Британскиот тинејџер Ноа Метјус Матофски се впишува во историјата како првиот актер со Даунов синдром кој доби главна улога во игран филм на „Дизни“. Ноа, од Западен Сасекс, го глуми Слајтли, водачот на „Изгубените момчиња“ во римејкот од познатиот цртан, во кој се појавува и Џуд Ло како капетан Хук.
За медиумот „Сан“ Ноа кажал дека еден од омилените денови во текот на снимањето му бил кога Џуд Ло ангажирал да се донесе камион за сладолед на сет и самиот им служел сладолед на сите деца. Ноа уживал во снимањето на филмот и особено му се допаднал незгодниот трик на кој се гледа како пиратски брод се превртува.
Актерот изјавил дека се надева дека ќе може да студира драма и дека сака да биде пример за останатите луѓе со Даунов Синдром кои ќе сакаат да глумат. Тој вели дека состојбата не треба да биде пречка за никој и дека секогаш треба да се осмелат луѓето да сонуваат големи работи.
Филмската улога на Ноа доаѓа само еден месец откако Џејмс Мартин стана првиот актер со Даунов синдром кој глумеше во филмот „Ирско збогум“, награден со Оскар.
Премиерата на римејкот на класичниот роман на Џеј Ем Бари, предвидена е за 28 април, каде актерот Александар Молони го толкува Петар Пан, а Евер Андерсон, ќерката на Мила Јововиќ, е во улогата на Венди.