Лошите урбанистички решенија, натрупувањето на градот, како и градежната експанзија врз основа на профит се огромни проблеми за жителите на Скопје и негативно се одразуваат на квалитетот на живеење во главниот град. Од друга страна, Скопје ни е дом, ги знаеме неговите катчиња, улици, дишеме и растеме со градот, како што расте и тој. Со цел да посветиме внимание на развојот на Скопје и да ја разбудиме свеста за некои важни прашања преку разговори со професионалци, прашавме четворица архитекти, дел од МАРХ (Македонска АРХитектура) за нивното искуство, мислења, решенија и желби за главниот град. МАРХ е портал што со години посветува внимание, обработува теми и отвора важни прашања за архитектурата во Македонија. Едногласно ни кажаа дека потребно е зачувување на културното наследство, правилна пренамена на напуштените објекти и планска урбанизација со целосна визија и давање шанса на архитектите преку отворени конкурси.
Фото: Борис Јурмовски – Студентски дом „Гоце Делчев“ , архитект Георги Константиновски, 1969 година
Фото: Борис Јурмовски – Детска градинка “Астибо” – Штип, архитекти Александар Смилевски и Љубица Никољска, 1980 година
Фото: Борис Јурмовски – Музеј на современа уметност – Скопје, архитекти Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски, 1970 година
Филип Конески
Постземјотресниот период и скопската бруталистичка архитектура е идеална рамнотежа помеѓу функција и естетика
Фото: Жарко Чулиќ
Основач сте на МАРХ, портал што дава простор на македонската архитектура, обработува теми за сегашната и минатата архитектура, но отвора и важни прашања нудејќи решенија. Како дојдовте до идејата за МАРХ?
МАРХ (Македонска архитектура) е производ на борбата за достоинство на професијата, која активно почна во студентските денови. Тогаш се актуализира проектот „Скопје 2014“, кој покажа непочитување кон фелата, наметнувајќи ги индивидуалните и непрофесионалните заклучоци за просторот, создадени од политички моќни лица. Лично, не бев задоволен од отпорот што го имаше фелата претставена од организациите и факултетите, ниту од тогаш студентскиот отпор, од кој се повлеков, бидејќи беше злоупотребен од „граѓански“ движења со очигледна политичка заднина. Она што во тој миг го прифатив е дека борбата за достоинство и соодветна едукација на јавноста е долг процес што бара континуиран придонес и морам да го почнам самостојно. Имав среќа набрзо да се појават истомисленици кои се вклучија во мисијата, за да констатираме денес дека МАРХ опстојува без застој веќе осма година.
Како архитект, како гледате на градежната експанзија на Скопје? Каде најмногу се греши и какви последици може да донесе претераната градежна експанзија?
За жал, градежната експанзија е производ на ненаситната желба за профит. Експанзијата, наместо да биде двигател, многу повеќе е компликатор на здраворазумското растење и уништувач на потенцијалот на просторот што треба да го планираме заеднички. Грешката доаѓа од политичката моќ, локалните власти кои се врзани со бизнис-круговите и обратниот процес на урбанистичко планирање. Тоа треба да го прават професионалците на основа на сопствените стручни анализи и знаење. Откако ќе се испланира просторот, може да се почне со потрагата на заинтересирани инвеститори. Кај нас е обратно, инвеститорите се тие што влијаат врз урбанистичките планови со што моќта, наместо да е кај институцијата (со тоа и кај народот), реално е кај богатите поединци кои немаат чувство за поголемиот контекст на површините за градба.
Кој дел од Скопје за вас е најавтентичен и кои архитектонски решенија од минатото и сега најмногу ви се допаѓаат?
Скопје е град со видливи историски слоеви, па оттука сите тие се автентични за времето кога биле создадени. Во утробата на градот, Скопската тврдина и Старата чаршија го формираат она што луѓето го доживуваат како најавтентично (најстаро). Тоа е простор без конкуренција во однос на неговото значење и одржан функционален континуитет. Сепак, доколку говориме за повеќе архитектонски реализации, би го врзал впечатокот со постземјотресниот период и скопската бруталистичка архитектура. Тоа е идеална рамнотежа помеѓу функција и естетика.
