Визуелна авантура низ форми и материјали кои раскажуваат градска топографија, меморија и време на едно инспиративно патување. Најава за отворање на изложба со наслов „Стопен град“, на 14 ноември 2025 (петок) во Националната галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот.
Стопен град:
Урбана топлинска имагинација и материјална кревкост
д-р Ана Франговска
Со проектот Стопен град, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам. По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост.


Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината.
Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом.
Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми и нивните сенковни проекции, создава впечаток на урбана фрагментација и климатска халуцинација – град во состојба на распаѓање, кој истовремено го задржува сеќавањето на сопствената стабилност.
„Стопен град“ ја претвора уметноста во лабораторија на топлината и кревкоста, прикажувајќи го топењето како физички и емоционален процес. Концептот на „урбана топлинска имагинација“ го реосмислува градот како динамичен екосистем што постојано се менува под влијание на климатските сили. Проектот не прикажува крај, туку трансформација – град што се претопува, но не исчезнува. Така, Сековски го поканува гледачот да ја замисли иднината на урбаното пред да се стопи реалноста што ја познаваме.
Куратор: д-р Ана Франговска |
Текст: д-р Ана Франговска | Фотографии: Роберт Јанкулоски | Звук: Калин Абаџиев Сековски | Дизајн: Марија Ветероска |
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември 2025.
A visual adventure through forms and materials that tell the story of urban topography, memory and time on an inspiring journey. Announcement of the opening of the exhibition entitled “Melted City”, on November 14, 2025 (Friday), at the National Gallery of the Republic of North Macedonia, Cifte Hammam Gallery, at 8 pm.

