Неодамна во Македонскиот народен театар се одржа премиерата на претставата „Марта Верина“, напишана од Драгана Лукан Николоски и режирана од Нина Николиќ. Приказната за Марта Верина отвори многу прашања за стигматизацијата во општеството, ја поттикна публиката да размислува за своите избори, за своите ставови за предрасудите и за својата среќа. За среќата како избор, но и за многу теми поврзани со оваа претстава разговараме со Драгана Лукан Николски.
Како настана идејата за „Марта Верина“ и што ве инспирираше да ја напишете оваа приказна?
Пред седум години, на едно патување во Италија, се разбудив порано од вообичаено и првата мисла што ми пролета низ главата беше: „Марта беше предодредена да биде среќна“ и толку. Не знаев која е таа Марта и зошто цел ден не можев да престанам да мислам на таа реченица. По неколку дена се најдов дека се обидувам да ја вклопам во некаков контекст, пред сè како некаква проза, можеби расказ, па дури и роман. Затоа што реченицата звучи како прозна конструкција. Сите тие обиди дадоа резултат, па решив дека можеби треба да се занимавам со тоа што суштински значи да се биде среќен? Што е среќата и, на крајот, која е таа Марта која е предодредена да биде среќна? Почнав да се прашувам за тоа дали среќата зависи од самите нас или тоа е работа на судбината. Оваа драма по седум години дава одговор на овие значајни прашања за секој човек. Ние, тука на Балканот, многу често знаеме да се себеоправдуваме за нашите погрешни одлуки со судбината, ја користиме како магичен конструкт што може да нè заштити од одговорноста на сопствените одлуки. Оваа драма сака да каже дека дури и тогаш кога „судбината“ ќе ти сервира невозможни сценарија, ако пораснеш над стравот од тоа „што ќе речат другите“ можеш да избереш да бидеш среќен, затоа што среќата, пред сè, е работа на избор.
Со какви предизвици се соочивте додека ја пишувавте драмата? Дали имаше нешто посебно што ви беше најтешко?
„Марта Верина“ првично беше напишана како сценарио за игран филм. Кога ќе напишам нешто, односно кога ќе имам затворена прва верзија, сакам да ги поканам моите пријатели актери за да го прочитаат тоа што го имам напишано. Тоа е нешто како прв тест, да слушнеш како звучи тоа што си го напишал кога го чита некој друг. Кога се случи тоа читање на сценариото, можеби сите заедно дојдовме до тоа дека оваа приказна е многу податна за да стане драма, бидејќи театарот има друга магија за разлика од филмот и на современиот театар му се неопходно потребни современи драми што зборуваат на јазикот на публиката и го проблематизираат секојдневието на „обичниот“ човек. Најверојатно најтешко ми беше да најдам начин како, од позиција на автор, да бидам на страната на секој од карактерите. Очекувам дека публиката ќе има поделени мислења, втемелени на сопствените морални гледишта, па дури и од позицијата на тоа во која улога некогаш се нашле или би можеле да се најдат. Но, навистина имам разбирање за секој од овие ликови и за неговото однесување. Затоа што тие не знаат поинаку, исто како и луѓето во реалниот живот.
Драмата обработува значајни теми како љубовен триаголник, двоен морал и општествени предрасуди. Што сакате да разбере или да почувствува публиката низ овие теми?
Оваа драма нема никаква амбиција да им „попува“ на луѓето. Но, сака да прикаже дека, за жал, живееме во време во кое искрените пријателства се реткост, двојниот морал е нешто што веќе не е инцидент, туку секојдневна практика. Нарцисоидната позиција на учесниците во општествениот живот е подигната на ново ниво, па веќе не зборуваме за карактери, туку за психијатриски дијагнози. Ова е драма низ која публиката треба да види какви последици остава однесувањето на поединецот на сите околу него. Не сме сами на овој свет и сè што ќе направиме може и ќе се одрази на тие што ги сакаме и што нè сакаат, во некој момент. Поетската правда може да чека и петнаесет години, ама на крајот ќе ја исполни својата задача и ќе ги израмни сметките, затоа што енергијата во вселената циркулира на одреден начин и создава заплети од кои не можеме да избегаме, но затоа може да избереме како ќе ги доживееме.
Марта е лик кој се соочува со стереотипи и предрасуди. Дали верувате дека ова е чест проблем за жените во нашето општество и како драмата ги адресира тие предизвици?
Живееме во патријархално општество во кое жената постојано се соочува со стереотипи и предрасуди. Страшната работа е тоа што мажите не се тие што го наметнуваат тоа, туку напротив, најголемите поборници на патријархатот на Балканот се жените, кои раѓаат и одгледуваат мажи кои не ни сметаат дека нешто грешат во својот однос кон жените. Дури постои и израз „балканска мајка“, која најчесто за дете го смета само машкото дете, додека девојчето во тие семејства е како неминовна грешка и „судбина“ во негативната конотација на тој збор.
Како ги доживувате изборите што ги прават жените во драмата? Дали има некоја централна порака за правото на избор?
Ова не е класичен феминистички текст, туку текст што зборува за она што, според мене, е највисокиот степен на феминистичко поимање, да се почитува изборот на секоја жена, без разлика на тоа за каков избор станува збор. Кога воопшто ќе се спомене терминот „право на избор“, тој некако почна да го подразбира само правото на абортус, а тоа не е така. Не дека оваа драма не зборува и за тоа право на избор, но зборува и за правото на избор да се роди дете, кое е еднакво важно како она првото. Моето лично мислење е дека и изборот да се остане дома, да се раѓаат деца и да се биде домаќинка е еднакво феминистички избор како и да се биде директорка на банка или професионална боксерка. Да се раѓаат деца, да се има семејство, да се остане со мажот кој изневерува и да се остави мажот кој веќе не го сакаш, без ниту една друга причина, да не се раѓаат деца, да не се избере бракот како опција, сè тоа се феминистички избори за кои никој нема право да осуди некој друг. Марта Верина има врска со Вања, кој е петнаесет години помлад од неа, свесна сум дека кај голем дел од публиката тоа ќе биде скандалозна идеја, додека кога таквиот однос е обратен, односно мажот е тој што е петнаесет години постар, тоа е сосема нормална работа, па дури и се поздравува како некаков негов голем успех.
Што значи за вас тоа што драмата премиерно се изведува во Македонскиот народен театар? Какво е чувството да видите како вашето дело оживува на сцената?
За секоја драма е многу важно тоа да биде поставена на сцената. Драмата не е и не треба да се чита како литература. Таа е предлошка за претстава и за неа постојат поинакви правила од правилата што важат за литературата. За секој драмски писател е исклучително важно да го помине процесот на поставување на една драма и ако е доволно самосвесен да научи многу од сопствените грешки, кои во процесот на работа можат да се поправат, ако си доволно голем за да можеш да ја раздвоиш својата писателска од својата човечка личност. Кога се поставува една драма во Националната театарска куќа, тоа е значајна работа за кој било автор. Секако дека ми претставува чест и задоволство што оваа претстава ќе игра во театарот во кој и самата се „заразив“