Нина Ангеловска е доказ дека учењето, знаењето и вложувањето во себе се најголемо богатство кое никој не може да ни го одземе. Позади нејзе стои и политичко искуство како прва жена, назначена на чело на Mинистерството за финансии. Моментално работи како врвен професионалец во областа на е-трговија, на позиција директор за интернационален бизнис развој во „Ананас“, платформа за онлајн тргување.
Вашата биографија е навистина импресивна, добитничка сте на голем број награди и признанија. Што сметате дека беше пресудно за вашата кариера да се развие во оваа насока?
Мојата пасија за е-трговија и воопшто е-бизнис можам да кажам дека почна на Економскиот факултет при УКИМ, со изборот на департманот Е-бизнис во 2006 година. Практично, оттогаш „го дишам“ пазарот на е-трговија, најпрвин во теоријата, а веднаш по дипломирањето и во практиката со лансирањето на „Групер“ во 2011 година.
Во текот на студирањето учествував на многу натпревари – ги сметав за начин да се тестирам себеси, а учев и нови работи, бидејќи вложував многу енергија во подготовките. Мајка ми веројатно ми имаше всадено од мала дека што и да правам треба да се стремам да сум најдобра во тоа, па веројатно оттука и мојот компетитивен дух. Во 2011 година непосредно пред дипломирањето победив на натпреварот за најиновативен бизнис-план организиран од Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (NCDiel) при Машинскиот факултет, каде што добив финансиски средства за да почнам сопствен бизнис. Станувањето претприемач и водењето на сопствен бизнис не е нешто што го посакував од дете; веројатно претприемачките гени од моите родители и начинот на кој ме воспитувале претставуваа солидна основа и почетна точка, но главниот поттик беше веројатно добивањето на наградата за веднаш по дипломирањето да се впуштам во почнување на сопствен бизнис. Го почнавме „Групер“ со многу пасија и ентузијазам, сакавме да го трансформираме пазарот на е-трговија, кој во тоа време, во основата, и не постоеше. Луѓето не користеа платежни картички, интернет-пенетрацијата беше мала, немаше навики за онлајн-купување, компаниите не продаваа онлајн и речиси да немаа онлајн-присуство во тоа време. Во суштината, требаше да креираме пазар за да го развиеме „Групер“. Компанијата растеше од година во година и постојано воведувавме нови работи, се приспособувавме на новите околности и трендови. Иако не беше воопшто лесен, патот беше возбудлив, а резултатите и признанијата ни претставуваа мотив за уште подобра работа. Мислам дека кариерниот пат ми се случуваше многу повеќе спонтано отколку „намерно“ – веројатно кога се појавуваа можности бев подготвена да ги прифатам, а кога се појавуваа предизвици одговарав на нив. Така, активностите како консултант за развој на бизнис, дигитална економија и основањето на АЕТМ беа неминовни за трасирање на патот за развој на е-трговијата или за отстранување на пречките и предизвиците што беа на патот.
Од друга страна, прифаќањето на поканата од страна на премиерот Зоран Заев во 2019 година да се приклучам на Владата како министер за финансии не беше воопшто лесна одлука и знаеше „остра промена“ на кариерниот пат и начинот на живот воопшто. Клучен мотив за да ја прифатам таа исклучителна одговорна функција беше можноста да се прават промени „однатре“, бидејќи пред тоа секогаш сум туркала „однадвор“.
Покрај напорна работа и знаење често велиме дека треба да се има и среќа. Ама, како што вели една изрека среќа е кога подготвеноста и можноста ќе се сретнат. А од друга страна, колку повеќе работиме и сме поподготвени, се чини толку повеќе среќа имаме.
Би сумирала дека клучно за развојот на мојот кариерен пат беше желбата да се прават промени, тоа што бев подготвена да ги претворам пречките во можности, да работам напорно и да ја сакам работата, постојано да учам, да носам одлуки и да не се плашам да излегувам од комфорната зона. Сите одлуки, помали или поголеми, што ги правиме ни го дефинираат животниот пат и како ќе се развива тој – од денешна перспектива благодарна сум за сите надминати предизвици и научени лекции, бидејќи сè тоа ме направило тоа што сум денес.
Неодамна почнавте нов професионален предизвик, односно извршувате висока менаџерска позиција во платформата за онлајн-трговија „Ананас“. Со кои предизвици се сретнавте на новото работно место?
