Продукт-дизајнерката Нина Геометриева, или @geometrieva, како што е позната на „Инстаграм“, е девојка која се занимава со висока технологија и нејзиното искуство во големите компании како „Гугл“ и „Мета“, но и живеењето во различни градови низ светот е мошне богато, интересно и необично. Но, нејзината уметност, која ѝ е хоби, а за која користи вештачка интелигенција нè заинтригира да ја прашаме нешто повеќе за нејзините дела што бележат големи успеси во дигиталниот свет и на НФТ-платформите.
Вашата работа како продукт-дизајнерка ве однесе на многу интересни места низ светот. Сте работеле и живееле во Сингапур, Токио, Хокаидо, Њујорк, Берлин… Како почна вашата приказна со продукт-дизајнот и како изгледаше работата во познати компании низ светот? Кој ви е најголемиот предизвик во работата?
Сѐ се случи многу брзо. Еден момент бев студент на Електротехничкиот факултет, следниот момент бев визуелен дизајнер во сингапурски стартап. Почнав да навлегувам во продукт-дизајнот откако се фасцинирав од дизајнерите во мојот тим и нивниот бизнис-сенс, системско размислување и способност за градење визија и стратегија.
Работењето во големи компании како „Гугл“ и „Мета“ е уникатно искуство. Амбициозни луѓе и тие што сакаат да постигнат многу често имаат доза на ароганција, па поради тоа, првата реализација на секој што се вработува во овие компании е дека не си најдобар во светот и дека има многу попаметни луѓе од тебе. Тоа ја крши ароганцијата на повеќето, вклучувајќи ме и мене.
Понатаму, почнуваш да сфаќаш какви комплексни системи на соработка изградиле сите овие илјадници паметни луѓе кои работат во овие големи компании. И сфаќаш колку е натпреварувачки. Сите се тепаат за најдобриот проект и пробуваат да го изработат најбрзо, најефикасно и најуспешно, да остават најголема трага на светот. Можеби звучи како гладијаторски ринг, но сѐ ова се одвива на изненадувачки цивилизиран начин. Овој начин на работа ми беше многу необичен прво, но сега, по шест години искуство, ми е сосема нормално.
На вашиот профил на „Инстаграм“ може да се види AI-уметност, што ви е хоби, но е многу интересно и необично. За што точно се работи, за каква уметност станува збор и што ве влече токму кон ваков вид уметност?
Тоа е тип уметност создадена од AI (вештачка интелигенција). Во последнава година, AI направи ненормални скокови во полето на уметноста и како резултат на тоа сега лесно можат да се генерираат речиси какви било слики користејќи само зборови. Ова мене ми е фасцинантно не само од технолошки аспект туку и од аспект на демократизација на уметност. Конечно ќе можеме да ја видиме креативноста на сите оние луѓе кои имаат супер идеи, но им недостига техника да ги остварат.
Последно што можев да забележам се постови за superglass стаклена серија, дел од колекцијата „Cinderella 2059“. Како дојдовте до идеја за овој проект и за предметите во колекцијата? Што точно претставува стаклената серија?
Оваа колекција почна со експериментирање со AI-уметност. Уште во раните верзии на попримитивните AI-модели се обидував да создадам патики направени од стакло. Конечно, кога AI-моделите напреднаа доволно за да можат да создадат фотореалистични резултати, се опседнав со правење на секакви објекти од стакло.
Овие објекти комбинираат футуристичка естетика со носталгија кон естетиката на јапонската технологија од осумдесеттите години на 20 век. Презентирани во стилот на ретро американски реклами, со наслови и параграфи со фонт сериф, овие „реклами“ изгледаа доволно реалистично што сè уште луѓе ме прашуваат каде можат да ги купат. Колекцијата доби значително внимание, со неколку милиони превидувања на „Инстаграм“ и „Твитер“ и реакција од големи имиња на колекционери и уметници, дури и од Грајмс. Потоа, Кејвон, основачот на една од најпопуларните НФТ-платформи, „Фаундејшн“, ми даде идеја да ги претворам овие AI-генерации во НФТ-колекција. И оттаму почнав да им додавам анимација и звук со помош на маж ми Дамјан, па на крајот на јануари ги објавив. Колекцијата се распродаде за помалку од една минута.
Што особено ве фасцинира во вештачката интелигенција? Кои се предностите, а кои недостатоците и како може најправилно да се искористи?
Има многу контроверзии околу уметноста со вештачка интелигенција. Многу традиционални уметници тврдат дека нема вештина во креирањето на AI-уметност и прашуваат дали е воопшто вистинска уметност. Сметам дека што било може да биде уметност, сè додека има уметнички квалитети. Фактот дека постои добра и лоша AI-уметност докажува дека сепак има вештина инволвирано во процесот. Сепак, човекот е тој што ги одбира зборовите, естетската насока, композицијата, бојата и стилот што ќе играат улога во AI-креацијата. Ова е слично на улогата на арт директор. Критичари на AI-уметност исто така тврдат дека не е уметност, бидејќи одзема малку напор да се искреира. Како контрапоента, постојат логоа вредни милиони долари што биле искреирани за пет минути. Напорот или времето на создавање не игра никаква улога во крајниот резултат.
И една од најголемите контроверзии е околу сликите користени за тренирање на овие модели со вештачка интелигенција. Има цело движење на уметници кои протестираат против AI-уметност, бидејќи нивните дела се искористени за тренирање на овие модели без нивно знаење или дозвола. Не сум експерт на правниот аспект на ова, но од етичка перспектива, според мене, ова е исто со човек кој ја „тренира“ својата смисла за естетика преку уметноста на другите. Тој процес на инспирација се смета за потполно етички кога е во прашање човечката креативност. Зошто би било поразлично за машина што функционира екстремно слично на човечката креативност?
