Ултрамаратонката Катерина Шиповиќ е првата македонска атлетичарка која истрча 246 километри од Атина до Спарта на Спартатлон во Грција во 2022 година, една од најтешките ултрамаратонски трки во светот. Шиповиќ, која е и државна рекордерка, ја истрча трката за 34 часа, 36 минути и 12 секунди и заврши на 96-тото место од околу 380 учесници. Таа минатата година постави и нов национален рекорд во трчање на 24 часа, откако беше апсолутна победничка на трката на себенадминувањето „Шри Чинмој“ во Белград. Таа истрча дистанца од 211,059 километри за период од 24 часа и го собори рекордот од 2019 година, кој исто така го постави таа. Затоа што таа е вистинска инспирација и мотивација, со неа поразговаравме околу тоа што значи да се биде ултрамаратонка, интензивните тренинзи, но и инспирацијата и волјата да се биде сè поуспешен и подобар во следните трки.
Ја имате истрчано една од најтешките ултрамаратонски трки во светот, Спартатлон во Грција. Со оглед на тоа што атлетиката бара голема посветеност и дисциплини, како се подготвувавте за овој ултрамаратон и што ви значеше учеството и успехот?
Прво, кога се видов на листата на примени учесници бев пресреќна. Од моментот кога почнав да трчам ултрамаратонски дистанци знам за оваа трка. Таа е на листата на најпознатите и најпрестижните ултрамаратонски трки во светот и бев далеку од рамнодушна на моето учество на неа. Дури до степен на резервираност, бидејќи не ми се веруваше дека навистина ќе стартувам. Од друга страна, веднаш почнав со подготовки. Оваа трка во тој момент беше еден од најважните настани од почетокот на моето трчање. На некој начин, остварување на еден голем сон. Со подготовки фокусирани на Спартатлон почнав пет месеци пред трката. Секако, на подготовките претходеше долго искуство во ултрамаратонски трки, но никогаш трка од овој тип со толку долга дистанца и лимит што бара сериозна подготвеност. Имав програма по која се водев, но ја надополнував со мои тренинзи и со тренинзи за сила и издржливост. Мојот тренинг-план главно се состоеше од различни брзински тренинзи на рамно и на брдо, лесни и долги тренинзи на рамно и на треил – во секакви временски услови (особено летно време во најтоплиот период) и во сите периоди од денот/ноќта. Успешното завршување на овој ултрамаратон ми докажа дека ништо не е невозможно и дека со доволна желба, решителност и, секако, посветеност можеме да си ја оствариме секоја замислена цел.
Што ви било досега најголем предизвик во атлетиката?
Секоја нова зацртана цел, конкретно ултрамаратонска трка за мене е посебен предизвик. Од моментот кога ќе дефинирам нова цел – таа ми е предизвик сè до нејзиното остварување. Спартатлон ми беше најголем предизвик, сè до неговото завршување. По успешното завршување на таа трка се здобив со поголема самодоверба во однос на моите способности и таа ми отвори нови желби и цели. Најголем предизвик ми е себенадминувањето што ме поттикнува на нови ултрамаратонски цели. Без разлика дали тоа е постигнување на поголема дистанца на трка од 24 часа, подолга трка (временски и должински) или трка со посебна тежина поради некоја нејзина специфичност.
Како се роди желбата за трчање, како одлучивте да станете атлетичарка?
Со трчање почнав рекреативно, со цел да бидам физички активна, односно да одржувам физичка форма. Кога почнав да трчам не познавав никој што се занимава со атлетика. Излегував да трчам сама и постојано си задавав подолга дистанца, различна брзина и слично. Сè повеќе уживав во трчањето, кое за многу кратко време ми стана секојдневие.
Истрајноста и фокусот, како и постојаното туркање напред се многу важни работи за успех на секое поле, а особено во спортот. Каде и како наоѓате мотивација?
Мотивација ми е себенадминувањето. Границите што јас, како поединец, и општо, ние, луѓето, сме способни да ги поместуваме, а не сме ни свесни. Мотивација црпам од многу атлети кои својот живот го посветуваат на спортот во кој се насочиле. Сега, како мајка, дополнителна мотивација добивам од моите деца, затоа што верувам дека ќе бидам нивниот прв пример за решителност, издржливост и истрајност кон остварување на своите соништа.
Дали сте се соочиле со некои непријатни моменти за време на трките?
Многу често имам проблеми со замор за време на трката, па ми се случило во движење да ми се затворат очите. На една трка, додека се искачував на едно брдо, седнав на еден камен на патеката една-две минути да одморам очи. Кога станав, изгубив чувство дека треба да продолжам да се качувам нагоре и продолжив во спротивната насока. Во спротивната насока – надолу се движев додека не сретнав неколку тркачи кои се качуваа нагоре. Ми се случило да пропуштам маркација и да ја згрешам патеката, па да треба да се враќам назад. Но, од сите непријатни ситуации стекнуваме поголемо искуство и приказни што имаме да ги прераскажуваме. 😊
А кои ви биле најинтересни?
Секогаш се интересни новите познанства со кои се стекнуваме на долгите трки. Кога со друг тркач заедно поминуваш одреден дел од некоја трка, спонтано ќе се запознаеш, па ќе почнеш да разговараш со него за најразлични теми.
Дали имате некогаш предизвици во однос на вежбањето и подготовките за трчање? Дали некогаш имате денови кога ви е тешко да најдете волја?
Пред сè, јас сум сопруга и мајка на две мали деца кои бараат максимално мое присуство. Потоа работам динамична работа со полно работно време. И кога на кантар ќе ги ставиме сите приоритетни обврски што ми ги наложува едно секојдневие, јасно е колкаво е моето време за ефективни тренинзи. Секогаш велам дека мојот волумен на тренинзи во една работна седмица ќе биде совршен кога ќе биде двојно поголем од волуменот што сум во можност да го одвојам во моментов. Предизвици за да направам квалитетен тренинг имам секојдневно, но тоа е единствен начин да продолжам да го правам тоа што вистински ме исполнува, па и на предизвиците навикнав. Односно, секојдневните предизвици ми станаа предизвик со кој се научив да се справувам. 😊