Андриана Илиевска, Александра Манолчева и Марко Андонов-Ацев неодамна ја основаа платформата за е-донации „Направи повеќе“. Секој кој што сака да донира пакет со храна и санитарни производи за социјално загрозени семејства, може да го направи тоа на domoremk.com.
За Андриана, Марко и Александра хуманоста како начин на живот е паролата по која се водат. Проектот има за цел да го намали бројот на гладни семејства во нашето општество, со олеснување на процесот на донација, преку дигитално, брзо и транспарентно донирање.
Како дојдовте до идејата за основање на „Направи Повеќе“, како се здруживте, која ви беше целта?
Луѓето се поврзуваат и стануваат пријатели со тоа што свесно или несвесно препознаваат квалитети помеѓу себе, слични на своите, или пак се угледуваат и се надополнуваат едни со други, растејќи заедно во нешто подобро. Се знаеме од различни светови и тројцата сме со поинакви карактери, но ја делиме истата желба да направиме драстична промена во својот и во животот на другите. Ја делиме истата мотивација да направиме повеќе. „Направи Повеќе“ е спој на дигиталните можности што ги нуди технологијата во денешницата, со алтруистична мисија за спроведување на драстични промени во општеството, кои ќе донесат промена во начинот на донација и ќе го претворат во брз, едноставен и масовен. Олеснување на животот на оние на кои што им е потребна помош преку паметни донации, односно дигитализирање на што е можно повеќе донаторски процеси во што е можно повеќе сфери од човековото живеење. „Направи Повеќе“ е приказна која преку нетрадиционален пристап и објави на социјалните медиуми има за цел да ја подигне свесноста за хуманоста, и да ја иницира. Идејата произлезе од секојдневието и самосвеста, гледајќи во луѓе кои сакаат да донираат и помогнат, но не знаат како, не знаат каде, немаат време, или пак се плашат од измами. На социјалните медиуми постојано забележуваме хумани повици за донации на парични средства – главно помош за операција и лекување. Потребна беше ваква платформа, со која што можеби би можеле да го подобриме квалитетот на живот кај луѓето – со постојано овозможување на услови и помош за живот, а не само во одреден момент кога често е и прекасно. Хуманоста како начин на живот е паролата по која се водиме.
На кој начин функционира вашиот прв проект за донација на храна и производи за хигиена и како можат граѓаните да помогнат?
Секој кој што сака да донира пакет со храна и санитарни производи за социјално загрозени семејства, може да го направи тоа на domoremk.com. На платформата во делот „Донирај“ се поставени приказни на социјално загрозени семејства на кои може да им се помогне. Моментално на платформата може да се донира за 40 семејства.
Чекор 1: Одбери семејство – Селектирај го семејството за кое сакаш да донираш пакет.
Чекор 2: Одбери големина на пакет – Во овој дел се одбира вредност на пакетот. Може да одберете пакет од 500, 1000 и 1500 денари, или да впишете поголема сума во полето „Донирај пакет во износ поголем од 1500 денари”.
Чекор 3: Кликнете на копчето „Донирај“ – Со клик на копчето, пристапувате кон формата за плаќање каде ќе ја комплетирате донацијата.
“Направи Повеќе” како организација и наша приказна и domoremk.com како платформа за е-донација за нас значат многу. За социјално загрозените семејства кои се соочуваат со сериозни проблеми и на кои се стремиме постојано да им се помага исто значи многу. А многу + многу = повеќе. Повеќе од се што е добро, повеќе од се што носи нови зраци и не води кон иднина во која сите се хумани. Овој проект е нашето првенче на кое сме многу горди. Проектот има за цел да го намали бројот на гладни семејства во нашето општество, со олеснување на процесот на донација, преку дигитално, брзо и транспарентно донирање
Марко Андонов-Ацев, Александра Манолчева и Андриана Илиевска
Сметате ли дека ваквите иницијативи преку дигитални платформи можат да придонесат за поголема општествена свесност и носење на промени?
Живееме во ера на дигитализација и автоматизирање на секојдневните процеси, па логично е да се дигитализираат и донаторските процеси. Од нашето искуство можеме да заклучиме дека луѓето во нашата земја се хумани. Доколку постојат јасни насоки, лесен и транспарентен начин, луѓето се спремни да направат повеќе. Со нашето залагање и чувство за соживот, сакаме да ги мотивираме и инспирираме младите да превземаат иницијативи кои ќе го направат нашето општество подобро место за живеење. Сметаме дека ваквите иницијативи ја зголемуваат колективната свест. Нашиот позитивен став за подобро утре го пренесуваме на платформата, донаторите и семејствата, и градиме цврста заедница.
Колку во други земји во светот ваквите дигитални иницијативи функционираат и носат промена?
Дигитални донации функционираат во странство на база на месечна претплата. Обично ваквите иницијативи се водени од големи организации кои нудат транспарентност и олеснување на донаторските процеси и фукнционираат со масовен замав и вистински прават промени во различни сфери, со големо влијание, располагајќи со голема поддршка од светски организации, грантови и медиуми. Уникатната вредност која ја носи „Направи Повеќе“ е блискоста на луѓето со брендот бидејки секој може да се пронајде во нашата иницијатива, како млади ентузијасти кои пробуваат да направат големи нешта. Секогаш сме отворени за конструктивна критика, за подобрување и за разговор со секој кој што би се поистоветил со брендот и би сакал да ни се придружи. Замислете колку големи промени би можеле да оствариме во нашето општество доколку израдиме голема заедница со една заедничка цел. Веруваме дека со силна заедница и поддршка од секој, можеме да бидеме влијателни исто како и големите светски хуманитарни организации.
Колку кај нас граѓаните се отворени за ваков тип на донации?
Позитивно сме изненадени од успехот и прифатеноста на “Направи Повеќе” за толку краток период. Како што напоменавме, доколку се понуди лесно, дигитално и транспарентно решение, луѓето донираат и поддржуваат со задоволство. Исто така добиваме и предлози за подобрување на платформата и многу го цениме времето што некој ќе го одвои за да ни даде идеја за заедничко подобро утре. Особено значење за нас има и споделувањето на објавите на социјалните медиуми, бидејќи на овој начин можеме да допреме до што повеќе луѓе и да ги мотивираме повеќе да помагаат и да донираат. Досега главно донациите се од донатори-индивидуалци. Нашата цел е да се вклучат и што е можно повеќе компании и организации, затоа што само тогаш би успеале да оствариме еден прекрасен хуман екосистем и хумано ко-егзистирање и во професионалната околина, каде луѓето го поминуваат поголемиот дел од денот.
Што е следно, дали планирате да ја проширите иницијативата?
Многу е убаво чувството да се работи на ширење и подобрување на оваа приказна. Планираме да го издигитализираме и помогнеме секој аспект кој придонесува за квалитетен живот. Сами можеме многу, а заедно повеќе. Па затоа, ги повикуваме сите индивидуалци и компании да ни се придружат во ова хумано патување. А ние се надеваме дека сите заедно ќе се дружиме во иднината во која сите сме хумани.