Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот.
Во поставката „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ќе бидат изложени дела на интернационални и македонски автори: Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот ЈоХа.
Куратори на изложбата се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.
Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики, како евиденција за војните денес и наедно ја степенува важноста на истражувањето и поврзаноста меѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти, кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на разбирањето на одредени случаи во подрачјата со воени конфликти, воедно приложувајќи евиденција, a делата претставуваат и повик за праведност.
„Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор, посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашите дејствувања. Покрај уништувањата што ги предизвикува војната, дејствува и преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Пред сѐ, преку технологиите кои ги посредуваат начините на кои го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот. Гледајќи ги конфликтите како енормна количина податоци, кои циркулираат онлајн со значителна брзина, тие ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и воените конфликти, претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести“, велат кураторите. Оттаму, „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ja воочува естетиката како основна на феноменот на војната.
Лоренс Абу Хамдан е независен истражувач во полето на звукот. Неговите истражувања се сосредоточени на звукот и говорот, користејќи ги, како докази во Трибуналот во Велика Британија за азил и имиграција. Исто така, неговите дела се застапувани од организации како што се: „Amnesty International“ и „Defence for Children International“. Абу Хамдан има докторирано во 2017 година на Универзитетот „Голдсмит“ во Лондон и добитник е на наградата „Тарнер“ во 2019 година заедно со неколку уметници, истата година.
„Бејрут урбан лаб“ е интердисциплинарна група со седиште на Американскиот универзитет во Бејрут. Оваа група се занимава со истражувања, кои се однесуваат на урбанизацијата, со цел документирање и разбирање на процесите на трансформациите во Бејрут, Либан, поширокиот регион, како и градовите воопшто. Посветени на визуелните пристапи и методологии, Beirut Urban Lab имаат создадено географски бази податоци, интерактивни платформи и повеќекратни мапирања на урбани системи во текот на изминатите години, со крајна цел, замислување алтернативни модели на просторно закрепнување и обновување.
„Центарот за просторни технологии“ е интердисциплинарен истражувачки колектив од Киев, специјализиран во правење просторни анализи, визуализирања и моделирања. Нивните практики вклучуваат документирање и анализирање бројни случаи на насилства во Украина денес.
Колективот „Форензичка архитектура“ е истражувачка група со седиште во Лондон, основана во 2010 година. Преку користење архитектонски модели, уметнички цртежи и анимации, тие воспоставуваат нови форми на истражување, поврзани со човековите права. Нивната работа е користена како доказен материјал во меѓународните судови, и исто така е преставена во најреномираните уметнички институции низ светот.
Кумјана Новакова е филмска режисерка и кураторка, и предава аудиовизуелни методологии. Новакова е една од основачите и главна кураторка на „Право-људски фестивал“. Преку нејзината работа ги истражува темите поврзани со моќта, војната, сеќавањата и отпорот. Новакова живее помеѓу Сараево и Скопје.
„ЈоХа (Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд)“ е уметнички колектив од Англија. Првенствено работаат на начините преку кои технологиите на базите на податоци создаваат различни видови општествени услови. За овој проект, како и за некои други, „ЈоХа“ соработува со Метју Фулер, ко-куратор на оваа изложба. Метју Фулер е професор по Kултурни студии на „Голдсмитс“, Универзитетот во Лондон. Како теоретичар на културата, неговата истржувачката работа е во сферата на уметноста, науката, политиката и естетиката.
Графичкиот дизајн за изложбата е на Денис Сарагиновски, а изложбениот дизајн го подготви Јован Ивановски.