„Пекара Љупче“отсекогаш била локална работа. Како и за другите кои растеле под паркот Ташмајдан, во близина на Ботаничката градина и Рударско-геолошкиот факултет на Универзитетот во Белград, оваа занаетчиска пекарница на улица Далматинска бр. 14, а особено бурек кој излегува од неа, за мене значеа категорија што се подразбира.
Меѓутоа, она што се подразбира, често не го гледаме како нешто којзнае колку важно. А важно е. Како деца не бевме свесни дека чекајќи во редот пред Љупче, всушност чекавме во ред пред пекарница чија симболика ги надминува границите на нашиот крај.
Љупче е, ако зборуваме за пециво и бурек, но и за неговото енергетско поле, важен за сите Белграѓани. Без оглед на тоа од која страна на Дунав доаѓаат. Независно од тоа дали им е поблиску источната или западната капија на престолнината.
„Пекара Љупче“ е обожаван култ. Меѓу другото, ниту една хипстерска рецензија за белградски бурекчилници не може да помине без таа да се најде на некое од првите три места.
Денес, доколку патот ве однесе во Ботаничката градина, веројатно сте тргнале на џез концерт, промоција на вино, гастро фестивал или фотографирање младоженци. Пред повеќе од три децении, кога јас со кумот Бане правевме авиончиња од хартија, тоа беше „најобичен отворен парк“.
Правлив, неугледен, со кучиња скитници. Место каде со помош на тули импровизиравме фудбалски гол и шутиравме топка. Кога добро ќе ги одеревме колената – испотени и задишани – ќе одевме на бурек кај Љупче. Мајка ми не можеше да ја контролира оваа љубов, па ако беше распродаден празниот бурек, таа од оној со сирење, ми ги вадеше белите делови.
Кога пораснав, преминав на тој со сирење. Попрактичен е. И повкусен. Ако ми падне нивото на сирење во крвта, да знаете дека сум отишол кај Љупче. Не смее да се заборави неговиот колач од мак, кој се зема за носење.
Мислам дека бев шесто одделение, и со Проко и Сречко го чекавме своjот ред за бурек. Пред пекарницата се паркира статусениот симбол за тоа време – џип Mitsubishi Pajero. Од големото маслиново-зелено возило излезе буцкаст пекар, во бела облека прекриена со зрна брашно. Тоа беше Љупче Михајловски, лично.
Како деца не можевме да разбереме дека некој кој прави бурек може да вози џип. Сега кога Љупче извади „море и море“ тепсии со бурек, му посакав не само Pajero, туку ако даде Господ, овој господин, ако тоа го го вози, а го вози, би требало да поседува најразновиден возен парк. Има заслужено.
Не сака многу да зборува, но кога го прави тоа, го прави од стомакот. Секогаш е пријатен. Како секој сосед, исполнет со живот, сака да „фрли фора“. Не може насмеан човек да прави лош бурек.
Сеќавањата ме враќаат и на ситуацијата од пред неколку години. Мојот втор, всушност прв кум – Шоне, беше шеф во „премиум фајн даининг” ресторан во Копенхаген. Кога дојде во Белград да ги посети семејството и пријателите, помина кај Љупче и го замоли да „замеси една тепсија “.
Бурекот подготвен за печење, го вакумираше и го однесен со авион за Скандинавија. Така Данците се запознаа со златната кора од Далматинска улица во Белград.
И сѐ додека ги има тие златни кори, ќе се раскажува за љубовта помеѓу Белграѓаните и нивниот омилен Македонец.
Стефан Тошовиќ
Роден во Белград во 1988 година. Дипломирал на Факултетот за политички науки, на отсекот за новинарство и комуникологија. Работел како новинар во печатени медиуми, главен уредник во BURO и Men’s Health , репортер, соработник во маркетинг агенции и видео продукција.