Луѓето често ме прашуваат како би се чувствувала ако мојата уметност беше искористена на овој начин. Одговорот е – одлично. Пред неколку недели ја донирав целата моја уметност на еден стартап што истренира модел со вештачка интелигенција така што било кој сега може да создаде уметност во мојот стил бесплатно. За мене, ова е еден тип на дигитална бесмртност, бидејќи дел од мене засекогаш ќе продолжи да живее преку уметничките дела на генерациите по мене.
Неколку примери на AI портрети базирани на мене, направени со помош на „Геометриева“ AI моделот кој е трениран на мои фотографии, јануари 2023.
На почетокот на 2021 година бевте првата Македонка која објави уметност во форма на НФТ и со вашата колекција доживеавте голем успех на аукцијата, вашите дела беа продадени за околу 30.000 долари. Со која колекција учествувавте тогаш и што ви значеше вам овој успех?
Колекцијата се вика VAST и претставува десет необични пејзажи од разни места низ универзумот, базирани врз вистински планети и вистински описи на нивната температура, клима и други фактори што придонесуваат до естетиката. Овие пејзажи беа искреирани со помош на алгоритмичка техника наречена pixel sorting. Реакцијата беше одлична и по првпат помислив дека можеби сите овие визуелни експерименти што сум ги правела низ годините се всушност некаков тип уметност. Воопшто не се сметав себеси за уметник пред тоа.
Дел од НФТ-продажбата минатиот месец беа делата и од последната колекција „Cinderella 2059“. Како сте задоволна со оглед на тоа што по првпат се продаваа делата преку алатката blind minting, што не е класична аукција? Што значи таа и на каков начин се одвиваше продажбата?
Мојата прва колекција, VAST, се продаваше врз база на аукција. Од друга страна, „Cinderella 2059“ се продаваше со алатката blind minting, што значи дека тие што сакаат да купат едно од делата, не знаат што ќе купат однапред. 24 часа по продажбата јас ја открив уметноста и луѓето можеа да видат што купиле. Оваа механика е особено интересна, бидејќи ги поттикнува колекционерите да се разменуваат и да се тргуваат, слично како со покемон-картички.
Како напредувавте и какво искуство собравте низ годините? Што научивте од работните места, од луѓето, од разните светски градови? Кој град и која култура најмногу ве влече и ви дава елан и поттик?
Откако паметам за себеси сакав да живеам во странство и да доживеам различни култури и високоцивилизирани општества. На 23 години, кога се доселив во Сингапур, почувствував позитивна верзија на културен шок. Сѐ беше тотално различно. Луѓето оставаат велосипеди вредни две-три илјади долари незаклучени надвор и никој не ги краде. Се шетаат надвор во четири наутро сами и немаат никакви проблеми со безбедноста. Сите те третираат како да имаш позитивни намери.
„Гугл“ ме научи на напорна работа, дисциплина, снаоѓање и никогаш немање изговор.
„Инстаграм“ ме научи (и продолжува да ме учи) на екстремно високо ниво на квалитет на дизајн, брзина и ефикасност.
Јапонија ме научи на исклучителна внимателност, грижа, хармоничен соживот и почит кон другите луѓе, дури и кон случајни минувачи со кои делиш само секунда од животот. Исто така, ме научи и основно ниво на говорење, читање и пишување на јапонски, и на обичаи како поклонување и правилен бонтон.
Од САД почнувам да учам екстроверзија и амбиција.
А во однос на градовите, зачудувачки, Њујорк не ми остави голем впечаток. Моментално живееме на едрилица во Сиетл што ни е многу интересно. Засега, Токио ми е апсолутно омилениот град. Не би живеела долготрајно таму, но ќе ми остане број 1 дестинација за посетување.
Cinderella 2059, јануари, 2023.
Што ве инспирира низ работата и уметноста? Што ви дава сила и енергија за понатамошни проекти?
Веројатно сите сакаме да оставиме некаков белег на светот. Научниците мислат дека најдобриот начин да се влијае на светот е преку наука. Инженерите преку код. Политичарите преку политика. Јас, искрено, не знам. Но, доколку успеам да правам нешто во коешто сум најдобра на целиот свет, мислам дека тоа е апсолутно најдобриот начин на којшто јас можам да влијаам на светот. Не размислувам премногу често за ова, но постои како позитивно чувство во заднината, што ме движи и ме инспирира.
Што сметате дека е најважно за еден дизајнер или уметник да знае за работа со новите технологии? Како постојано да се биде во тек со новитетите?
Со помош на ChatGPT составив кратки совети со кои сто проценти се согласувам. Имај храброст да експериментираш со нови технологии пред сите други, но исто така и генерално не прекинувај да играш и да ја задоволуваш својата љубопитност. Скрши го својот тек на работата. Дружи се со интересни луѓе со кои не се согласуваш. Учи и собирај инспирација од ненадејни места.
Исто така, важно – пронајди ја правилната платформа за да останеш во тек и да ги најдеш вистинските луѓе. За одредени цели тоа е „Твитер“, за други е „Инстаграм“ итн. На пример, не очекувај да научиш за крипто на „Tик-ток“ или да најдеш добра уметност на „Редит“.
Како си давате оддишка од уметноста и работата? На што се фокусирате кога не работите?
Јадам турска храна, правам палачинки со јагоди, повремено запознавам луѓе и одам на чудни тематски забави, играм видеоигри со Дамјан, гледам филмови, џаболебариме низ Сиетл и вежбаме со „Бит сејбер“ во виртуелна реалност.