За секоја нова година искрено се надеваме дека ќе биде подобра, поубава и поуспешна од претходната. Тоа си го посакуваме за нас, им го посакуваме на нашите најблиски, го посакуваме на целиот свет. За најубавиот период од годината, за сите топли семејни мигови, кои ќе останат најубави детски спомени, заедно со нашите соработници Rosa, разговараме со Марија Старделова @marijamarijamarija сертифициран нутриционист и блогер за здрава храна и вкусни балансирани оброци.
Вашата пасија за здрави животни навики ја преточивте во блог за здрави рецепти, фитнес вежби и на тој начин помагате на голем број следбеници да го најдат балансот во својот живот. Кога се роди желбата за ваков вид на блог и кои беа вашите очекувања?
Ова е всушност многу интересна околност. Но ајде да се обидам накусо. Мојата вечна пасија отсекогаш биле и сѐ уште се патувањата. Храната некако ми била на второ место. Но иако отсекогаш сум готвела, во пандемијата почнав многу повеќе да готвам, да фотографирам а и да јадам. Набргу по карантинот го скршив и коленото и морав да лежам уште дополнителни два месеци што беше многу неповолно за мојата фигура. И тоа беше “пресвртна” точка за мојата преобразба. Комплетно го сменив мојот лајфстајл и нормално, резултатот беше неверојатен. Потоа се роди желбата да го продлабочам моето знаење околу исхраната, па завршив две сертификации за нутриционизам (од јануари почнувам и трета). Сајтот го почнав првенствено со намера да имам едно место кадешто ќе бидат подредени сите рецепти што ги креирам. А по сертификацијата почнав да креирам и програми за исхрана и да работам со клиенти. Очекувања немав, имам замисла и желба што сакав да ја реализирам. Сега за сега сум задоволна, но постојано работам и создавам нови нешта. Сега подготвив и водич за исхрана на бебиња со 21 дневно мени, како и 30 дневен предизвик за растителна исхрана којшто вклучува појадоци, ручеци и десерти/ужини за 30 дена целосно базирани на растителна храна. Двата прирачници се достапни за продажба на мојата веб страна.
Неодамна се остваривте како мајка и тоа ви донесе целосно ново секојдневие. Како се организирате и успевате ли да ги запазите вашите цели и обврски?
Со оваа нова улога се променија и дел од целите, како и рутините и обемот на обврските.Моите претходни рутини пробувам колку што можам да ги инкорпорирам во новото секојдневие и колку можам да балансирам помеѓу сопствените, и потребите и благосостојбата на мојот 8 месечен син Каи. Инаку, како и до сега, за мене клучно е доброто планирање и менаџирање со времето. Планери имам неколку и максимално гикористам. Секоја недела ги запишувам целите и обврските за следната недела. Правам план за исхрана и пазарење, и ги издвојувам најважните работи што треба да ги реализирам во текот на неделата. Од старите рутини, во моментов за жал најмногу трпи сонот, но тоа не е во моја контрола. Сепак, она што, како и претходно, така и сега, многу ми помага е медитацијата. Исто така, ако претходно вежбав неколку дисциплини, седум дена во неделата, некои денови и по 120 минути, сега тоа се сведе на едвај 40тина минути 4-5 пати во неделата. Но, не се откажувам и верувам дека за брзо време ќе се вратам во форма.
Кој е најголем бенефит од здрави животни навики и како да се пронајде мотив за нивно имплементирање во нашето секојдневие?
Би сакала да одвојам еден најголем бенефит, но бенефити има многу: повеќе енергија,подобар сон, поголема виталност, почиста и поеластична кожа, подобро здравје на долг рок, подобро расположение и благосостојба, и со тоа и подобри односи со најблиските. И тоа е тоа што треба да е мотив. Секој од нас се мотивира на различен начин и го “тригираат” различни нешта, но мислам дека општата благосостојба и доброто физичко и ментално здравје треба да биде најголем мотив и поттик да практикуваме здрави животни навики. А како да ги имплементираме: постепено. Некој rule of thumb е да се воведува по една “поздрава навика” неделно. На пример, купете стаклено шише од литро или термос и наполнете го со вода. Носете го секаде со себе за да бидете сигурни дека сте доволно хидрирани. Кога пазарите, трудете се помалку да купувате процесирана храна. Ако нема дома, нема да ја јадете. Наместо со возило, пешачете до работа. Колку и да е навидум мала и незначајна промената, доколку е конзистентна, ќе покаже резултати на долг рок.
Новогодишните празниците се идеална можност за нов почеток па која е вашата порака за сите што сакаат да се поздрави во следната година?
Ако мене ме прашувате, секој нов ден е нова шанса и можност за нов почеток. Не треба да чекаме да поминат празниците за да се “ресетираме”. За жал бројчаникот не се ресетира, туку продолжува да врти, и затоа најдобро време за промена е веднаш. Празниците најчесто се поврзуваат со многу храна и честопати и прејадување, па јас би го порачала следново: овие празници дадете приоритет на одморот (верувам на сите ви е потребен) и на семејството. Бидете повеќе присутни за себе и за нив. Поставете си помали, реални и остварливи цели и правете константни (дури и мали) чекори за да ги реализирате. Останете доследни и не се откажувајте. Додадете повеќе свеж зеленчук и овошје во оброците и движете го телото, макар и обични прошетки. Доколку ви требаат повеќе насоки и помош околу што било во животот, побарајте.
Семејството е столб на секој животен баланс, основа на здрави навики уште од раното детство. Кои семејни ритуали ги практикувате за здрав, балансиран живот?
Навиките, и добри и лоши, доаѓаат од дома. Ние дома сите се трудиме да имаме добар животен баланс и здрави навики. Многу ни помага тоа што веќе 13,5 години ја имаме Нора, и со куче шетањето 3 пати во денот е апсолутно задолжително. Од ритуали што јас ги применувам а ми помагаат во подобар живот се медитацијата, здравата храна, физичката активност, свеж воздух и прошетки во природа, квалитетно време со семејството (што сега има една сосем нова димензија). Инаку Каи има 8 месеци и веќе 1,5 месец јаде цврста храна, речиси идентична со нашата (нормално, соодветно послужена за неговата возраст). Мојата мисија е да му ги пренесам овие мои ритуали, да готвиме и јадеме заедно убава и квалитетна храна, да вежбаме и да поминуваме колку можеме повеќе време во природа (во нашиот случај најмногу покрај езеро и море).
На што ве асоцираат новогодишните празници и како најчесто ги поминувате?
Новогодишните празници генерално поттикнуваат чувства на еуфорија и анксиозност. Некако се наметнува притисокот дека мора да се заврши сѐ што не се реализирало во текот на целата година. И тој тренд мислам дека наметнува многу повеќе стрес отколку уживање во овој период. За среќа, ова не е случај кај мене. За мене, новогодишниот период е најмагичниот и најубавиот период. Украсувањето ми причинива неверојатна радост и буквално едвај чекам да украсам дома. Вообичаено секоја година посетуваме некој европски град околу Божиќ, но годинава го рипнавме тој семеен ритуал. Инаку генерално празниците се за семејството и пријателите, и тоа не би го менувала за ништо. Искрено се надевам дека ќе успеам да му ја пренесам магијата и радоста што ја чувствувам за време на новогодишните празници и на Каи, и дека и тој еден ден со ист ентузијазам ќе се радува на овој период од годината.