Секс шоповите со години се дел од сите светски метрополи, а користењето сексуални помагала е секојдневие во многу современи земји. Каква е свеста и практиката кај нас, постои ли родова нееднаквост и предрасуди на оваа тема поразговаравме со Наталија Стојевска вработена во секс шопот ,,Валијант“.
Какво е вашето искуство, подигната ли е свеста за купување сексуални помагала или сè уште тоа е табу тема?
Според моето набљудување и искуство младите сè повеќе се отворени за купување секс играчки и помагала. Повеќето се запознаени како се користат, а дел од нив се интересираат и бараат соодветна информација за правилно и безбедно користење. Кај луѓето на средна возраст, како и кај постарите генерации исто така се зголемува интересот, се надминуваат предрасудите за користење на ваквиот вид на помагала, но сепак тоа е променлива категорија, која зависи од културата, начинот на живот, а и од година во година се менуваат овие податоци. Македонија е мал пазар и тој интерес е само дел од целината. Секако дека фали една здрава едукација, еден столб на кој ќе се темели таа висока свест и информираност за сексот. Мислам дека сме на добар пат луѓето сè повеќе сакаат да експериментираат и да се информираат, иако сме далеку како пример ќе ги спомнам скандинавските држави, кои се одличен пример за отвореност и транспарентност.
Со години женската сексуалност е сокриена во општествените норми на однесување и често улогата на жената се истакнува како некој што треба да ги задоволи потребите на мажот. Каков е вашиот став на оваа тема ?
Да, за жал така некако се отсликува генералната општествената слика, генерациски сè уште се провлекуваат тие патријахални модели на однесување. Но факт е дека жената стана независна од мажот! Во минатото жените стапувале во брак за да преживеат финансиски и секој имал точни и јасни задачи, тогаш мажот бил работната сила, и жената многу тешко можела да се издржува сама. Затоа тој ѝ бил неопходен, за да го осигура нејзиниот опстанок, таа пак се грижела за домот и децата. Исто така на разводот се гледало како нешто срамно – како на неуспех. Сега на разводот се гледа како на ново искуство. Луѓето веќе сакаат не само брачна заедница, туку среќен брак, каде што е важно да имаат задоволства и да се откриваат себеси. Двајцата се борат за својата среќа! Никој не може да те натера да бидеш или да живееш со другиот, ако не сакаш. Тоа што е важно да научиме е дека: ние на никого ништо не должиме и никој ништо не ни должи нам. Сите ние и мажи и жени имаме подеднакво право на секс! И да не се залажуваме никој од нас не е роден моногамен, тоа е наше сопствено решение и избор.
Сметате ли дека постојат различни пристапи кога се зборува за женската мастурбација во однос на машката?
Во минатото стандардниот израз што ја определувал мастурбацијата бил „онанизам“. Со години се сметала за неприличен чин, особено ако ја извршува жена. Секс експертите сметаат дека мастурбацијата е неразделен дел од здравиот начин на живот. Иако е сексуална практика која е признаена за полезна, дури во 1972 год. ,,Американската медицинска асоцијација“ објави дека мастурбацијата е нормално сексуално дејство. Околу 95% од мажите мастурбираат, статистика, која најверојатно не се променила преку годините. Последните статистички податоци покажуваат дека 82% од жените мастурбираат, статистика, која со времето покажува сè поголема вредност, па се поставува прашањето дали е тоа така зашто повеќе жени мастурбираат сега? Веројатно не, само сега се поотворени да признаат.
Самозадоволувањето е добра практика, вежба за луѓе, кои имаат потешкотии при достигнување оргазам со сексуалниот партнер. Нема правилна или неправилна техника – важниот прв чекор е да се истражува телото и да разбереме кои се зоните на задоволство. За мажите е доста едноставен процес тој се возбудува и стимулира до точка од која нема назад, односно завршува со ејакулација. Потоа настапува рефракторен перид во кој имаат потреба да се затворат во себе за мал период или лесна дремка. Се смета, мажите кои можат да разграничат оргазам и ејакулација се во состојба да доживеат неколку оргазми по ред, но тоа се веќе принципите на тантрички секс. За да се постигне тоа разграничување, тие треба да развијат силни карлични мускули со вежбите на Кегел. Кога мажот ќе достигне до точката на оргазам треба да прекрати со секаква стимулација и да ги стегне карличните мускули и после пак да ги опушти. Потоа повторно треба да се обнови целиот процес и да се постигне оргазам без ејакулација.
