Во услови кога луѓето што живеат во рурални средини имаат ограничени услуги за гинеколошко здравје, можат да се обратат до ХЕРА која извесно време нуди гинеколошки услуги преку мобилна амбуланта.
„Ако живеете во рурална средина и имате ограничени услуги за сексуално и репродуктивно здравје или во место каде што воопшто немате пристап до вакви услуги, знајте дека постои Мобилната гинеколошка амбуланта на ХЕРА! Сите гинеколошки услуги се бесплатни и доверливи! Со други зборови, не мора да имате лична идентификација или здравствено осигурување за да се прегледате. Обратете ни се доколку имате потреба од ПАП тест, ЕХО преглед, мануелен преглед на карлица, мануелен преглед на гради, консултации и советување со гинеколог. Амбулантата е отворена и доколку сакате да добиете бесплатна орална контрацепција, терапија за сексуално преносливи инфекции, кондоми или аплицирање на спирала“, објавија од ХЕРА.
Прегледите ги извршува доктор-гинеколог заедно со акушерка, во согласност со протоколите за нудење услуги во мобилната гинеколошка амбуланта и за прием и нудење услуги во време на пандемија. Сите заштитни материјали се обезбедени од ХЕРА. Доколку сакате да дојдат во вашето место на живеење или да дознаете повеќе за овој сервис, контактирајте ги на kristina.mihajlovska@hera.org.mk или (02) 329 0395.