Kозметичките куќи се посветија во изминативе неколку години да ја искористат моќта на технологијата, за да ги подобрат производите што се омилени и неопходни на многумина. Производите со состојки што ги намалуваат знаците на стареење се во фокусот на козметичката индустрија, а токму техниките и формулите за пополнување брчки и линии на лицето се најбарани. Неколку нови трендови се очекува да земат замав следната година.
Убавина за носење
Порастот на технологиите за носење продолжува и понатаму, а во Кина 18 проценти од популацијата носат уреди, за ја следат работата на телото. Козметичките куќи се очекува да развијат технологија со уреди што можат да анализираат ДНК, да ја скенираат кожата и да прават 3Д-резолуција на лицето. Ова ќе придонесе кремовите попогодно да се тестираат на кожата, со што ефектите би биле повидливи.
Мицеларна вода во сè
Популарноста на мицеларната вода ќе достигне ново ниво. Креирана од технолoгија на мицели, масни маслени молекули со нано-големина потопени во вода, се очекува следната година да биде позастапена и во други производи. Мицеларната вода е многу моќна и нежна за чистење шминка и нечистотии од лицето, особено за чувствителна кожа.
Моќта на природата
Природната козметика зема сè поголем замав, а тоа што природата може да го понуди козметичките брендови го користат за подобро здравје на кожата. Следната година меѓу најважни состојки во производите за нега се очекува да бидат маслата од лосос или репка, додека, пак, во шминката, за палетите, кармините и руменилата ќе се користат природни бои од ’рдоква, сладок компир и плод од бозел (бобинки). Сепак, една од најважните состојки би можела да биде кората од врба, што станува особено ценета помеѓу тие што сакаат зелена, чиста козметика. Се користи како природен аспирин, а на кожата дејствува антивоспалително. Природниот пристап не е само во формулите и состојките. Голем број козметички компании веќе преминаа и кон користење на други пакувања, освен пластика, како стакло, рециклирани и природни материјали, како и такви што можат повторно да се искористат (refill).
Генетски базирана нега на кожа
Технологиите користени во генетиката преминуваат во создавање на персонализирана нега на кожата. Земајќи ја предвид медицинската историја на корисникот и нивната ДНК, се создава производ против знаците на стареење по нарачка. Овој нов тренд се фокусира исклучиво на побарувачката на персонализираните решенија за нега. Консултациите и тестирањата ќе резултираат во тоа корисниците да добијат листа на специјално селектирани состојки што се во согласност со нивната ДНК. Ова ќе се проверува многу едноставно, со само едно поминување на памукче по лицето.
Чиста убавина
Сè повеќе се цели кон тоа производите за нега на кожата да бидат без силикони, парабени и сулфати. Затоа се нудат производи на основа на растенија ,особено на кељ, алги и спанаќ, што не се добри само за кожата туку и за целокупното здравје. Исто како и стилот на живот на основа на зеленчуци и растенија, така и козметичките куќи се вртат кон тој начин на производство.
Скенери за кожа
Мобилни апликации што буквално функционираат како скен за кожата се следно од козметичката индустрија. Со тоа лесно ќе можат да се проверат нивоата на хидрираност на кожата, големината на порите и брчките, а за да се направат овие проверки апликациите ќе имаат камера што ќе зголемува до 30 пати и ултрасензитивни сензори за да се добијат информации што досега можеше да ги даде само лекар.
Домашни спа-производи
Одењето во спа за третман на кожата е веќе во минатото. Лист-маските за лице се вистински хит изминатиов период, а се подготвува и уред што ќе ги „свари“ маските во комбинација со спа-технологии, како ЛЕД-терапија, криотерапија, термотерапија, што ќе овозможи маската да продре подлабоко во кожата и да се добие посилен ефект за само 90 секунди. Овие маски ќе имаат и дневни и вечерни варијанти, секоја со посебни состојки и нагодувања што ќе ја направи кожата мека и мазна, со ефект како штотуку да сте биле на спа-третман.