Новинарката Кристина Озимец неуморно говори и се обидува да ја намали нееднаквоста во новинарството, во управувачките структури на медиумските куќи, да ги покаже недостатоците, да едуцира и да ја смени свеста за положбата на жените во медиумите.
Се занимавате со истражувачко новинарство. Би рекла една од потешките, но и поинтересните аспекти на новинарството. Од каде потекнува желбата за такви приказни?
Желбата поттикнува од љубопитноста да се навлезе под површината и површноста на заклучоците. Честопати, она што го знаеме и гледаме или, пак, што изгледа очигледно, всушност е само еден дел од приказната. Мислам дека најважна е љубопитноста и способноста да се поврзат работите, да се анализира критички ситуацијата и да се дојде до нови сознанија преку што се создава нов контекст, нова реалност што претходно дел од луѓето можеби не можеле да ја имаат на увид или да ја согледаат на одреден начин. Всушност, тука доаѓа до израз нашата работа. Во „отворањето очи“ на јавноста за одредени теми на начин на кој претходно не можеле да ги видат поради тоа што ги немале сите информации, сите страни на приказната или сите детали за одредена тема. Секако, желбата исто така е поврзана и со придонесот во општеството и наоѓањето начин да се помогне на граѓаните. И покрај тоа што сега не е најпопуларна, нашата професија, нејзината суштина, доколку се работи професионално, сепак е благородна. Приказните честопати се однесуваат на нечии животи кои се нашле во одредени проблеми и тешки ситуации поради најразлични причини, често поврзани со нефункционалноста на државата или општеството. Обидот да им се помогне на некој начин на граѓаните и да се служи на јавниот интерес, секако останува главен мотив за работење на оваа професија.
Што најмногу научивте во текот на овие години додека ја градевте кариерата?
Работам веќе десет години како професионален новинар и во нив научив многу, како за новинарството, така и за животот, за нашето општество, за луѓето под ова поднебје. Сè уште учам секој ден и имам голема љубопитност за учење нови работи, сметам дека постојано мораме да се менуваме и дека константното работење на менување е една од најважните работи за еден човек кој сака да оди напред. Дел од најважните лекции што досега ги собрав по пат се како прво новинарската дистанца, што постои за да биде постојан потсетник која е нашата улога во општеството. Ние не сме тука за да навиваме, да ги гушкаме политичарите, да ставаме срциња на нивните статуси на „Фејсбук“ и да водиме кампањи за што било, па макар и тие да создаваат привремена илузија на „одење напред“. Можеби звучи едноставно, но да се биде на дистанца со политичарите и другите интересни групи, нивните послушници, нивните фанови понекогаш е вистински предизвик, а некогаш може да биде и осамена борба, особено во мало општество како нашето и каде што најлесно се функционира во табори и во кланови. Го слушам исто така оној совет дека кога ќе се најдете на страната на мнозинството – време е да ги преиспитате вашите позиции. Втора работа веројатно е – ништо не е онака како што изгледа. Трета, секако, би била – верувај, но провери. Исто така, друга важна лекција е дека речиси и не верувам во пријателства меѓу новинари и политичари. Конфликтот на интерес ќе излезе на површина кога тогаш, обидите за влијанија се неизбежни. Тука повторно се враќаме на важноста на новинарската дистанца, која е постојан потсетник на тоа каде се линиите меѓу двете улоги, за да можеме да му служиме на јавниот интерес.
Во кој правец се движи новинарството кај нас, со оглед на лошата моментална состојба, и каде го наоѓате лекот?
