Загрижени граѓани, граѓанки, активистки и феминистичката платформа „Медуза“ повикуваат на протест во петок во 15 часот пред Министерството за внатрешни работи поради несоодветното постапување на полициските службеници по случаи на родово базирано насилство.
„Револтирани сме од повторното затајување на институциите, неспремноста и некомпетентноста на полицијата и немањето вистинска волја да ја завршат својата заштитничка и превентивна функција кога станува збор за на жртвите на родово базирано насилство, сексуален напад и вознемирување. Затоа, во петок (17.02) во 15 часот, излегуваме на ПРОТЕСТ пред МВР“, се вели во соопштението.
„Случајот кој во медиумите стана познат како „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата” по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово базирано насилство. Во изминатиот период имаме пораст на случаи на родово-базирано насилство како:
Таксисти кои напаѓаат девојки,
Партнери кои ги претепуваат и пукаат во своите девојки,
Сексуално уценување на 14 годишно девојче од страна на повеќе мажи
Ова е резултат на повеќе аспекти од нашето општество длабоко вкоренети во системската неедаквост и нормализирањето на насилството како дел од културата“, додаваат организаторите.
Во прилог нивните барања за промена и санкции за МВР и преземање одговорност од засегнатите институции.
1. Бараме санкции за нестручните полициски службеници кои ги изложуваат жртвите на дополнително вознемирување;
2. Бараме обучени полициски службеници кои ќе си ја вршат работата за која се платени;
3. Бараме секоја идна пријава да биде третирана со максимална професионалност, но и да биде дочекана со емпатија, солидарност и поддршка;
4. Бараме да бидеме безбедни во своите градови, улици и живеалишта.