Овој викенд имав незаборавно искуство-работна посета на Битола која истовремено беше незаборавно доживување. Бев поканета од македонскиот златарски бренд „Филигран 1934“ на настан за промоција на нивната нова колекција и воедно мое прво запознавање со рачната техника на изработка на сребрен и златен накит. Битола одамна ја сметав за град кој не треба само да се посети, туку и да се доживее, а овој викенд ми го потврди тоа. Со својата архитехтонска убавина, историска тежина, културна разноликост, со естетиката која е одлика на сите битолчани и битолчанки, таа остава впечаток на град што не е само локација, туку чувство со кое си заминуваш. Пред да се запознаам со моите пријатели од „Филигран 1934“ знаев дека се бренд со долга традиција и искуство. Веќе ми беше јасно дека се професионалци, затоа што соработуваат со нашата најголема музичка ѕвезда Каролина Гочева, која е препознатлива по своите беспрекорни, професионални избори. За почеток би сакала да ја нaгласам важноста на златарството и рачната изработка за создавање на трајни вредности и автентичност.
Златарството во Македонија има длабоки корени и претставува значаен дел од културното наследство. Особено филигранската уметност, со својата сложена техника на испреплетување на сребрени и златни нишки, отсекогаш била симбол на умешност и прецизност. Тоа не е само занает, туку живо сведоштво за историскиот континуитет и за способноста на локалните мајстори да создадат производи со трајна вредност. Но, надвор од културното и економското значење, останува и прашањето на убавината. Рачно изработениот накит има естетика која не може да се постигне со машинско производство – во секој детал се гледа потписот на мајсторот. Нерамномерностите се претвораат во карактер, а прецизноста во доказ за труд и посветеност. Таквите творби не се само украси, туку лични предмети со кои човек се поврзува, токму затоа што носат човечка рака, време и внимание зад себе.
Самиот настан се одржа во вилата „Де Ниро“ во Цапари – објект со карактеристична архитектура и соодветен капацитет, кој се покажа како совршен избор за ексклузивното претставување. Настанот беше со интимен карактер, посетен од мал број претставници на јавниот живот на Битола, кои во подножјето на Пелистер уживаа во внимателно одбрана селекција на вина и современ фајн-дајнинг искуство, сервирано во форма на коктел. Атмосферата ја збогатија живата изведба на македонски класични музичари и топлото добредојде од бренд-амбасадорката Каролина Гочева и младиот, талентиран дизајнер Марко Костовски. Кулминацијата на вечерта беше откривањето на трите комплета накит од новата колекција, кои ја отелотворија филозофијата на брендот. Најголем впечаток ми остави вниманието што претставниците на брендот го посветија на секој посетител и желбата да се раскаже приказната што стои позади секој нивен производ.
Во разговор со дизајнерот Марко Костовски, кој заврши со ветување за поголемо интервју за „Портрет“, тој ми ја долови својата инспирација:
„Feel the Difference – со самото име сакаме да ја истакнеме иновативноста, уникатноста и посебноста на продуктите кои со години се создаваат во Филигран 1934. ‘Feel the Difference’ е колекција составена од девет единствени, рачно изработени парчиња накит, споени во три комплети. Формата на баклава, која во Битола ја знаеме како ‘каро’, ја преточивме во инспирација за создавање на оваа колекција, заедно со Каролина. При изработката користевме 14-каратно жолто и 14-каратно бело злато. На колекцијата работевме повеќе од една година, применувајќи современи методи и алатки, но и многу љубов – секој детаљ е рачно изведен за да се добие врвен квалитет. Бидејќи само ракотворбата ја носи вистинската вредност на секој продукт.“
Во време кога глобалното производство често ја засенува автентичноста, вакви настани нè потсетуваат дека Македонија има капацитет да создава врвни производи кои стојат рамо до рамо со светските стандарди. Кога ќе видиш компанија што внимава на секој детаљ – од идеја, преку изработка, па сè до презентација – станува јасно дека квалитетот не е случајност, туку резултат на посветеност, знаење и љубов кон занаетот. Затоа македонското производство не треба само да го негуваме, туку и гордо да го истакнуваме како доказ дека овде, дома, постојат луѓе и компании кои создаваат вредност.
Благодарна сум што бев дел од еден ваков настан, кој не само што промовира накит, туку и ја слави традицијата, иновацијата и вербата дека најдоброто може да се создава токму тука – во Македонија.