Емилија Трајковска е студентка на катедрата за Историја на уметноста. Нејзината приказна со фотографирање почнала уште кога била дете со апаратот на татко ѝ Зенит ЕТ, а пред некое време започнала поинтензивно нејзината фотографија да ја споделува и јавно. На нејзиниот Инстаграм профил споделува фотографии од секојдневието, портрети и црно-бели фотографии, а особено е фокусирана на детали и игра на светлината.
За фотографирање се заинтересирав…
На летен одмор во кампот Ливадишта, на мои пет-шест години ја направив мојата прва фотка. Ја добив последната поза од филмот кој го користевме тогаш, благодарение на мајка ми. На фотографијата се мајка ми и сестра ми во кампот и за жал со половина лице во кадарот хахах. Сум пораснала со константно присуство на филмови и цртани филмови, иако фотографијата е нешто помеѓу, сепак им е сродна. Првиот апарат кој што го користев го добив од татко ми, Зенит ЕТ, одлична руска направа која татко ми одлично ја зачувал и негувал. Тоа беше некаков вовед на Ема во светот на фотографијата.
Кога бев четврто одделение учествував на работилница за Фото Техника каде воглавно го изучував процесот на создавање и добивање аналогна фотографија и тогаш за прв пат развив филм, како и моите први фотографии. Со текот на годините постојано живееше таа желба во мене и скромно ја развивав.
Автопортрет на Емилија Трајковска
Инспирација добивам од…
Мислам дека немам конкретен одговор на ова прашаање. Инспирацијата е многу флуидно и неконкретно сетило кај луѓето. Сите се во постојана трка по инспирација, а јас се чувствувам понекогаш како таа да ме брка мене. Воглавно семиотички се фокусирам на детали кои сакам да дојдат до израз и да ги оживеам. Студирам историја на уметност, па многу често знам да најдам убавина во деталите/фрагментите и тоа некако природно ми доаѓа, за разлика од другите на кои пример една обична керамика им е само тоа, обична керамика. Сметам дека сè има своја убавина и во секое едно нешто може да се најде, ако доволно трагаме по неа. Summa summarum сè се сведувана на спонтаност.
Фотографијата има моќ да…
Да го зграпчи моментот, а воедно и да те оттргне од него. Да те зашемети и маѓепса. Да те натера да размислиш и мечтаеш. Да те однесе во некој друг свет и да ти прикаже невидена убавина. Да те изиритира и да те навреди. Да те разнежни и да те охрабри. Да те фрли во носталгична бездна, а потоа да ти подари крилја за да летнеш кон височините. Фотографијата има моќ да ти направи да го пронајдеш тоа што во моментот го бараш, кон кое тежнееш или она што најмногу ти недостасува.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа…
Па ги има многу, но ете во моментов би ги издвоила Венко Шереметкоски, Светислав Подлешанов, Никола Јовановиќ, Eлена Василевска, Зденко Петровски, а особено им се восхитувам на членовите од Зрно Фестивал.
Delfina Carmona, Cho Gi-Seok, Nanda Moira Hagenaars, Damon Baker, Leo Berne, Paolo Emanuele Barretta, Kseniya Vashchenko, Jerome Hoffmeister.
Сакам моите фотографии да предизвикаат/ да покажат…
Да предизвикаат будење кај гледачот. Пребрзо живееме. Застани, земи здив и погледни околу тебе. Помисли на сегашниот момент и биди среќен (или тажен) во истиот. Никогаш повторно нема да бидеш во овој момент.
Сакам да покажат ведрина, палета на бои кои би сакала да ги носи некој во својата чанта и кога ќе ја отвори да произлези еден магичен и носталгичен свет. Од друга страна, сакам да се интимни, скромно провокативни, а понекогаш само едноставни. Сакам да прикажат сè и ништо. Зависи од периодот (читај моментот) и расположението, предизвикот и моменталната цел за достиг. Чувствувам променливост за тоа што би сакала да прикажам.
Најмногу сакам да фотографирам…
Немам конкретна определба и сè уште не се имам целосно врамено, експрериментирам и се истражувам себеси. И жива и мртва природа. Сакам да фотографирам архитектура и обожавам игра со светлина. Ја сакам и црно-белата фотографија бидејќи со себе носи посебен шмек и истакнува нешто кое не може да се долови со боја. Го сакам портретот и како може да изгледа една портретна фотографија, а и тежината која ја носи и што таа треба да поседува и да испрезентира. Особено го обожувам футуристичкиот стил поврзан со портретот и авангардниот стил.
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на младите фотографи…
И да и не. Доколку си опкружен со „вистинскиот круг“ и доволно си опуштен да се отвориш во социјалниот свет, тогаш тој можеби ќе ти излези во пресрет. Се разбира дека е пристапен и нуди опции. Како платформа за промовирање се добар почеток, но многу брзо знае да те впие во масата и да се изгубиш.
Повеќе го почитувам класичниот начин на промовирање на уметници преку изложби, бидејќи во нив има живот, амбиент, блискост, конекција и душа. Добивам чувство дека сепак не сме оттуѓени.
Проект/фотограф со кој би сакала да работам е…
Дефинитивно со Cho Gi-Seok и Nanda Moira Hagenaars. А од македонските уметници би сакала со Душан Стефановски.
Искуството досега ме научи…
Сè доаѓа во свое време. Сè се може ако доволно се сака и сè е изводливо колку и да не изгледа така. Постојан труд, предизвици и скокање надвор од комфор зоната знаат да го разбудат внатрешниот креативен дух. Стравот и паниката се нешта кои „не треба“ да постојат во светот на уметноста.
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно…
Да не поставува креативни граници, да му даде предност на слободниот ум. Природата дава, природата зема. Да ја пронајде техниката во која најдобро ќе знае да се изрази. Да знае што сака да пренеси и храбро да цели кон тоа. Желбата за израз доаѓа природно и така треба да се одвива. Не го почитувам форсирањето во уметноста бидејќи е бесцелно.
Нешто на кое се радувам во иднина е…
Соработка со Скала Магазин, првиот фанзин на Пондер и неколку изложби. Нови предизвици и искуства. Би сакала во иднина да отворам мини домашна работилница за аналогна фотографија 🙂