Инстаграм е место каде талентирани фотографи од целиот свет ја споделуваат својата креативност. Велат дека фотографијата вреди 1000 зборови. Еве неколку фотографи кои со својата техника и креативност кажуваат многу, без да изговорат збор.
Doan Ly
Цветните фотографии на Doan, на некој начин, може да се прочитаат како современи слики од композиции на хипер-заситени букети, егзотични плодови и обоени светла кои ја симболизираат минливоста на една убавина. Од нејзините фотографии произлегува сензуалност и за неа цвеќињата се симбол за прекрасни емоции и надреални сензации. По потекло е од Виетнам, а работи и живее во Њујорк. Основач е на студиото A.P bio, а нејзиниот Инстаграм профил има преку 120.000 следбеници.
Streetview portraits
Jacqui Kenny е жената која стои зад овој инстаграм профил, а идејата за овој профил настанала откако имала паничен напад на аеродромот во Дубаи, враќајки се дома во Лондон. Нападот потекнува од агорафобијата на Кени, состојба која ѝ предизвикува страв од околината и ѝ го отежнува патувањето. Патувајќи само виртуелно преку Google Street View, прави преку 30.000 замрзнати фотографии или принтскринови и во дел од нив препознава убави и емотивни фотографии кои ги споделува на профилот секојдневно.
Spathumpa
Costas Spathis е грчки архитект и фотограф. Тој е специјализиран за воздушна фотографија и неговата работа комбинира минималистички стил и геометрија. Неговата работа е опиплив доказ за тоа како технологијата сè повеќе влијае на современата уметност. Обично неговите фотографии наликуваат на шема, на игра со сенки и минималистичко – геометриски концепти. Урбaни слики од градови или пејзажи направени со дрон кои сте немале можност да ги видите никогаш претходно. Со повеќе од 250.000 следбеници на Инстаграм, неговиот профил е инспирација и бегство од реалноста.
Itsreuben
Комбинирајќи ја најновата технологија во фотографијата и дронот, Reuben Wu создава фотографии како од соништата, на најразлични локации низ светот. Со помош на ЛЕД диоди тој ги осветлува и најодалечените пејзажи во светот. Овој фотограф и музичар од Чикаго, со беспилотните летала создава геометриски линиски форми од светло во средини кои се темни, ненаселени и недостапни, како планински предели или долини. Со неговата работа тој не создава само фотографии туку и истражува непознати и далечни места. За него фотографиите се фрагменти од меморија и имагинација и можат да создадат ехо на времето, како и музиката.