Фотографот Боз Гаговски прави фотографии од внатрешен дизајн на домови и куќи и работи за британски и светски списанија за ентериер како „Хаус & гарден“, „Кантри лајф“, „Инглиш хоум“… Професионален фотограф е веќе седум години, живее во Лондон и за него фотографирањето претставува рутина преку која гледа, набљудува и одбира аспект за кој се надева дека доловува интересна визуелна приказна.
„Понекогаш овој процес мора да се случува многу брзо, дури и да биде стресен момент, а сепак успевам да уживам во сето тоа. По моето преселување во Лондон си дадов слобода да пробам да запливам во нови води и мојата стара страст кон фотографијата да прерасне во кариера. Ги завршив додипломските студии од областа маркетинг на Универзитетот во Скопје, а исто така завршив и мастер-студии во Велика Британија. Самоук сум и многу научив од асистирање на фотографи од различни области. Архитектура и внатрешно уредување ме привлекуваа уште од многу рана возраст. Често ја преуредував мојата детска соба и секогаш имав идеи за нови креативни зафати. Фотографирање ентериери како момент во моето професионално искуство се должи како последица на тоа што бев среќен да запознам пријатели на кои уредувањето простор им е опсесија. Мојата младешка страст за ентериери и преуредување веројатно помогна да бидам успешен во градење релација со нив“, вели Гаговски.
За своите фотографии црпи инспирација од места што пленат со својот карактер.
„Исто така, сакам и стари фотографии што се направени уште во времето кога требаше да имаме резервен филм, за да направиме некоја фотографија повеќе. Повеќето од моите ангажмани се наменски, така што мојот удел во целиот тој процес е да создадам рамка на интересни композиции и да успеам да ’украдам‘ убава светлина и атмосфера. Фотографирањето ентериери навидум изгледа навистина едноставно, бидејќи предметите или мебелот што се фотографираат се неподвижни и најчесто не се жалат колку и да се обидуваш да ги фотографираш, но несомнено е важно да се има искусно око за да се избере добра композиција и да се истакне одредена хармонија во една фотографија. Понекогаш тоа значи дека треба да се поместуваат предмети во одредени позиции, за да се направи успешна фотографија и умешно да се ’излаже‘ објективот. Кога фотографирам, најпрвин одлучувам за добар агол и идеална перспектива. Најчесто избегнувам широка перспектива и одбирам помали сегменти од просторијата со цел да пренесам поинтимна визуелна порака. Исто така, од клучно значење е светлината. Претпочитам фотографии што отсликуваат реална атмосфера на локацијата, па затоа најчесто користам природна светлина и минимално уредување на фотографиите. За мене, природната светлина во сите различни форми е најубава и едноставно незаменлива. Потребно е само правилно да се искористи и да се вреднува. Затоа не мора да се користи скапа опрема за осветлување или да се поминуваат часови во уредување на фотографиите со некои идеални софтверски алатки. Најчесто, сонцето и нашите очи се најсофистицираните алатки што можеш да ги имаш“, објаснува фотографот.
За Лондон вели дека го сака затоа што е многу динамичен и космополитски.
„Тоа е место каде што ќе сретнеш искусни професионалци, полни со страст и креативност, и имаш можност да работиш со нив. Среќен сум што имам можност преку мојата работа да посетувам инспиративни места и да се воодушевувам на извонреден дизајн“, завршува Гаговски.