Со д-р Билјана Црцарева од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поразговаравме за нејзината специјалност – нуклеарната медицина, како гранка што многу брзо се развива и покажува одлични резултати во дијагнозата и третманот со радиоактивни елементи. Со нејзиното долгогодишно искуство и посветеност во оваа област таа секојдневно придонесува кон правилна дијагностика и лекување со радиоактивни елементи во оваа напредна медицинска област, особено поради придобивките од неа за дијагноза и третман на заболувањата на тироидната жлезда.
Имате долгогодишно искуство како специјалист по нуклеарна медицина. Како изгледаа вашите почетоци во нуклеарната медицина? Зошто ја одбравте токму оваа специјализација?
Годинава навршуваат 20 години како работам во областа на нуклеарната медицина и ако некој ме праша дали повторно би ја одбрала оваа специјализација, без двоумење би одговорила ДА. А, како почна сè? Дипломирав прва во генерацијата, како една од петте најдобри студенти во генерацијата и имав можност да одберам каде сакам да се вработам, во Универзитетската клиника или во поранешната Државна болница. Знаев дека сакам да продолжам да работам комбинација од научна работа и работа со студенти, како и работа со пациенти. Кога на тогашниот декан на Факултетот за медицински науки и директорот на Институти им ја кажав мојата желба, двајцата само се погледнаа и рекоа: „Вие одите на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина“. Секако, веднаш прифатив затоа што во тоа време, а и сега, беше многу тешко да се положи испитот по патофизиологија и значеше дека треба многу да се учи и да се има многу знаење од областа на медицината. Тоа беше првиот предизвик зошто прифатив да работам таму, иако вработувањето не се случи веднаш, туку волонтирав нешто повеќе од три години, период во кој требаше да се докажам пред тогашните професори. Во текот на волонтирањето ги завршив магистерските студии, дотогаш имаше само двајца магистри, а јас бев третата и најмладиот магистер во оваа област. Речиси во ист период ја почнав специјализацијата по нуклеарна медицина, тоа е мојот втор предизвик, бидејќи за да се биде специјалист по нуклеарна медицина не треба да знаете само медицина, туку треба многу знаење од областа на физиката, хемијата, фармацијата и други области. Од постоењето на оваа гранка, па сè до завршување на мојата специјализација имаше само 20-тина специјалисти во целата држава, а до денешен ден бројката не надминува 35. Веројатно поради оваа реткост и тешкотија одбрав да ја завршам оваа специјализација. Во првите десет години работев на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, а потоа ја добив понудата да продолжам со работа во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што работам сè до денес.
А што претставува нуклеарната медицина? Дали накратко можете да ни кажете што точно работите и како изгледа еден работен ден како специјалист по нуклеарна медицина?
Нуклеарната медицина претставува гранка од медицината што користи радиоактивни елементи за дијагноза и третман на различни заболувања, како и за истражувачки цели. Најчесто, аплицираниот радиоактивен материјал во телото на човекот ја прикажува функцијата на ткивата и органите во дијагностички цели или таргетираат и уништуваат заболување кога се користат за лекување. Она што посебно би сакала да го напоменам е дека во состав на оваа специјализација е и делот за дијагноза и третман на заболувањата на тироидната жлезда, нешто по што пациентите многу повеќе нè препознаваат. Има причина зошто токму ние ги лекуваме овие заболувања поврзани со тироидна патологија. Накратко, за да имате целосна слика за одредена состојба или заболување на тироидната жлезда, покрај прегледот, лабораторијата, ехосонографијата, потребно ви е да направите и нејзино скенирање, за што се користи радиоактивниот елемент. Воедно, за лекување на одредени заболувања на тироидната жлезда се користи радиоактивен јод, за кој познавање и дозвола за негова употреба во терапевтски цели имаат само специјалистите по нуклеарна медицина поради уникатниот курикулум што е дел од оваа специјализација. А како изгледа мојот ден во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што работам како специјалист од оваа област? Секојдневно, без исклучок, работам во амбулантата за тироидна жлезда и тоа го правам со посебна љубов што веројатно ја имам наследено од мојот проф. д-р Борислав Каранфилски, со кој до последниот ден од неговото работење бев во контакт и учев од него. Но, исто така, со посебно внимание знаеше да ме сослуша ако имам нешто ново да споделам со него, што посебно ми е драго и тоа сега се трудам да го пренесам на колегите кои сакаат да го чујат моето мислење. Затоа што нема ништо посвето да го пренесете, споделите вашето знаење, како и да имате можност да видите како ученикот станува подобар од својот учител. Покрај тироидната амбуланта, работам и на одделението за нуклеарна медицина и во првиот приватен ПЕТ-центар, каде што дијагностицираме или следиме одредени малигни заболувања.
Што е најважно да го знаат пациентите за нуклеарната медицина, како и за радиоактивноста при дијагноза и лекување?
Она што секојдневно им го објаснуваме на пациентите е дека нема потреба да се плашат од радиоактивноста што се користи во медицински цели. Таа е строго контролирана и има поголема придобивка отколку штета на пациентот. Има состојби, како бременоста, каде што не смее да се користи воопшто, а во период на доење постојат посебни насоки ако скенирањето е апсолутно неопходно да се изведе во тој период. Следно што им објаснуваме на пациентите е дека апаратите што се користат за дијагностика во нуклеарната медицина се безбедни и апаратите не зрачат. Зрачењето, кое е со краток рок, доаѓа од пациентот по апликацијата на радиоактивната супстанција. Поради ова треба претпазливо однесување кон околината и ограничено движење во средина каде што има бремени жени или мали деца.