„Ананас“, како дел од корпорацијата „Делта холдинг“, беше лансиран во Србија, а нашиот план е експанзија во регионот што почнува од Македонија, а потоа и во другите земји од Балканот и пошироко. Мисијата на „Ананас“ е да направи револуција во е-трговијата – да го донесеме онлајн-шопинг искуството што го има во развиените земји на овие простори на Балканот. Патот нема да биде лесен ќе има многу предизвици, што е нормално кога зборуваме за револуција, односно менување на пазарот и воведување нешто што го нема на овие простори. Но, ги имаме сите потребни ресурси за да успееме – јасна визија каде одиме и план како да стигнеме таму, одличен интердисциплинарен тим, но многу важно, пред сè ги имаме пасијата и енергијата што се неопходни за успех.
Моето приклучување кон „Ананас“ практично претставува продолжување на напорите за менување на е-трговијата, сега уште повеќе и регионално. Со оглед на тоа што мојата улога е меѓународен бизнис-развој, а периодов интензивно работиме на подготовка на „Ананас“ за лансирање на македонскиот пазар, секој ден е исполнет со предизвици од различни области. Ги воспоставуваме операциите заедно со колегите од Србија, а истовремено фокусот е на градење на посветен и мотивиран тим во Македонија, кој ќе учествува и ќе придонесе за менување на е-трговијата на овие простори и градење на успешната приказна на „Ананас“.
Во недоволно развиени демократски општества, успешните бизнис-приказни, ако се креирани од жени, често се предмет на голем број предрасуди. Како е прифатена вашата лидерска позиција во секторот во кој работите?
Па, мислам дека предрасудите што се една од главните причини за родовата нееднаквост не се карактеристика само за недоволно развиените општества, присутни се и во развиените. Предрасудите и стереотипите не се решаваат со напорите што се преземаат во форма на регулатива, како што се воведување квоти. Воопшто, динамиката на прогресот по прашањето за родова еднаквост е далеку од задоволително, а неискористувањето на потенцијалот на жените претставува загуба за економиите, општеството и компаниите. Речиси сите студии и истражувања што се правени за да се испита корелацијата помеѓу застапеноста на жените и перформансите на компаниите водат кон еднакви сознанија – поголема застапеност на жените на високи позиции води до подобри бизнис-перформанси. Сепак, и покрај тоа што дигиталниот свет во кој живееме има многу повеќе потенцијал да биде поеднаков, мажите доминираат, т.е. живееме во „машки свет“. За жал, во корпорацискиот простор жените сè уште не се доволно вклучени на клучни позиции и капиталот сè уште е во рацете на мажите.
Што се однесува до моето лично искуство, различно беше на различните водечки позиции во кои сум била. Кога водев своја компанија како претприемач, како и со повеќето други ангажмани во приватниот сектор, како и во невладиниот и дома и надвор во главно секаде бев и сум одлично прифатена – секогаш имав пасија за работата, а мојот фокус беше на работа и постојано учење, па не можеби и да имало ситуации не сум им давала значење или сум ги игнорирала – веројатно немав време да мислам на тоа. Така сум израсната, дека знаењето и работата се она што не треба ме диференцира, а кога на 21 година почнував да градам сопствен бизнис повеќе можеби се грижев за како ќе бидам прифатена затоа што сум млада, а не затоа што сум жена.
Сепак, во политиката е различно, па може да кажам дека предрасудите најмногу ги почувствував кога бев назначена како прва жена министер за финансии, како и во одредени ситуации додека ја вршев функцијата.
Личниот и професионалниот развој, постојаното учење и вложување во себе се само дел од мозаикот за успех. Која е вашата порака за жените кои сакаат професионално да се развиваат и да растат?
