и проектите?
Досега сум уживал прекрасни реакции од страна на критиката и публиката. Она кое што го правам е секогаш пофалено за својот исклучителен иновативен пристап кон формата која ја развивам во моите проекти. Соработувам со индивидуалци кои се пронаоѓаат во естетиката која ја предлагам и кои носат уште нови идеи со себе. Мојата постојана соработка со Антонела Петракаро – швајцарската костимографка е драгоцена – со неа успеав да направам костими за моите претстави кои сами за себе се како уметнички дела. Нејзиниот костим за мојата претстава THE BEAUTIFUL, пред неколку години беше изгласан за еден од најуспешните дизајни во Лондон. Последната соработка ми е со полската композиторка Бланка Барбара, која го компонираше саундтракот за мојот најнов видео-перформанс My Dreams Will Be Your Dreams. Од исклучителна важност ми е да соработувам со жени и воопшто, лица од маргинализирани заедници. Секогаш се надевам на длабока и инспиративна соработка со луѓе отворени за иновативност и страст да стигнат што подалеку преку уметноста која ја носат со себе.
Тоа и се темите кои ги опишувам во моите дела – макрокосмосот, погледнат преку микрокосмосот на индивидуалецот, кој што се тетерави на самите рабови на своето и општественото постоење, но сепак со речиси избезумена желба да стигне што подалеку и што повисоко.
Во споредба со македонското поднебје можам да замислам дека почитувањето на индивидуалноста и можноста за работа по сопствена желба и сон, без стигматизација, е поголема во Англија. Во која насока сметате дека е македонското општество по ова прашање?
Можеби да, но сепак и овде мора да се впишете во некаков систем и вредности кои функционираат. За тоа најчесто плаќате страшно многу – со труд, со пари, со здравје… Институциите навидум се отворени кон најразлични идеи, но тоа не значи дека ви е дозволено сѐ. Дотолку повеќе што британската културна сцена е до толку финансиски дерегулирана, што ако не продавате доволни билети на каса, вие може да сте најрадикалниот уметник – но тоа не значи речиси апсолутно ништо. Тоа е секако плод на ужасните владини политики на штедење кои во последниве години направија институциите и уметниците да се припитомат на некаков начин, затоа што заработката во вакво неолиберално општество е побитна од сѐ. Преостана само маркетингот да измислува радикалност и иновативност за истите.
Од она кое што можам да заклучам кога сум гледал одредени претстави и културни настани во Македонија, е дека тоа е општество со страшно многу талент, предиспозиции и потенцијал. Мислам дека има генијални глумци и страшно добра уметност, од проста причина што македонското општество постојано се огледува на надвор и затоа и попива најразлични искуства. Секако, тука зборувам за одредени проблесоци, а не за целосната политика на културната сцена.
Кога минатиот јуни, специјално дојдов на првата Парада на гордоста во Скопје и кога истата се одржа во толку огромен број, со таква беспрекорна дисциплина, тоа ми даде до знак дека македонското општество длабоко во себе е навистина пораснато и желно за одење напред. Тоа што истото не успева да се ослободи од одредени структури кои го сопнуваат е друга тема. Но, борбата не престанува.
Со оглед на пандемијата и карантинот, како ја негувавте инспирацијата? Со оглед на тоа што проектот You Will Marry Me го создадовте за време на карантин, сега е на листата на номинации за престижниот Lift Off Global Network филмскиот фестивал. Дали се надевавте на ваков успех?
You Will Marry Me e мојот прв видео-перформанс – далеку од начинот со кој владеам во моите сценски перформанси, но блиску до визуелната и морална естетика која ми е блиска. Проект развиен и остварен во апсолутен карантин, допре до многумина, добив многу најсредечни пораки и еве сега истиот е селектиран за Lift Off фестивалот.