Не знам дали има некаков правец каде се движи новинарството на домашната сцена, да бидам искрена. Не знам ниту дали за него има лекови, барем за она што за дел од јавноста значат зборовите „новинарството кај нас“. Верувам во она во кое јас го вложувам моето време и во она што го работам сега, а тоа е медиумската организација ПИНА. Верувам во нашите проекти преку кои за две години создадовме две програми – Програма за мобилно новинарство и Програма за жени-новинарки и изградивме успешен медиумски бренд – Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, кој веќе имаше три изданија, а оваа година ќе се одржи и четврто издание на големиот медиумски настан. Искрено верувам дека имаме добри идеи што полека но сигурно нудат свеж и различен пристап, како во медиумскиот сектор, така и во граѓанскиот сектор. Да не споменувам што сите овие работи што ги работиме се создадени со минимални средства, во споредба со финансиите што се потребни за да растат, да се развиваат и да бидат квалитетни производи. Во нашиот случај засега се покажува дека сепак се возможни промени кога се работи она што се сака и кога се има визија за тоа како треба да се развива една организација, на која главна цел ѝ се резултатите. Сè уште бараме поддршка за развој на медиумски содржини и наскоро се надеваме дека ќе можеме да покажеме дел од нашите идеи и на тоа поле. Нашиот лек е да вклучиме колку што е можно повеќе млади новинари во нашите програми, да им понудиме алатки за развој на нивните вештини, а потоа од нив да извлечеме различен пристап во изработка на медиумските продукти од она што е достапно во мејнстрим-медиумите. На тој начин веруваме дека се можни промени во квалитетот на новинарските содржини, како и преку развојот на вештините кај новинарите од аспект на современите техники на работење новинарство, што не се на завидно ниво, за жал. Верувам во нови идеи, свеж пристап и современи луѓе кои имаат визија за развој, знаат што сакаат и не се плашат да работат за да го постигнат тоа. И ова последново е реткост во ваква средина.
Освен истражувачки теми за кои имате добиено многу признанија, ја основавте ПИНА (Платформата за истражувачко новинарство и анализа), организација што е составена и управувана од жени-новинарки. Каде ја лоциравте потребата ПИНА да биде само „женска“?
Во ПИНА секако дека се добредојдени сите наши колеги, каков и да е нивниот род. Кога се собравме со колешките за да ја формираме ПИНА, всушност „женскиот“ аспект можам да кажам и дека го немавме согледано и се собравме со сосема други идеи и цели поврзани со новинарството. Тие идеи постојано еволуираат, а како што еволуираме и ние, така се менуваат и се развиваат секако и организациските приоритети. По пат, кога почнавме да споделуваме идеи, предизвици и проблеми сфативме колку е важен и овој аспект во медиумите и дека со оглед на тоа што никој посериозно не се зафатил со тематиката, би можеле ние да го дадеме нашиот придонес на темата најдобро знаеме и умееме. Сфативме дека, случајно или не, сите што се собравме, сакајќи да основаме нешто ново и свежо, бевме новинарки. Ги знаевме нашите предизвици и нашите проблеми со кои се соочуваме со медиумите. Потоа дојде и идејата за формирање на Програмата за жени-новинарки во која се вклучени петнаесетина новинарки во двата модула на програмата, за мобилно и за мултимедијално новинарство. Целта на програмата е да придонесе во уште поголем развој на вештините на новинарките за понезависно функционирање во медиумската сфера што се надеваме дека ќе придонесе и во нивниот пат кон уредничките и менаџерските позиции во медиумите. Истовремено, преку нивниот пристап во изработка на медиумските теми, како и изборот на темите, во фокус се ставени проблеми што понекогаш се запоставуваат во мејнстрим-медиумите. Токму преку нашата работа, повторно ја актуализиравме темата за позицијата на новинарките во општеството, кои, кога се работи за лидерските позиции во медиумите, ги нема во ист број колку мажите. Всушност, доминантно, медиумите се поседувани како и водени од мажи, што секако влијае и на крајните производи што публиката има можност да ги види на овие водечки медиуми. Дебати и прилози исклучиво со размислувањата на мажите се секојдневие и најнормална работа, додека во странство соговорниците самите често имаат доволно свест да не прифатат учество доколку дискусијата е исклучиво машка. Многу од новинарите, за жал, мислам дека не ги согледуваат дел од проблемите низ оваа призма. Дискусијата за тоа како да ја промениме оваа ситуација допрва почнува. ПИНА ја гледаме како простор во кој новинарките ќе имаат уште подобра шанса за развој на своите лидерски, менаџерски, уреднички и други вештини што ќе ја подобри нивната позиција во медиумската сфера.
Отворено зборувате за нееднаквостите со кои се соочуваат новинарките во Македонија. Кои се најголемите неправди со кои се соочуваат жените-новинарки?