Напуштените простори низ нашата земја се тема што стои отворена со години. Според вас, во што можат да се претворат овие места, како да се урбанизираат на правилен начин?
Овие простори се потенцијал за развој на културниот живот на градот. Тие треба да се маркираа, а потоа идеите за нив да се бараат на отворени архитектонски конкурси. Тоа е единствениот разумен начин да се истражи нивниот просторен и функционален потенцијал, кој, меѓу другото, ќе биде експлоатиран преку задржување на главните контури на објектите, претворајќи ги во активно културно наследство.
Борис Јурмовски
Проектирање на нови просторни доживувања, а не капиталистичка борба за квадратен метар
Фото: Жарко Чулиќ
Ја поврзувате архитектурата со вашата пасија за фотографијата. Што најмногу ве привлекува да фотографирате, каква архитектура?
Како архитект кој фотографира не се поврзувам со одреден стил или типологија на објекти, ме привлекува атмосферата, скулптуралноста и процесите што го изразуваат тие. Фотографијата е медиумот преку кој го изразувам мојот впечаток за конкретниот архитектонски простор.
Соработувате со МАРХ, како ги одбирате проектите за МАРХ на кои сакате да работите, да фотографирате, кој дел од работата го сметате за особено важен?
Важноста на МАРХ е нејзината основна идеја, а тоа е промоција на македонската архитектура, и ние, сите нејзини членови, безусловно преку својот начин на изразување го остваруваме тоа. Сите проекти што се поврзани со фотографска валоризација, документација и афирмација на македонската архитектура се дел од моите активности во МАРХ.
Скопје е постојано во градежна експанзија со години. На што сметате дека можат да се одразат неквалитетните решенија за проширување на градот?
Не би рекол проширување, туку внатрешно натрупување на градот, и тоа веќе континуирано негативно се одразува на сите наши активности и меѓусебни односи како негови жители.
Според вас, кое е најдобро архитектонско решение во градот?
Почитување на јавниот простор, проектирање на нови просторни доживувања, а не капиталистичка борба за квадратен метар. Совршен пример за тоа е Градскиот трговски центар, единствениот објект што се надоврзува на локацијата, движењата и потребите на неговите корисници и жителите на градот, а не ги негира истите.
Ноеми Чаусидис
Калето би можело да стане исклучителен парк на отворено, главната атракција на градот
Фото: Жарко Чулиќ
Какво е вашето искуство со МАРХ, како почнавте да пишувате за нив и какви теми најчесто сакате да обработувате?
Интернет-страницата МАРХ ја следам од првата или втората недела откако беше оформена. Тогаш бев студент по архитектура и оваа платформа беше токму тоа што го барав, а дотогаш го немаше на нашата професионална сцена. Во следната година тие го објавија и првиот повик за соработници, а јас веднаш аплицирав и станав дел од тимот. Низ годините разработувам најразлични теми, навистина од сѐ по нешто. Но, веројатно најмногу уживам кога правам објави во серијали – раскажување на една комплексна приказна во низа епизоди со фокус на различни аспекти. На пример, серијалот за постземјотресната обнова на Скопје или тој за османлиските споменици во Старата чаршија.
Какви архитектонски решенија и кој правец најмногу ве привлекува, на што најмногу сакате да работите?
Наместо конкретен правец, најмногу ме интересираат низа принципи на дизајн или системи за изведба: модуларен или флексибилен дизајн што низ времето може да се надградува и да се изменува; реновација на постојни објекти, дури и тие што не се културно наследство; локални градежни техники; материјали врз база на природни ресурси; зазеленување на урбани средини; пејзажна архитектура и што сѐ не. Многу различни теми што го тангираат широкиот термин на одржлива архитектура.
Што е тоа на што најмногу се радувате во Скопје? Дали сметате дека архитектурата од минатото може да биде поттик за Скопје да биде повторно добро урбанизирано?
Во Скопје најмногу ме радуваат неговите видиковци и дрвореди. Сепак, видиковците не се човечко дело, туку резултат од природната положба на градот. Но, затоа, пак, дрворедите се еден конкретен пример за добро урбанистичко планирање. Впрочем, имаме и други добри примери, како што е системот на станбени зони на Градскиот ѕид или, пак, урбанистичката матрица и атмосферата на Старата скопска чаршија. Двата примера ни укажуваат на дензификација (згуснување) на градскиот центар, но истовремено одржување на одреден систем што гарантира пријатен и достапен јавен простор.