Успехот и воопшто професионалниот раст и развој се резултат на одлична работа. А за да правиме одлична работа клучот е пасијата и напорната работа. Предизвиците во денешниот брз дигитален свет бараат нови начини на размислување и нови вештини – способноста за постојано и брзо учење мислам дека е клучна за успех на која било позиција. Потоа, адаптибилност, дисциплина, посветеност, способност за донесување на брзи одлуки, градење и одржување на мотивиран тим и добра организација. Со текот на годините научив секоја пречка да ја гледам како предизвик што мораме да го решиме и да го поминеме за утре да станеме подобри од денес. Научив дека не треба да ги прифаќаме работите такви какви што се, туку треба да ги предизвикаме промените и да влијаеме, а во меѓувреме треба да го најдеме начинот да работиме во кои било услови и да се адаптираме за да го извлечеме максимумот или, поинаку кажано, кога не можеме да го промениме правецот на ветерот, треба да го приспособиме нашето пловење. Мене лично ми претставува голема сатисфакција кога ќе си поставам цел каде треба нешто да биде и ќе го постигнам тоа. Но, не сум приврзаник на тоа дека целта ги оправдува средствата. Сметам дека е многу важно како стигнуваме до неа – да бидеме чесни, транспарентни, вложени… Ќе има и жртви што треба да се направат, некогаш помалку спиење, ќе немате секогаш време за најблиските и слично, но треба да се остане доследен и позитивен. Во неколку збора, мојата порака е да ја најдат пасијата, што е тоа што сакаат да го прават, затоа што само така ќе успеат да напредуваат постојано, ќе сакаат да учат, да стануваат подобри – само така работата ќе можат да ја гледаат како хоби и ќе бидат подготвени да посветат многу часови на постојано учење и унапредување. Или, со други зборови, да ги одберат проблемите што сакаат да ги решаваат – каде и да одиме ќе има проблеми, а клучот е да ги најдеме проблемите што сакаме да ги решаваме. Да не се плашат од „тешко“ и од промени – добрите работи не доаѓаат лесно во животот, а да се перципираат промените како позитивна и неизбежна работа е став што се гради со искуство. Да прифаќаат критика (секако, кога е основана) и таа да им биде основа за конструктивна акција и корекција за подобрување и менување. И за крај да си поставуваат високи очекувања од себе, да целат високо и да бидат оптимисти.
Вие сте љубителка на активен начин на живот, спорт и спортски активности. На кој начин го пронаоѓате личниот баланс и мир, по стресното секојдневие?
Живееме во брз свет, а менаџирањето на стресот е важно, но многу е важна и перцепцијата кон стресот – што и колку дозволуваме да го перципираме како стрес, како реагираме и како го „канализираме“. Спортот е дел од моето секојдневие и како што е начин за исфрлање на негативната енергија, истовремено е извор на позитивна енергија и расположение. Додека спортуваме се лачат т.н. среќни хормони меѓу кои е ендорфинот што помага во справувањето со стресот. Речиси секое утро го почнувам со спортска активност – комбинирам различни активности, па така не ми се здосадува од ниедна – преферирам надвор на отворено, а зависно од времето и загаденоста и во затворено – трчањето ми е една од омилените, потоа мултифункционален фитнес-тренинг, возење велосипед. Понекогаш и планинарење, а сакам да играм и тенис. Сметам дека умереноста и балансот се клучни за сè во животот, па така и за успехот. За секого успехот е различно нешто. За мене, да си комплетен како личност на сите полиња. Многу често, успехот се карактеризира како дел од работата, но не е само тоа. Успех е да имаш и добри пријатели околу себе, да имаш семејство што те поддржува, да умееш да ги балансираш тие работи, да не ти трпи фамилијата. Балансот, би рекла, успевам да го одржам со брза и добра организираност.
Велат дека изборот на накит говори многу за еден човек и секогаш е совршен показател на енергијата што ја поседуваме. Кој е вашиот избор, каков вид накит носите најчесто?
Генерално, преферирам минимализам кога станува збор за накит што го носам секојдневно. Во речиси секое парче си наоѓам некоја симболика, но не сум човек кој се врзува за предмети или е суеверен. Кога станува збор за конкретно парче накит долго време носам тенко ѓерданче, сега со симбол ѕвезда – кое ми е многу драг подарок од мајка ми, а пред ова повеќе години носев златно тенко, со симбол бесконечно, кое ми беше подарок од сестра ми кога докторирав. Исто така, носам две тенки алки што ми се драги и не сум ги извадила многу години. Не сакам облеката или накитот да го одвлекува вниманието. Не сум модна фигура, треба да изгледам професионално и средено, но да доминира тоа што имам да го кажам. Сакам квалитетни парчиња, ама едноставни.
Обетки менувам речиси секојдневно и најчесто според облеката, стилот и пригодата.
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.