Генерално, нашата професија е мошне комплицирана и самата честопати носи одредени опасности и ризици. Новинарите често се предмет на закани, вознемирувања, притисоци при работењето на нивната работа. Ние живееме во мачо-општество во кое сексизмот и шовинизмот сè уште ги има на сите страни. Редакциите во нашата земја пресликуваат дел од проблемите што ги има и во други делови на општеството и дел од тие проблеми се поврзани токму со сексизам, со хомофобија, шовинизам, разни видови дискриминација. За жал, во изминатите години многу имам слушано за сè и сешто во најразлични редакции, работи што биле кажани „на шега“, но и на најнавредлив начин кон одредена група граѓани. Значи, зборуваме за луѓето кои треба да го формираат јавното мислење и да ја едуцираат публиката во насока на демократски развој, а постојано прават глупави сексистички или хомофобични шеги или непристојни коментари кон дел од своите колешки/колеги. Како што споменав, менаџерските позиции и позициите каде што се носат крајните одлуки, за жал, во многу медиуми сè уште доминантно се носени од мажи. На телевизија, за водечките политички теми често зборуваат исклучиво мажи. Затоа, кога некој ќе каже немало што да се дискутира „женскиот момент“ во новинарството, искрено сум шокирана од игнорантноста на таа личност, бидејќи очигледно ѝ недостига добро да се информира. Секако, да не го заборавиме и онлајн-вознемирувањето и булингот со кој се соочуваат новинарките на социјалните мрежи, што често е поврзан и со сексуално вознемирување.
Жените се охрабрија јавно да зборуваат за булинг, сексуални вознемирувања, силувања… Кампањите #Сегакажувам, #Зоштонепријави, па настаните со непријатната група „Јавна соба“, беа доволни за свеста во однос на женските тела да мрдне од мртва точка. На што е резултат ова и на кое ниво е кај нас отфрлањето на предрасудите, виктимизацијата, несоодветното образование, недостатокот од точни информации, со еден збор до каде е почитувањето на девојките и жените?
Па, последниот пример со „Јавна соба“, за жал, уште еднаш потсети како ова општество ги третира жените и девојките. Дискусијата дури се префрли кај нивниот морал, па како завршиле тие голи на интернет и кај распадот на толку посакуваните семејни вредности, на чиешто негување изгледа се посветени дел од многубројните членови во групата, кога не се онлајн. Наместо да се бара одговорноста за тие лица кои ги ставиле девојките во ваква позиција, кои ги злоупотребиле на најужасен начин, ја урнале нивната приватност и потоа ги изложиле на сексуални напади и вознемирување пред илјадници луѓе и притоа прекршиле неколку закони. Мислам дека почитта кон жените е на ниско ниво во реалноста и зависи за која реалност зборуваме, за кои средини дискутираме. Ние, често, и на фестивалот, но и на други активности, разговараме за тоа како функционираат социјалните мрежи и дигиталниот свет и затоа не можеме да бидеме сигурни колку она што се дискутира на нив до каде стигнува во реалните средини, дали ги надминува нашите дигиталните меури. Сепак, нема подобар начин за подобрување на свеста во однос на третманот кон жените од кревањето на гласот и јавно говорење за проблемите со кои се соочуваме.
Според вас, што ѝ е потребно на Македонија за да излезе од магичниот круг на лажење, манипулации, корупција, крадење, понижување и загаден воздух како шлаг на тортата?
Претходно се обидував да дадам одговор на ваквото прашање, но сега доволно разбирам за да знам дека дел од овие работи ќе постојат секогаш. Ќе има лажење, ќе има манипулации, крадење, понижување и загадениот воздух ќе биде тука и следната зима. Но, можеме да го промениме нашиот пристап кон споменатото, нашите реакции кон она што се случува околу нас. Исто така, можеме, како што тоа и веќе добро го прават неколку граѓански иницијативи, да станеме сè посвесни и погласни за проблемите како оној со загадениот воздух и да бидеме упорни во барањето решенија, без разлика кој е на власт. Една од најдеструктивните работи во оваа средина е да се гледа проблемот низ призма на омилената партија или омилениот политичар, што веднаш го прави воздухот за малку понезагаден од пред неколку години.