Кога велите „престижно“, човек веднаш би помислил на палмите и црвените килими во Кан, но да не заборавиме дека живееме во малку поинакви времиња последниве неколку месеци, каде што сѐ се претставува онлајн. Тоа не значи дека вредноста е помала, но одамна се научив да не пристапувам така кон можностите што ми се даваат. Во таа смисла, сакам и се учам повеќе да сум како тибетските монаси, кои со денови и денови макотрпно работат во песок на изработка на најфасцинатната мандала, живеат, дишат, мечтаат во создавањето на истата, за на крајот, со само еден замав со рака да ја уништат во секунда. Оти сѐ е минливо и мора да потоа да бараме и да ја оствариме следната можност која ни се дава.
Последниот видео-перформанс ви е My Dreams Will Be Your Dreams. За што се работи во овој проект и како се развиваше снимањето и подготовките?
My Dreams Will Be Your Dreams е метафоричка и поетска приказна за двојството уметник/муза – уметникот затворен во изолација, во неможност да ги остварува своите цели. Како и највдахновените моменти можат да се претворат во самоуништивање, како и најпрекрасната муза може да се преобрази во своевиден демон – но, сепак, ова е своевидна приказна за беспоштедната борба и волјата да се оди напред и да се измисли и измечтае кој е новиот човек, со ново тело, во новиот свет кој што доаѓа.
Го развивав, мислев и пишував повторно во карантин, снимките и монтажата траеа неколку дена и еве, некаде таму, во виртуелното пространство си ја бара својата публика на истомисленици и такви кои ќе може да се пронајдат во светот кој го предлага.
Како се подготвувате за вашите перформански, кој дел ви е омилен од создавањето на проектите?
Моите претстави се исклучително физички и за тоа ми е потребна добра физичка подготовка – јас веќе со години сум активен велосипедист, џогирам, пливам, правам аеробик – сѐ што е потребно да го одржувам мојот инструмент во барем некаква завидна форма.
Кога творам мој проект, тотално се потопувам во создавањето и тоа се моите најдрагоцени моменти. Гледам, слушам, читам, истражувам, пробувам најразлини ситуации. Тоа е мојот дом, моето јас.
Дали повеќе ги сакате соло перформансите или групните театарски претстави? Кој автор ви е омилен и во која претстава или лик најмногу се пронаоѓате себе?
Не го делам моето театарско сакање на соло или групно. Едноставно пливам низ животот и ги зграпчувам можностите кои истиот ми ги дава во определени моменти. Битното е дека секогаш сум отворен за нови идеи и нови соработки. По природа сум исклучително љубопитен и токму таа љубопитност се обидувам да ја одржувам и хранам. Омилените автори, претстави и ликови, исто така се моментални и минливи. Ако сакам да изиграм било каков лик, јас седнувам, го создавам и го играм.
Се пронаѓам во маргинализирани ликови, бестрашни да одат во сите можни крајности, ликови кои трагаат по нови идентитети, нови светови и нови хоризонти, ликови кои не се плашат да копаат што подлабоко во себе, за да можат да испливаат што подалеку.
Неколку пати учествувавте и на МОТ (Млад отворен театар). Какво искуство ви донесе учеството и дали повторно би настапувале?
Три пати на МОТ и уште многу други пати на останати македонски театарски фестивали. Исклучително се радувам што сѐ уште одржувам тамошни контакти, пресреќен сум што можам да се претставам пред македонската публика која сиве овие години ме следи и доаѓа на моите претстави. Навистина, лишено од секаков вид патетична носталгија, македонската публика за мене е од особено значење – не затоа што ми е родна на некаков начин, туку дека навстина поседува исклучителни квалитети на отвореност, широкоградост и љубопитност. Македонската публика секогаш ви дава можност, навистина знае да цени и секој што не обрнува внимание на тоа, навистина не ѝ го препознал потенцијалот.
Кој дел од Лондон ви е омилен и зошто?
Crouch End – таму каде што живеам веќе многу години. Затоа што сум на прагот на Queens Woods и Highgate Woods и Parkland Walk и Hampstead Heath. Живеам во средиштето на оваа огромна зелена џунгла низ која шетам постојано, каде што мислам, каде што дишам, каде што се надевам, каде што си велам дека, навистина, штом шетам и мислам и дишам и се надевам, значи можеби сѐ е во ред и дека сигурно мора секогаш да постои начин како да одиме напред и да се грижиме за себе и за останатите.