Nike го лансираше своето прво партнерство со индиски дизајнерски бренд – креативниот колектив NorBlack NorWhite од Њу Делхи, создавајќи колекција што не само што ги спојува модата и спортот, туку и го отвора прашањето за тоа како глобалните брендови можат автентично да се вкоренат во локалните култури.
Колекцијата, која беше официјално претставена на 11 јуни, е инспирирана од традиционалната индиска техника на бојадисување ткаенини – бандхани, техника со потекло од Раџастан и Гуџарат. Во дизајнот се присутни карактеристични модели и шари кои носат боја, текстура и ритам, но поставени во рамка на функционална спортска облека. Линијата вклучува дамски хуџи, топови, хеланки, бикини шорцеви, како и четири модели на обувки – Air Max Craze, Motiva, Pegasus 41 и Calm slides – сите препознатливо Nike, но со естетика која зборува на јазикот на занаетчиството.
Со оваа соработка, Nike не само што влегува на индискиот дизајнерски пазар, туку прави и важен потег во признавањето на женското творештво и локалните занаети како носители на глобална иновација. Целата колекција е создадена од жени, за жени – со фокус на автентичност, одржливост и визуелен идентитет што го слави Индискиот потконтинент. Темите „Burst“ и „Ripple“, кои ја водат колекцијата, се метафори за енергијата што се шири – од боја до движење, од локално до глобално.
Кампањата е фотографирана од Bharat Sikka во Џајпур, а во неа се појавуваат индиски спортистки како Anshu Malik (рвање), Priya Mohan (спринт), Jemimah Rodrigues и Shafali Verma (крикет). Секоја од нив ја претставува новата генерација жени кои не само што се натпреваруваат, туку и ја редефинираат визијата за спорт, моќ и стил. „Носејќи Nike облека со индиска култура е flex. Гласно. Родено. Наше,“ изјави Rodrigues – резонирајќи со духот на соработката.
NorBlack NorWhite, основан од Мрига Кападија и Амрит Кумар, веќе повеќе од една деценија работи на спој на модерен дизајн и индиски текстилни традиции. Оваа соработка е кулминација на двегодишен дијалог со Nike и претставува редок пример каде што бренд од глобални размери се одлучува за длабока, значајна соработка со независен дизајнерски глас.
Во време кога модата често се сведува на тренд и брза потрошувачка, колекцијата Nike x NorBlack NorWhite нуди нешто подлабоко: почит кон корените, простор за женски израз и пример како културната вредност може да стане комерцијално валидна – без компромис.