Граѓанската иницијатива „На точак“ минатиот месец испрати допис до сите општински градоначалници во Скопје, сите претседатели на Совет како и сите советници и раководители на релевантните сектори во општините. Во него разработуваат три главни цели и две дополнители за годинава, за сите општини, а со тоа и за градот Скопје. Од „На точак“ информираат дека најголем поттик за зголемената употреба на велосипеди сепак се реконструираните патеки на дел од градските булевари. И додека реконструкцијата и изградбата на велосипедските патеки по булеварите мора да продолжи, и со зголемено темпо, од друга страна мора конечно да започне воведување на велосипедски решенија (патеки, ленти или улици) и на општинските улици.
„Велосипедот добива поголема популарност како превозно средство и во Скопје. За време на корона-кризата бројот на граѓани кои користат велосипед и како превоз и како рекреација уште повеќе порасна. Тоа е потенцијал на кој треба му се посвети внимание и да му се даде уште поголем поттик. Некои од скопските општини изминатите годинии субвенционираа купување точаци, но редно време е да се инвестира и во инфраструктура по која би се возеле точаците. Ви се обраќаме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои нѐ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани, а вработените во Секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа. За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин и да се донесат соодветни одлуки“, се вели во дописот.
Од иницијативата предлагаат годинава да се работи на акција на ослободување на тротоарите од узурпацијата со возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор квалитетни, лесно достапни и пристапни за сите. Пешаците и велосипедистите се движат на улици, додека возилата ги имаат окупирано тротоарите и велосипедските патеки низ Скопје. Месецов иницијативата води активна кампања #ТротоаритеНаСкопје по социјалните мрежи, во која тие го прикажуваат секојдневното окупирање на тротоарите од непрописно паркирани возила.
Втората цел во дописот е план за пешачка и велосипедска мрежа кој ќе ги истражи можностите за спроведување на велосипедски патеки и ленти, како и велосипедски улици (улици со мешан сообраќај, но со приоритет на велосипеди). Пешачки патеки мора да има на секоја улица, дури и треба по должина да ја надминуваат должината на тротоарите и коловозите, да се појавуваат меѓу блокови итн. Пешачката мрежа мора да биде подолга од автомобилската.
А велосипедско решение доволно е да има на некои од улиците, на max 125 метри од сечиј дом, според препораките од водичите на Европската унија, т.е. да се оформи мрежа со полиња 250 x 250 метри, за да може луѓето да се ослонат на неа и да ја користат.
Третата цел е целата територија на општината (освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки) Советот да ја прогласи одеднаш за Зона 30. Овa прогласување може да се направи во координација со другите општини и Градот Скопје за да се однесува на целата територија на Град Скопје, доколку има волја од сите страни. Доколку не, општината може да покаже лидерство во овој поглед и да ги следи примерите на најпрогресивните градови: Хелсинки, градовите во Холандија, Брисел, Гренобл, Нант, Париз каде 30 km/h е нормата, а 50 km/h е исклучокот, за главните улици.
Дополнително од „На точак“ бараат паркинзи за велосипеди и поинаков начин на субвенционирање за велосипеди, на пример субвенции за купување на нов велосипед за економски и социјално загрозени групи, субвенции за поправка, комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди, субвенции за специјални велосипеди во поголема вредност од стандардните субвенции, велосипеди за лица со посебни потреби итн.