Октомври, месецот кога во многу земји се слави празникот Halloween, е совршено време за враќање на култните филмови што создадоа легендарни сцени и незаборавни ликови. Netflix годинава подготви внимателно одбрана хорор селекција— комбинација од нови наслови и незаменливи класици што вреди повторно да се погледнат. Од готски романси и психолошки трилери до урбани легенди и црн хумор, овие филмови се веќе достапни за гледање и нудат совршен маратон за студените октомвриски вечери.
Death Becomes Her (1992)
Сатирична хорор-комедија од Robert Zemeckis, со Meryl Streep и Goldie Hawn во улогите на две ривалки кои пијат еликсир на вечна младост. Но бесмртноста доаѓа со своја цена – телата им се распаѓаат, а егото останува бескрајно. Сјајна комбинација на хумор, гламур и морбидна естетика што и денес изгледа свежо и уникатно.
Dracula (1979)
Романтична и визуелно заводлива адаптација на класичната легенда за вампирот, во режија на John Badham. Frank Langella го толкува Дракула со неочекувана харизма и еротика, додека Laurence Olivier во улогата на Van Helsing создава тензија што го прави филмот деликатна мешавина на страв и љубов.
I Still Know What You Did Last Summer (1998)
Продолжението на славниот тинејџ слешер ја враќа Jennifer Love Hewitt во борба со минатото што не сака да биде заборавено. Кога мистериозен убиец повторно почнува да демне, стравот и паниката се враќаат во полн ек. Атмосферата на ’90-тите, морничавите сцени и препознатливиот саундтрак го прават овој филм вистинско Halloween уживање.
Red Dragon (2002)
Психолошки трилер и предисторија на „The Silence of the Lambs“. Edward Norton го игра агентот Will Graham, кој мора повторно да се соочи со генијалниот убиец Hannibal Lecter (Anthony Hopkins) за да го фати новиот сериен убиец познат како Tooth Fairy. Елегантен, напнат и совршено изведен – класика за љубителите на интелигентен хорор.
Slender Man (2018)
Инспириран од интернет-легендата за безликовото суштество што демне во сенките, филмот ја следи групата тинејџерки кои го повикуваат Slender Man — и плаќаат страшна цена. Темниот визуелен стил и параноичната атмосфера создаваат современ кошмар за дигиталната ера.