За жените оргазмот секогаш бил повеќесложен , кога клиторисот на жената се стимулира и таа е возбудена – крвта се прелева во карличната област на вагината и станува влажна. Вагината се раширува и продолжува, клиторисот и градите се набабруваат. Во фазата на „плато“, вагиналните усни се набабруваат дополнително, исто така и ѕидовите на вагината се набабруваат, а отворот на вагината се стеснува. Пулсот се засилува и мускулите се затегнуваат… По време на оргазам мускулната напнатост и исполнување на крвните садови го достигнуваат врвот. Кога оргазмот ќе се случи телото рефлектира топлина и задоволство. Вагиналните ѕидови се стегаат ритмично за неколку секунди и напнатоста се ослободува. Бројот и колку често се случуваат контракции варира. Жените се способни да имаат многубројни оргазми, но некои не осознаваат, дека можат да продолжат со задоволувањето, односно да уживаат еден по друг различни оргазми, клиторисен, вагинален, ејакулационен, анален, маточен и сл. Затоа мастурбацијата е многу важна за да се спознае женскиот спектар на оргазми. Таа суштинска разлика меѓу машки и женски реакции и оргазми може да создаде реални проблеми во едно партнерство.
Kолку сексуалните помагала се корисни во поимањето на сопствената сексуалност?
Сексуалните помагала играат важна улога во поимањето на нашата сексуалност, вибраторите и другите секс играчки стануваат задолжителни, зашто лицето на сексуалната култура се менува. Има толку многу играчки од кои секој може да избере приспособени за сопствените потреби. Тие ни помагаат за нови и нови откривања, на нашата телесна географска карта. Ни користат за лоцирање на ерогените зони, за нивно продлабочување и безброј уживања. Сексуалните помагала ни отвараат нови хоризонти, ни ја зачинуваат мастурбацијата и сексот со партнерот, ја убиваат монотонијата и рутината и внесуваат разнообразие. Историјата на вештачки пениси е повеќе од 3.000 години, така да, ако си купите еден нема да бидете единствени. Стануваме сè поотворени да користиме играчки во сексуалната игра вибратори, клиторисни стимулатори, јапонски и анални топчиња, кои не се само за жени. Има и многу уреди за мажи од анални топчиња до прстени за пенис, мастурбатори, пумпи и вибратори. Комбинација од повеќе играчки ни овозможува – стимулација на неколку точки одеднаш. Многу мажи се чувствуваат критикувани и нецелосни љубовници ако партнерката им купи вибратор. Но има и случаеви каде жената почнува да ја преиспитува сексуалноста на партнерот, ако тој одеднаш почне да користи анални топчиња. Секс играчките се неверојатни, кога се вклучени во сексуалната игра! Тие не се наши конкуренти или непријатели, тие се само наши помошници.
Дел сте од кампањата „Другите“ што ја работиме во соработка со фондацијата „Фридрих Еберт“, која има цел да ја подигне свеста за прифаќање на различностите и отфрлање на секаков вид дискриминација. Дали вие сте биле жртва на дискриминација по било каква основа?
Ако била дискретна или индиректна тогаш да. Лично јас не се чуствувам како жртва на дискриминација, по било каква основа. За секоја дискриминација сметам дека тоа е внатрешно чувство, чувство на сопствената вредност, на некој начин илузија, одраз на сопственото огледало, неприфаќање на самите себе. Нели секогаш некој друг ни е виновен државата, партнерот, шефот, соседот, родителот. Кога „другите“ посочуваат со показалецот кон нас, останатите три прста посочуваат кон нив. Другите сме самите НИЕ. Во контекстот ќе спомнам една англиска поговорка: „Кога Сали зборува за Сузи, повеќе кажува за Сали отколку за Сузи“. Тибетските мудреци учат дека што и да правиме и што и да не правиме на 30% од луѓето ќе им се допаѓаме, на 30% нема, а на 40% ќе им бидеме безлични.