Кои се местата во градот што вие би ги промениле и во што?
Веројатно би почнала со речните корита, но не само на реката Вардар туку и Треска, Лепенец и Серава. Овие водни артерии мораат соодветно да се исчистат и да се зазеленат, а така тие би можеле да бидат и главните рекреативни зони во градот. Следно би се фокусирала на исклучителното културно наследство што е во пропаѓање. Таков пример е Калето, што би можело да стане исклучителен парк на отворено, главната атракција на градот и зона полна со зеленило и простори за рекреација. Слични примери се акведуктот, античкиот град Скупи и, се разбира, и Старата скопска чаршија.
Мартин Ефремовски
Потребно е враќање на позицијата градски архитект
Фото: Џорџ Кацампанис
Како е да се биде дел од тимот на МАРХ, што значи тоа за вас и како искуство ви донесе?
„Овој е мигот дека архивите, кои се инаку ризници на културните вредности, се огледало на културното милје на еден народ. Мислевме дека можеме да живееме заборавајќи.“ Мислам дека токму овој цитат од текстот на проф. д-р Мери Батакоја најточно ја врамува мисијата на МАРХ (Македонска АРХитектура). Токму горенаведените зборови се мотивацијата за непрекинатата работа на МАРХ и поттик за самопрепознавање и истражување на нашата изградена околина и да создаде дигитална архива за неа. Како дел од тимот на МАРХ, секојдневното откривање и запознавање со нови дела и фрагменти од нашата историја и опкруженост со истомисленици е награда и искуство само по себе.
Со оглед на вашето искуство во многу домашни и интернационални проекти, што најмногу ви пречи во Скопје, а на што најмногу се радувате?
Во Скопје и пошироко има голем број на талентирани и мотивирани проектантски бироа, архитекти кои наоѓаат мала нишка во приватниот сектор за творење на квалитетна современа архитектура. Преку архитектонско-урбанистички конкурси тие можат да го дадат најдобриот придонес во развојот и иднината на градот. Ми пречи немањето на здрав систем во кои домашните архитекти преку чести и транспарентни конкурси можат да бидат главни актери во изгледот на градот.
Кое архитектонско дело особено ви се допаѓа во главниот град, а кое сметате дека е целосно утнато?
Би говорел за повеќе архитектонски дела на кои им се восхитувам, дела со различни особености, размер, емотивна врска итн. Би почнал со урбаните вертикали што се обележја во градот, Воената кула на влезот во Скопје – Автокоманда, дело на арх. Трајко Василев, Кулата „11 Октомври“, дело на арх. Вера Ќосева, потоа Градскиот трговски центар, дело на арх. Живко Поповски и автори, МАНУ, дело на Борис Чипан, станбените објекти на Лудјек Кубеш на ул. „Орце Николов“ и, крајно, Станбената зграда на ул. „Џон Кенеди“, дело на арх. Минас Бакалчев и арх. Митко Хаџи Пуља, секако и многу други. Како негативно би го коментирал губењето на нашето културно наследство, комплексот Сајмиште е еден пример на овие тенденции, како и бришењето на зеленилото на бул. „Климент Охридски“ во името на повеќе ленти за сообраќај. Тој булевар бил предвиден со првиот урбанистички план на Скопје на Јосиф Михајловиќ во 1930 година.
Во однос на урбанизацијата на градот, каде сметате дека треба да се обрне најмногу внимание, на кои делови од Скопје и какви решенија треба да има?
Градот е жив организам кој постојано се развива, наградува и менува. За тие процеси урбанизацијата е неопходна. За успешно планирање на градот потребна е целосна визија за кој е правецот во кој ќе се движи развојот на градот. Како што напоменав претходно, клучна алатка на урбанизацијата е архитектонско-урбанистички конкурс отворен за домашни и интернационални учесници, од кој наодите се користат како алатка за идното градско „моделирање“. Процесите треба да се одвиваат на полето на целиот град Скопје, а не фрагментирано според општинската административна поделба на градот. И секако, враќање на позицијата градски архитект – позиција што во западните градови има огромна улога и значење.