„Не знам дали има друга гранка во медицината што се развива со истата брзина како нуклеарната медицина во моментов“
Кои заболувања се во фокусот на вашата специјализација, односно нуклеарната медицина? Дали се само потешките, како што се малигните заболувања?
Најголем процент од заболувањата во опсег на оваа специјализација се заболувањата на тироидната жлезда, кои кај нас се во висок процент, најмногу поради ендемските карактеристики. За малигните заболувања се користи најмногу ПЕТ/КТ-скен, како и скелетната сцинтиграфија, а за другите заболувања можат да се прават функционални и морфолошки испитувања на речиси сите органи: бубрези, бели дробови, мозок, хепар.
Во однос на дијагностиката се користат мошне напредни методи во нуклеарната медицина за да се добие целосна слика за здравјето на пациентот. Од кога датираат почетоците на оваа гранка и каква е нејзината иднина?
Зачетокот на нуклеарната медицина е некаде меѓу 1934 и 1946 година, кога по првпат се користи радиоактивниот јод во дијагноза, а потоа и во третман на болести на тироидната жлезда. Во Македонија, во 2016 година се прослави 60 години од постоење на нуклеарната медицина. Оваа гранка и не е толку стара како другите интернистички или хируршки гранки, кои имаат документирана историја од стотици години, и е во постојан развој со многу публикации и истражувања што се во тек. Нуклеарната медицина веројатно ја чека блескава иднина со динамичен и ефективен развој во следните декади.
Според вашето искуство, колку е развиена оваа медицина кај нас и колку се применува, колку и дали пациентите се запознаени со начините за дијагностика и лекување?
Не знам дали има друга гранка во медицината што се развива со истата брзина како нуклеарната медицина во моментов. Чинам дека нема ден да не се објави нова публикација со фасцинантни резултати за некој нов радиофармацевтски препарат. За да се применат, сепак треба подолг процес на регулаторно одобрување, но во моментов има доволно нови радиофармацевтици што се применуваат секојдневно. И во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ настојуваме да го следиме трендот во нивната дијагностичка употреба, каде што во моментов се располага со најсофистицираната апаратура што е неминовен предуслов за да поставите точна и прецизна дијагноза, на што сме особено горди.
Кога станува збор за нејзина примена во лекувањето, засега најмногу се користи во лекување на болестите на тироидната жлезда, но се надеваме дека во блиска иднина ќе се почне и со третман на други заболувања.
Со оглед на тоа што работите и со пациенти со малигни заболувања, чувствителна област, колку е важен односот кон пациентот при лекување, но и поддршката што треба да ја добие од лекарот?
Како лекар, но и како човек, можам да кажам дека во третирањето пациенти со малигни заболувања потребно е познавање надвор од опсегот на медицинските гранки. Потребно е да се биде човек со развиено чувство на емпатија што е клучно во градењето доверба. Довербата е од исклучително значење во третманот, бидејќи ја поддржува и ја одржува добрата комуникација, која е предуслов за придржување кон упатствата пред почнување на терапијата и по неа. Довербата овозможува пациентот да ја донесе правилната одлука за себе и за своето семејство базирано на информиран избор. Довербата овозможува пациентот да не се чувствува сам на патот кон неговото излекување.
Постојано се развиваат различни кампањи за важноста на превентивните прегледи и редовната посета на специјалист. Каква е моменталната состојба кај нас, што повеќе може да се направи за да се развие свест за грижа кон сопственото здравје?
Ако нашата држава може да се пофали со нешто, тоа се разните кампањи што ги спроведуваат различни здруженија секојдневно. Култивирање на проактивен пристап кон раководење на сопственото здравје е значајно за пациентите, но и за лекарите (сите сме пациенти на некој начин). Една од основните работи што секој лекар треба да ги прави е да повикува на превентивна нега кон сопственото здравје, да се залага за правилен избор на добри животни навики и да приоретизира благосостојба пред другите животни избори и тоа да го прави преку свој личен пример.
А што со стресното секојдневие, брзиот начин на живот и загадената средина што се фактори што влијаат на дел од болестите. Кои превентивни чекори може да ги преземе секој човек?
Тоа е добро прашање за кое не постои едноставен одговор. Стресот како фактор доаѓа однадвор, но и однатре. Добар почеток за справување со стресот на телото би бил преку практикување на редовна физичка активност, балансирана исхрана и елиминирање на лошите навики, како пушењето цигари (вклучително и електронски) и прекумерното консумирање алкохол. Добриот сон игра значајна улога во закрепнување на телото, како и зголемување на капацитетот да се справи со стресното секојдневие. Прошетките во природа ја намалуваат изложеноста на загадувачи и дејствуваат пријатно на телото. На крајот, благосостојбата не е само на телото туку и на духот/психата. Време поминато во добро друштво, во разговор со луѓе кои ви додаваат, а не ви одземаат енергија, време поминато во смеење и љубов, време поминато во работа и средина што ја сакате се есенцијални за вашето ментално здравје. Секој од нас е потребно да има колку што е можно повеќе време поминато во тоа што нè прави среќни. За секој човек тоа е различно и секој треба да го открие сам за себе, а кога ќе го открие да го практикува умерено и балансирано како со сè во животот.