Кога хормонското контрацепциско апче беше измислено во шеесетите, претставуваше револуција за женската автономност врз сопственото тело. Апчето им ја даде на жените слободата да изберат кога сакаат да останат бремени и да родат дете, но несаканите бремености сѐ уште многу се случуваат. Скоро половина од бременостите на годишно ниво во светот се несакани. Дали тука би можела да помогне машката контрацепција? Можеби и ќе дознаеме во следната декада.
Научниците експериментираат успешно со апчиња, гелови и импланти кои би им овозможиле на мажите да ја поделат одговорноста за контрацепција со жените. Некои се и многу попрактични и посигурни од кондомите или лесно вратени во првобитна состојба за разлика од вазектомиите, а некои се развиваат и без хормоните кои прават несакани последици кај жените.
За мажите, успешната репродукција почнува со вистинскиот коктел од хормони, особено тестостерон. Тие му сигнализираат на телото да почне да создава сперма, процес наречен сперматогенеза. Потребни се 74 дена за спермата да се развие и созрее, регенерациски процес што постојано се случува откако мажот ќе достигне пубертет. Созреаната сперма се чува во тестисите, резерва на материјал за репродукција што постојано се обновува.
Кога мажот ејакулира повеќе од 250 милиони сперматозоиди ги напуштаат тестистите и почнуваат да бараат јајце-клетка за ополодување. Ако се најдат во вагината, најдобрите пливачи одат преку вагината и цервиксот во матката каде ако наидат на здрава, плодна јајце-клетка водат до бременост.
Додека модерната контрацепција за жени користи хормони за да го сопре процесот на создавање на една плоднa јајце-клеткa во месецот, машката контрацепција мора да ги стопира милионите сперматозоиди.
Вид на гел
Некои хормони се користат за да го стопираат машкиот репродуктивен процес со тоа што специфично ја таргетираат сперматогенезата, полека стопирајќи го процесот на создавање сперма.
Најистражената верзија е тописки гел што мажите би го нанесувале на рамената и рацете секој ден. Гелот содржи синтетички женски хормон, прогестерон што го намалува тестостеронот до ниво каде веќе не може да создава сперма. Како што гелот се апсорбира во телото, мали количини остануваат во него, полека испуштајќи контрацепциски хормони кои ќе го направат мажот неплоден сè додека го користи гелот.
„Има многу малку несакани ефекти поврзани со гелот и резултатите се навистина ветувачки“, вели Кристина Ванг, експертка за машка контрацепција на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, која води клинички испитувања за хормонска контрацепција кај мажи.
За да се превенираат несакани ефекти како слабо либидо, гелот има и мала количина на тестостерон кој се враќа во телото иако остануваат ниски нивоата на тестостерон. Една клиничка студија од 2012 година која спровела тестирање на гелот кај 99 мажи, покажала дека 90 проценти од нив имале моментална неплодност.
Подобри вазектомии
Вазектомиите се уште една опција за машка контрацепција. Тие се извршуваат од доцниот 19 век, но станале попопуларни во 20 век. Вазектомија е операција при која се подврзуваат семеводите кај мажот. На тој начин се оневозможува патот на сперматозоидите надвор од тестисите. Откако во САД, врховниот суд ја укина одлуката Ро против Вејд, која им обезбедуваше на жените безбеден пристап до абортус, докторите забележале зголемување на барањето за вазектомии.
„Една од работите што ја забележуваме е мажи што мислат дека може да направат обратна вазектомија. Но вазектомијата е прилично успешна, додека отстранувањето на нејзиниот ефект не е“, вели Хедер Вадхат, извршна директорка на Иницијативата за машка контрацепција.
Тоа зависи од како би се направила обратната вазектомија, но отстранувањето на ефектот од вазектомијата е скапо, комплицирано и не може да се гарантира дека ќе биде успешно.
Сепак, можеби има и нови опции. Се прават рани клинички студии во Австралија со инјектирање на гел во семеводот што ќе ја блокира спермата како класичната вазектомија, но со текот на времето гелот станува течност и се апсорбира во телото.
Апче пред секс
Студија објавена на почетокот на годинава во Nature Communications е ветувачки за контрацепциско апче кое ќе се земе 30 минути пред сексуалниот однос и чии ефекти би поминале после отприлика еден ден. Апчето делува со тоа што го таргетира ензимот Soluble adenylyl cyclase (sAC) штое всушност командата за сперматозоидите да почнаат да пливаат. Кога апчето делува на ензимот, спермата не може да отиде подалеку од вагината. По еден час во вагината спермата умира и бременоста е оневозможена. Останува да се направат човечки тестови на овој блокирач на ензимот во следните две до три години, а потребно е уште десет години минимум додека тестовите дадат резултати и апчето е спремно за пазарот.
Дали мажите ќе ги користат?
Анкета на СЗО од септември 2022 година на 5.000 мажи низ светот кои имаат секс со жени покажала дека тие се заинтересирани да користат контрацепција. Најмалку ентузијастички расположени биле во САД, 40 проценти рекле дека би користеле нов вид на контрацепција против бременост, а најмногу одговориле позитивно во Нигерија, 80 проценти.
Земјите каде што е честа употребата на женски контрацепциски апчиња биле помалку ентузијасти за да користат нови начини на машка контрацепција.
Процесот на репродукција и одговорноста за неа вообичаено се смета дека паѓа на жените, па со овие нови методи може да се смени начинот на кој досега се размислуваше за контрацепцијата, синоним кој често се сугерира во однос на женската автономност, а не како перцепција за мажите. Но со новите начини, контрацепцијата и не мора да биде само одговорност на жените, може да биде и поделена одговорност за сопствените избори.